Македонската енергетска асоцијација расправаше по Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2014 до 2018 година - РЕАЛЕН ПРИКАЗ НА ПОТРЕБИТЕ ОД ЕНЕРГИЈА И МОЖНОСТИТЕ ЗА НИВНО ЗАДОВОЛУВАЊЕ

   

АКТУЕЛНО / 13.12.2013
👁 Прочитано: 1446


Македонската енергетска асоцијација расправаше по Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2014 до 2018 година - РЕАЛЕН   ПРИКАЗ НА  ПОТРЕБИТЕ ОД ЕНЕРГИЈА И МОЖНОСТИТЕ ЗА НИВНО ЗАДОВОЛУВАЊЕ

        Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија на денешната седница (13.12.2013година) го разгледа  Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2014 до 2018 година. Во своето обраќање пред стопанствениците, претставниците на институциите од енергетскиот сектор и пред претставниците на научната јавност, министерот за економија во Владата на Р. Македонија, м-р Ваљон Сарачини истакна дека Владата на Република Македонија во изминатиот период донесе повеќе стратешки документи од областа на енергетиката, чија што главна цел е да се утврдат стратешките цели во областа на енергетиката - обезбедување на сигурно безбедно и квалитетно снабдување со сите видови енергија.

 


За реализација на поставените стратешки цели (модернизација на постојната и изградба на нова, современа инфраструктура за потребите на производство и користење на енергијата, подобрување на енергетската ефикасност, користење на домашните ресурси за призводството на електрична енергија, зголемување на користењето на природниот гас и на обновливите извори на енергија, воспоставување на економска цена на енергијата и за интегрирање на енергетскиот сектор на Република Македонија во регионалниот и европскиот пазар на електрична енергија и природен гас мора да се преземаат паралелно мерки од повеќе области на енергетиката со кои ќе се намалат увозната зависност на Република Македонија од енергија и енергенси, изградба на нови објекти за производство и пренос на енергија кои се економски и финансиски оправдани и друго, истакна во своето излагање министерот Сараќини. При тоа, главна активност на Владата на Република Македонија е да создаде стабилна правна рамка усогласена со законските и подзакоснките акти од сите сектори, а во насока на создавање на погодна клима за инвестиции во енергетскиот сектор.


Финалната потрошувачка во 2013 година во однос на планот за 2013 година е за 8,6% помала, при што кај сите видови енергија и енергенти има намалување освен кај природениот гас каде се забалежува зголемување на реализацијата во однос на планот за 2013 година и тоа за 3,4%.  Најголемо влијание на отстапувањето има кај нафтените деривати (9,7%), електричната енергија (8,7%), коксот (11,7%) и други. Најголемо учество во финалната потрошувачка на енергија има електричната енергија околу 40%, нафтените деривати околу 40% и останатите 20% се другите облици од енергија.


Во периодот од 2014 година до 2018 година се очекува финалната потрошувачка на енергија да расте со просечна годишна стапка, во однос на 2013 година, од 2,3 %/год, при што во 2014 година потребите од енергија се поголеми во споредба со 2013 година за 4,4%. Во 2014 година се предвидува пораст на потрошувачката на сите видови енергија и енергенти, при што најголем пораст се очекува кај природниот гас (38,8%) и геотермалната енергија  (17,5%) додека за останатите видови порастот е помал од 5%.

 


Вкупните потреби од примарна енергија растат во текот на целиот период со просечна стапка (во однос на 2013 година) од 2,6%/год. Најголем пораст се очекува кај природниот гас (13,9%/год) и кај коксот (11,9), додека кај останатите облици на енергија просечниот пораст е помал од 4%/год.


Вкупните потреби од енергија во 2014 година ќе се обезбедат со 57,5% од домашни извори и 42,5% од увоз. Од увоз се обезбедува природниот гас, суровата нафта, како сушен лигнит и одредени количини на електрична енергија.
Во дискусијата од страна на „Електрани на Македонија“ беше посочено дека се целосно подготвени и планираат да го реализираат планираното производство на електрична енергија од 5.800 GWH, од кои 1.100 GWh електрична енергија ќе се обезбеди од хидроелектраните. Од средината на следната година АД ЕЛЕМ очекува за започне со производство на ветерна електрична енергија.

Со реализирани и планирани активности  компаниите МЕПСО  и ЕВН Македонија се подготвени да ги снабдат потрошувачите со електрична енергија. Се очекува континуирано снабдување на потрошувачите со нафтени деривати, беше истакнато од страна на претставник на ОКТА. Од страна на независниот производител на електрична енергија, Те-То АД - Скопје беше нагласено дека реализацијата на производствените активности ќе зависи од паразните движења, цената на електричната енергија и на природниот гас.

Претседателот на МЕА, проф. Кочо Анѓуше истакна дека реализацијата на овој рамковен документ реално ќе зависи од процесите на економските движења во државата и од односот на цените на одделни видови енергија. Но, единствена е оценката дека на расправа беше понуден квалитетен Енергетски биланс за приодот од 2014 до 2018 година, којшто реално ги прикажува вкупните потреби од енергија и можностите за нивно задоволување од домашно производство и од увоз.

Зорица Мешкова