Македонската енергетска асоцијација - MEA расправаше за проблемите со кои би се соочиле компаниите при евентуален прекин на снабдувањето со природен гас заради состојбите во Украина - ПОТРЕБНО Е ДА СЕ РАБОТИ НА ИЗНАОЃАЊЕ РЕШЕНИЕ ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ЕВЕНТУАЛНАТА ГАСНА КРИЗА

   

АКТУЕЛНО / 12.05.2014
👁 Прочитано: 957


Македонската енергетска асоцијација - MEA расправаше за проблемите со кои би се соочиле компаниите при евентуален прекин на снабдувањето со природен гас заради состојбите во Украина - ПОТРЕБНО Е ДА СЕ РАБОТИ НА ИЗНАОЃАЊЕ РЕШЕНИЕ ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ЕВЕНТУАЛНАТА ГАСНА КРИЗА

          Поучени од минатата гасна криза, Македонската енергетска асоцијација - MEA ги собра на работен состанок сите потрошувачи на природен гас во Република Македонија и заинтересираните страни  (12.5.2014 година). Целта на работниот состанок  беше да се воочат проблемите со кои би се соочиле компаниите-потрошувачи  на природен гас при прекин на снабдувањето и можните алтернативи за решавање на истите, а исто така и воочување на големината на проблемот, односно бројот на потрошувачи на гас кои не можат да го супституираат гасот со друг енергенс .

   На состанокот беше констатирано дека еден број на компании немаат алтернатива за природниот гас, т.е. при сопирање на гасот тие ќе ги затворат производните капацитети и ќе ги отпуштат вработените.

    Можните решенија за надминување на гасната криза се комплексни и сложени и бараат голем временски период за реализирање, а исто така и големи финансиски средства. Решенија за избегнување на гасната криза се изградба на резервоар за гас, што во Македонија е тешко изводливо поради немање на рудници на камена сол, и исцрпени наоѓалишта на природен гас кои би се користеле како резервоар. Единствен можен резервоар на природен гас е магистралниот гасовод, кој во моментов може да продолжи со снабдување со природен гас уште 2 до 6 дена во зависност од потрошувачите и нивната потрошувачка.
    Сепак, со оглед на ситуацијата и обезбедените финансиски средства за намирување на долгот на Украина кон „Газпром“ за потрошениот гас, прогнозите се оптимистички, односно  нема да дојде до гасна криза.

     Исто така, беше истакнато дека Македонија треба да работи на изнаоѓање  решение за избегнување на гасна криза во иднина во насока на приклучување на други гасоводи, односно можности за приклучување во повеќе приклучни точки од различни гасоводи, како и на обезбедување резервоар на природен гас кој ќе може да обезбеди снабдување со гас во некој подолг период.
       Македонската енергетска асоцијација заклучи  во најкраток можен рок да  изготви анализа за можните последици од гасна криза на македонското стопанство, од која ќе може да се согледа големината на проблемот ако дојде до прекин на испорака на природниот гас.


Перо Авакумовски