Конституирана Групација на сува градба - ЗАЕДНИЧКИ ПОЛЕСНО ДО СПРАВУВАЊЕ СО НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА
➢ Актуелно (29.01.2014)
👁 Прочитано: 1532




Конституирана Групација на сува градба - ЗАЕДНИЧКИ ПОЛЕСНО ДО СПРАВУВАЊЕ СО НЕЛОЈАЛНАТА КОНКУРЕНЦИЈА

        Повеќе компании кои работат во дејноста на сува градба, беа иницијатори за повторно конституирање на Групацијата за сува градба при Стопанската комора на Македонија. Притиснати од проблемите со кои се  соочуваат во работењето, се` почестата, пред се’, нелојална конкуренција oд физички лица кои се вклучуваат во монтажа на гипсени производи, но и залагање за донесување на нормативи за оваа дејност, ги формираа  почетните чекори за работењето на Групацијата.

На седницата одржана на 28.01.2014 година, беше избран Управен одбор, составен од седум члена. За претседател беше избран Иван Слафкоски од „Лимпинг”, а за потпретседател Коле Битровски од „Омега”  и двете фирми  од Скопје.

На седницата беа усвоени повеќе документи, како што се:  Правилата за организација и начин на работа на Групацијата за сува градба, Кодексот на етичко однесување во работењето на правните субјекти од дејноста на сува градба и други. За Кодексот беше договорено, забелешките од страна на присутните  да бидат доставени до Комората, а на наредната седница на Управниот одбор, закажана за 4 февруари 2014 година, да се разгледаат и доколку има потреба да се вградат во текстот.


На седницата,  меѓу другото,  беше  констатирано дека има потреба од заеднички седници барем еднаш месечно, при што Управниот одбор ќе го предлага дневниот ред, дополнет и со барање на членките. Приоритет на Групацијата на сува градба во наредниот период ќе биде и анимирање и зајакнување на членството, запознавање со активностите кои ќе престојат, како и иницијативите кои ќе се покренуваат до надлежните институции за заокружување на регулативата, со посебно внимание при донесување на техничките нормативи за сува градба.

Марија Петроска