Бизнис-средба меѓу компании од Вардарскиот плански регион од Република Македонија и Јужниот, Северниот и Западниот регион од Косово - ЗАЕДНИЧКИ ВО КОРИСТЕЊЕ СРЕДСТВА ОД ЕУ-ФОНДОВИТЕ И ВО ОСВОЈУВАЊЕ НА ТРЕТИ ПАЗАРИ

   

➤ АКТУЕЛНО (03.04.2014)
👁 Прочитано: 1395


Бизнис-средба меѓу компании од Вардарскиот плански регион од Република  Македонија и Јужниот, Северниот и Западниот регион од Косово - ЗАЕДНИЧКИ ВО КОРИСТЕЊЕ СРЕДСТВА ОД ЕУ-ФОНДОВИТЕ И  ВО ОСВОЈУВАЊЕ НА ТРЕТИ ПАЗАРИ

            Стопанската комора на Македонија преку регионалните комори со седиште во Кавадарци и во Велес, а во соработка со Фондацијата за одржлив еконмски развој ПРЕДА Плус од Прилеп и Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, организираа Бизнис-средба меѓу компании од Вардарскиот плански регион од Република Македонија и Јужниот, Северниот и Западниот регион од Косово (3.4.2014 година). Во присуство на бројни компании од земјава и од соседно Косово, средбата се одржа во просториите на „Фени индустри“ во Кавадарци.

На средбата обраќање имаа градоначалници од овој регион. Славко Чадиев, градоначалник на Велес, го подвлече очекувањето овие средби да придонесат за подобрување на меѓусебните релации на бизнисот со цел зголемување на инвестициите за поголем економски развој. Градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, посака воспоставување соработка на компании од двете страни на границата за настап и на домашните мали пазари, но особено за  заеднички настап на европски и на други пазари. Маријана Милевска, директор на Фондацијата за одржлив економски развој Преда Плус од Прилеп, го изрази задоволството од присутните над 30 косовски и македонски компании кои ја договараа нивната идна соработка. Според неа, фактот што се тука и претставниците на локалните самоуправи и разни други институции кои се во функција на бизнисот, треба да овозможат компаниите од двете земји да ги зајакнат меѓусебните релации и заеднички да остварат подобри извозни резултати.


Валентин Хоџа, директор на Центарот за регионален развој на јужно Косово, посака поголема соработка со македонските компании, притоа нагласувајќи дека главната цел е успешен извоз на компаниите од двете земји.
Домаќинот на средбата, Митко Јанчев, претседател на Регионалната комора со седиште во Кавадарци, на присутните претставници од бизнис-заедницата на двете држави им посака деловните контакти да им бидат успешни и – одржливи. Општа беше согласноста дека вакви средби треба почесто да се одржуваат, особено на регионално ниво.

- Меѓу Македонија и Косово има огромен потенцијал за економска соработка, но владите и приватниот сектор мора да работат поинтензивно за да се подобрат билансите. Економската соработка меѓу Македонија и Косово треба да се подигне на повисоко ниво, укажувајќи на важноста на Косово како трговски партнер на нашата земја. Позитивната економска размена меѓу двете земји се` повеќе се должи на директниот контакт меѓу македонските и косовските бизнисмени, а не како резултат на добрата и традиционална соработка меѓу двете влади, - оцени Трајче Трајков, претседател на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Велес во воведното излагање на средбата.


Бројките покажуваат дека вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Косово  во  2013 година достигна вредност од 306 милиони САД $. Но, тоа  претставува пад од -37,5% во однос на истиот период од претходната година. При тоа, остварен е извоз во вредност од 276 милиони САД $ или пад од 41,9%, додека увозното салдо изнесува 29,7 милиони САД $ или зголемување од 3,9 % споредбено со 2012 година. Во вкупната надворешно-трговска размена на Република Македонија со Република Косово, за 2013 година остварен е суфицит од 246,6 милиони САД $. Република Косово е деветти трговски партнер на Република Македонија за  2013 година.

Во агендите на Стопанската комора на Македонија и Стопанската комора на Косово набележани се неколку приоритети од чие реализирање значително ќе зависи подобрувањето на бизнис-релациите и зголемувањето на економската соработка и размената меѓу двете земји. На врвот се,  секако,  инфраструктурните зафати. Притоа, се истакнува потребата од унапредување на патната и железничката инфраструктура, поврзување на Република Македонија со автопатот Приштина - Скопје, оспособување на граничниот премин Јажинце за товарен сообраќај, што не е само од билатерално значење, туку е и од регионално – побрзо поврзување со пристаништата во Бар и во Драч и пристаништето во Солун, а во иднина и поврзување со Јадранско-јонскиот коридор.

На средбата е побарано да се забрза реализацијата на изградбата на интерконективната врска на далеководот Македонија - Косово, како од аспект на регионално вмрежување, така и од аспект на оптимизација на енергетските извори, поврзано со климатските промени. Оценето е дека гасификацијата и гасоводното вмрежување битно ќе влијаат врз конкурентноста на регионалната трговија и врз привлекувањето странски инвестиции. Приватниот сектор, беше споменато,  е заинтересиран за што побрзо обезбедување услови за изградба на мали хидроцентрали.


- Порастот на регионалниот извоз на традиционалните пазари на ЕУ, и на нови алтернативни  пазари, несомнено ќе биде можен и очекуван преку заеднички настап на компании од регионот на трети пазари, учество на меѓународни тендери, надминување на проблемите со транспортната инфраструктура и побрзо подобрување на железничкиот, патниот и водниот транспорт во регионот. Неопходно е заедничко финансирање на производството и трговијата,  реализација на потенцијални развојни проекти, како индивидуални, така и на проекти за заеднички настап, обука на кадри за следење на новите технологии, надминување на постојниот дефицит од одредени специфични профили во конкретни дејности, соработка во изработка на заеднички проекти со цел поголемо искористување на средставата од ЕУ-фондовите, – додаде Трајче Трајков.

При дводневниот престој на деловните луѓе од Косово, тие имаа бројни билатерални средби со своите домаќини, а ќе ги посетат и компаниите „Кожувчанка“ и винарницата „Стоби“.

Александра Велкова
Анета Околиќ