Во Стопанската комора на Македонија одржан првиот Форум за обновливи извори на енергија -ОЛЕСНУВАЊЕ НА ПРИСТАПОТ ЗА ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ ИНВЕСТИТОРИ, НО И ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

   

АКТУЕЛНО / 27.11.2013
👁 Прочитано: 940


Во Стопанската комора на Македонија одржан првиот Форум за обновливи извори на енергија -ОЛЕСНУВАЊЕ НА ПРИСТАПОТ  ЗА ПОТЕНЦИЈАЛНИТЕ ИНВЕСТИТОРИ, НО И ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

         На 27 ноември 2013 година, Проектот на УСАИД за инвестиции во обновливи извори на енергија, во соработка со  Групацијата на производители на обновливи извори на енергија во рамките на Стопанска комора на Македонија и Балканската програма за обновливи извори на енергија на Меѓународната финансиска корпорација, го организираа првиот од серијата  форуми на чинители и засегнати страни во областа на обновливи извори на енергија.  Иницијативите кои ќе произлезат од овој форум ќе придонесат за подобрување на законската и регулаторната рамка за инвестирање во оваа област и ќе помогнат за решавање на проблемите со кои се соочуваат инвеститорите. 

-Ако сакаме да видиме поголеми инвестиции и искористување на богатите обновливи извори кои ги поседува Македонија – како што се ветерот, сончевата енергија, водите или биогасот – потребно е да се олесни процесот за потенцијалните инвеститори, без притоа да се доведе во прашање зачувувањето на животната средина, – изјави Џејмс Стајн, директор на Мисијата на УСАИД во Македонија во своето обраќање пред присутните.

Министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми оцени дека има простор за подобрување на законската и подзаконската регулатива, како и за роковите за добивање дозволи и во таа насока ја изрази подготвеноста во рамките на надлежностите да ги разгледаат предлозите од инвеститорите.

Пред присутните се обрати и Небојша Арсенијевиќ, програмски менаџер на Балканската програма за обновливи извори на енергија на Меѓународната финансиска корпорација кој истакна дека тие соработуваат со Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање, како и со други клучни чинители, почнувајќи од 2012 година. 


-Нашата програма воспоставува партнерства со локални и меѓународни инвеститори во обновливи извори на енергија и се стреми да ги унапреди нивните технички решенија и можноста за кредитирање на инвестиционите проекти,  – изјави  Арсенијевиќ.

-Се надеваме дека постојните инвеститори во обновливи извори на енергија, коишто имаат значително искуство, ќе дадат свој придонес во дискусиите, и ќе понудат сугестии за подобро отпочнување и имплементација на проекти, – истакна Кочо Анѓушев, претседател на Групацијата на производители на обновливи извори на енергија при Стопанска комора на Македонија. -Малите хидроелектрани кои се во фокусот на Форумот секако дека нема да можат да го решат проблемот со електричната енергија во државата, но 120 мали хидроелектрични централи ќе произведуваат електрична енергија колку Козјак и Св. Петка заедно.

Главната цел на Форумот е да се овозможи на едно место да се соберат сите чинители и засегнати страни во областа на обновливи извори на енергија,  вклучително  лица кои работат на развој на проекти, инвеститори, локални организации, претставници од релевантни министерства, агенции и меѓународни донатори и да се генерираат нови иницијативи и предлози за законски решенија.  


Согласно поставените теми на Форумот беа презентирани и дискутирани Анализата со наоди и препораки за отстапките за изградба и работа на централи за производство на електрична енергија од обновливи извори, Договорот за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи, Договорот за набавка на електрична енергија произведена од МХЕЦ во Република Македонија и Договорот за приклучок наменет за приклучување на МХЕЦ во Република Македонија.

Групацијата на обновливи извори на енергија во рамките на Македонската енергетска асоцијација, претставувајќи ги интересите на своите членки,  ќе ги продолжи активностите во Проектот на УСАИД за инвестиции во чиста енергија, којшто има  цел да се зголемат инвестициите во производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија,  да се намали вкупната потрошувачка на енергија и емисијата  на стакленички гасови.  

Перо Авакумовски
Зорица Мешкова