Обраќање на м-р Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија пред бизнис заедницата - ЗГОЛЕМЕНАТА ПАРИЧНА МАСА ЌЕ ДОВЕДЕ ДО ЗГОЛЕМЕНО КРЕДИТИРЊЕ

   

АКТУЕЛНО / 11.11.2013
👁 Прочитано: 1101


Обраќање на м-р Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Република Македонија пред бизнис заедницата - ЗГОЛЕМЕНАТА ПАРИЧНА МАСА ЌЕ ДОВЕДЕ ДО ЗГОЛЕМЕНО КРЕДИТИРЊЕ

          Гувернерот на Народната банка на Република Македонија, м-р  Димитар Богов пред  членките на Стопанската комора на Македонија ги презентираше  проекциите  за наредниот период. Економијата ќе ги натфрли очекувањата,  а Народната банка на Република Македонија е  оптимист во остварувањето на овие проекции. Ги корегираше проекциите за раст на бруто домашниот производ на 3,3 отсто наместо првичните 2.3 отсто за годинава.  Се очекува да  следува и забрзување на темпото – зголемување од 3.7 отсто  во 2014-та и 4.4 отсто во 2015-та. Не се исклучува  во текот на следната година  да дојде и до одреден раст на вредноста на  доларот .


-Подобрените остварувања во првата половина од годината упатуваат дека остварениот раст оваа година ќе биде повисок, но факторите остануваат истите кои што го движеа растот оваа година. Тоа е главно извозот креиран од новите странски директни инвестиции и јавните инвестиции ,  - рече во својот  говор  м-р Димитар Богов.

Според  првиот човек на Централната банка се очекува да растат и странските инвестиции кои  годинава ќе бидат 2.7 отсто од БДП, а в година 4 отсто или околу 330 милиони евра. Проекциите за инфлацијата остануваат исти – 2.8 отсто во 2013-та, 2.3 отсто во 2014-та и 2 отсато  во 2015-та.  Пред  деловните луѓе  гувернерот  посочи дека оптимизмот го темели на подобрите остварувања во првата половина од годинава, потоа извозот креиран од новите странски и јавни инвестиции, како и придвижувањето на личната потрошувачка.

 НБРМ  очекува комерцијалните банки да го засилат кредитирањето во следниот период откако постепено почнаа да се ослободуваат од лошите пласмани.
Сепак,  Богов во  обраќањето  рече дека ризиците однадвор се сеуште се присутни,  па состојбите ќе зависат и од европските и светски трендови. Во однос на задолжувањата  гувернерот со став:

-Долгот на државата не е проблематичен, но Владата треба повеќе да позајмува од странските, а не од домашниот финансиски пазар.Сервисирањето на надворешниот долг воопшто не треба да се доведува во прашање. НБРМ има доволно девизни средства и во своите проекции води сметка за обврските кои што достасуваат во  наредниот период .

Проекциите зависат од закрепнувањето на светската, а пред се на европската економија. Ризиците од евентуални странски притисоци остануваат. Народната Банка во математиките вклучила очекувања за намалување на глобалните предизвици.

Пониски камати и долгорочни кредити за капитални инвестиции, се клучните барања на компаниите кои  ги изнесо нивните претставници пред гувернерот по неговото излагање.

Изградба на хали, погони, машински паркови,... е невозможно со краткорочни заеми до пет или седум години, сметаат бизнисмените. Рочноста на кредитот е многу важна за негова исплатливост зашто значи истиснување на кешот, на обртните средства од компанијата.

- Ако сте притиснати да го вратите кредитот за максимум седум години, ќе ја изгубите флексибилноста, кеш портфолиото, обртните средства. Сте вложиле, но инвестицијата ќе почне да ви се исплаќа дури кога ќе го вратите кредитот, по седум години, а дотогаш ќе застари технологијата, рече Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје.

Ако кредитот оптоварува на пократок рок повеќе отколку што компанијата може да издржи, тогаш, истакна Рафајловски, не е добар. Ќе биде исплатен, но развојот на бизнисот нема да е според предвиденотo.

Освен каматите, како што нагласи бизнисменот Шефки Алити, на фирмите голем проблем им се и високите провизии.

- Во однос на соседните држави, Косово, Бугарија и Албанија, имаме највисоки каматни стапки за кредитите, но и највисоки провизии. Народната банка треба да делува кај банките да ги ревидираат каматите и провизиите за да живнат малите и средните претпријатија, посочи Алити. Од кредитот вреден 100.000 евра што го зел, плаќа, како што истакна, 28.000 евра камата, а провизиите се секојдневни во прометот.

Гувернерот подвлече дека намалувањето на каматите е можно само ако се намали цената на изворите на финансирање на банките.

- Каматните стапки што моментно ги нудат банките се историски најниски, околу седум отсто, но во споредба со другите земји, бројката е повисока. Во овој сегмент, многу важен фактор се изворите на средства што банките ги користат. Ако тие обезбедуваат пари со пониски камати, така и ќе ги пласираат, истакна Богов. Тој оцени дека обезбедувањето долгорочни кредити е комплексно прашање за кое клучна улога треба да имаат развојните банки.

 


   Горазд Чомовски