Групација на пазари при Стопанската комора на Македонија -ВО СОРАБОТКА СО ИНСПЕКЦИСКИОТ СОВЕТ ДО НАДМИНУВАЊЕ НА НЕЛЕГАЛНАТА ТРГОВИЈА ОКОЛУ ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ

   

АКТУЕЛНО / 14.05.2014
👁 Прочитано: 899


Групација  на пазари при Стопанската комора на Македонија  -ВО СОРАБОТКА СО  ИНСПЕКЦИСКИОТ СОВЕТ ДО  НАДМИНУВАЊЕ НА НЕЛЕГАЛНАТА ТРГОВИЈА ОКОЛУ ЗЕЛЕНИТЕ ПАЗАРИ

        Групацијата на пазари во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија, одржа состанок на кој една од темите беше да добијат подетална информација за надлежностите и работата на Инспекцискиот совет и улогата на инспекторите во решавање на проблемите со кои се соочуваат организаторите на пазарите (со посебен акцент на проблемот со дивите пазарџии).


        На состанокот беше поканет и присуствуваше и претседателот на Инспекцискиот совет, господинот Ванчо Каргов, кој ги информираше присутните претставници на организаторите на пазари за работата на Советот.  За таа цел, тој посочи дека во рамки на овој совет ќе бидат координирани 14 инспекторати и 15 организациони единици кои ќе останат да функционираат како дел од државни институции или агенции. Инспекторатот нема да има координација над инспекторатите на локално ниво, како и над оние кои се во рамки на независни агенции или регулаторни тела.
         Инспекцискиот совет, објасни Каргов пред присутните претставници на организаторите на пазари, ќе има за цел покривање на 6 области и повеќе задачи:
- Координација на инспекцискиот надзор и системска анализа на ризикот;     
- Анализа на оценка на методологијата на инспекцискиот надзор;
-Хармонизација на законите (200 закони ја третираат областа инспекција по разни основи, со 50 видови инспекциски служби и над 800 инспектори).
Претседателот на Инспекцискиот совет откако ги слушна размислувањата и забелешките  од претставниците на организаторите на пазари на состанокот, предложи да се конципира материјал со конкретни предлози кои заедно со Инспекцискиот совет ќе бидат предмет на разговори, анализи, решавање.   Организаторите на пазари, во најголем дел од своите дискусии како еден од најгорчливите проблеми го посочуваат нелегалното тргување околу зелените пазари, што претставува „сива“ економија и нелојална конкуренција за легалните закупци на тезги кои се лоцирани во рамките на самите пазари, што за нив претставува и губење на дел од работата, бидејќи има тезгаџии кои ги откажуваат тезгите и излегуваат да продаваат надвор од просторот на организаторите на пазарите. Сето ова повлекува и намалување или губење на дел од приходите во државната каса, бидејќи помалку пари по основ на давачки влегуваат во буџетот од организаторите на пазари, а нелегалните продавачи пак не плаќаат никакви придонеси и даноци во државната каса.


          Организаторите на пазари, на денешниот состанок разговараа и по последниот консолидиран текст на Предлог-законот за трговија на зелени пазари, кој според информациите добиени од Министерството за економија, на 12 мај 2014 година, е објавен на ЕНЕР со рок до 22 мај 2014 година да се дадат забелешки по истиот. Организаторите на пазари на состанокот посочија дека последниот Предлог-закон во најголем дел ги има инкорпорирано досегашните забелешки на Групацијата на пазари и дека постои задоволство од понудениот предлог-текст. Но сепак, беше решено дека во овој меѓу период до 22 мај 2014 година уште еднаш работна група од Групацијата за пазари да го разгледа текстот и доколку има потреба да даде забелешки.


                                                                            Даниела Михајловска Василевска