Јавна расправа по втората верзија на Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини - УСОГЛАСУВАЊЕ НА СТАВОВИТЕ ОКОЛУ РИГОРОЗНА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

   

АКТУЕЛНО / 05.09.2013
👁 Прочитано: 1270


Јавна расправа по втората верзија на Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини - УСОГЛАСУВАЊЕ НА СТАВОВИТЕ ОКОЛУ РИГОРОЗНА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

      Стопанската комора на Македонија преку Македонската енергетска асоцијација и Министерството за животна средина и просторно планирање, како иницијатор за донесување на Закон за контрола на емисии од испарливи органски соединенија, на 5 септември 2013 година одржаа јавна расправа по  II верзија на Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини.
      Јавната расправа, на која  учествуваа претставниците на реалниот сектор - економски оператори со нафтени деривати,  заедно со   институции  и  невладини организации како засегнати страни од оваа регулатива,  ја отвори  Абдилаќим Адеми,  министер за животна средина и просторно планирање.
       -Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот на оваа година ја започна постапката за донесување на Закон за контрола на емисии од испарливи органски соединенија при користење на бензини, а на оваа, втора јавна расправа, се презентира текст во кој се вметнати забелешките од бизнис-секторот и другите засегнати страни од оваа законска регулатива. Целта на оваа дебата е уште еднаш заеднички да го разгледаме Предлог-законот и да ги усогласиме нашите ставови, се` со цел да обезбедиме непречено негово  спроведување, -  истакна Адеми.


        Во законот се вградени две директиви на ЕУ: Директива за контрола на емисии од испарливо органско соединение (VOC) кои произлегуваат од складирање на бензин и негово дистрибуирање од терминалите до бензинските станици и Директива за Фаза II рекуперација на бензинска пареа за време на полнење на моторни возила со гориво на бензинска станица.

        Законот го регулира испарувањето на бензини што произлегува од бензинските станици, при транспортот на бензините и од инсталациите за складирање на бензините кај терминалите. Имено, со Предлог-законот се пропишуваат технички барања за заштита на животната средина со кои ќе се врши зафаќање на испарувањата од бензините, со што ќе се намали емисијата на испарливи органски соединенија во воздухот, но истовремено ќе се постигне и заштеда на бензините. Особено намалување на испарувањата се очекува во близината на бензинските станици. Тоа ќе придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот во градските средини каде се лоцирани бензинските станици.
        Примената на законот ќе започне на 1 јануари 2015 година, а сите постојни оператори на бензинските станици, инсталациите за складирање и претоварање на бензини и мобилните контејнери се должни да се регистрираат во МЖСПП најдоцна до декември 2015 година.


           Присутните стопанственици даваат целосна поддршка на донесување и примена на оваа регулатива, а дел од нив веќе имплементираат одредени стандарди за намалување на испарувањата при постапување со бензини. Од одредени учесници беше предложено  и испитување на можноста за намалување на роковите за примена на регулативата од страна на новите оператори на бензински станици.
        Подзаконските акти на овој закон, во кој подетално би се пропишале техничките стандарди, се суштествени за успешна примена на овие регулативи, и истите ќе се донесат во заеднички дијалог со претставниците на бизнис-секторот и на другите засегнати страни за оваа проблематика.

 

Зорица  Мешкова