МЕПСО АД вложува над 50 милиони евра во проекти од европскиот десетгодишен план за развој на преносната мрежа - ПОСВЕТЕНОСТ НА ФУНДАМЕНТАЛНИТЕ ЕВРОПСКИ ЕНЕРГЕТСКИ НАЧЕЛА

   

АКТУЕЛНО / 22.05.2013
👁 Прочитано: 960


МЕПСО АД вложува над 50 милиони евра во проекти од европскиот десетгодишен план за развој на преносната мрежа - ПОСВЕТЕНОСТ НА ФУНДАМЕНТАЛНИТЕ ЕВРОПСКИ ЕНЕРГЕТСКИ НАЧЕЛА

        Во организација на Здружението на енергетичарите на Македонија - ЗЕМАК, а во соработка со Македонската енергетска асоцијација и Македонската академија на науките и уметностите, на 22 мај 2013 година во Стопанската комора на Македонија се одржа еднодневно советување на тема: „Предизвици во електропреносната мрежа на Македонија и југоисточна Европа“.

         Во своето воведно обраќање пред учесниците на советувањето, претседателот на ЗЕМАК, д-р Ристо Јаневски, истакна дека од аспект на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија посебно е значењето на развојот на преносната мрежа, што беше презнетирано од  експертскиот тим на македонскиот електропреносен систем оператор МЕПСО.

         Генералниот директор на Македонскиот електропреносен систем оператор - МЕПСО, Синиша Спасов,  во своето обраќање ги истакна инвестициските проекти на МЕПСО АД интегрирани во европскиот десетгодишен план за развој на преносната мрежа.

       - МЕПСО АД како рамноправен член на европското семејство на преносни систем оператори вложува над 50 милиони евра во проекти од европскиот десетгодишен план за развој на преносната мрежа. Вложуваме во регионално важни проекти: 400 киловолтните далекуводи Штип - Ниш, Битола - Елбасан и во нова 400/110 киловолтна трансформаторска станица во близина на Охрид. Ќе градиме 165 километри далноводи и нова трансформаторска станица - инвестиции со вредност поголема од 50 милиони евра. Паралелно работиме и на проекти од национален интерес, од кои позначајни се ревитализација и надградба на десетина трансформаторски станици, набавка на нов СКАДА-систем и набавка на нов енергетски 400/110 киловолтен трансформатор, - истакна Синиша Спасов, генерален директор на МЕПСО АД.

            Изградба на овие далекуводи со кои Македонија ќе се поврзе со Србија и со Албанија, нова трафостаница во Охрид и ревитализација на преносната мрежа во источна, во централна Македонија и во Полог, се дел од 18 приоритетни проекти на МЕПСО кои произлегоа од Студијата за развој на преносната мрежа во периодот 2010 – 2020 година. Студијата е стратешки документ, а воедно е и инвестициско-оперативен план со конкретни рокови и суми, изработен за да се задоволат сите потреби за пренос на потрошувачите и на производителите на електрична енергија до 2020 година.

            ТYNDP 2012 е одговор на барањата на европската регулатива EC 714/2009, со што од ENTSO-E беше побарано да се изработи сеопфатен десетгодишен план за развој преносната мрежа. Планот идентификува инвестиции за реконструкција и надградба на мрежата со вредност од 104 милијарди евра и должина од околу 51.500  километри низ цела Европа. Проектите, кои се над 100 на број,  ја покажуваат важноста и посветеноста на преносните систем оператори во поддршката на фундаменталните европски енергетски начела: интеграција на пазарот на електрична енергија, развој на обновливи извори на енергија и обезбедување на сигурност на напојувањето.

            Експертскиот тим на МЕПСО АД го презентираше развојот на електропреносната мрежа на Република Македонија во периодот 2010-2020 година – тековните проекти, среднорочни инвестиции и долгорочна визија за развој, за развојните планови  на европската електропреносна мрежа со осврт на регионот на југоисточна Европа, како и  управувањето со проекти од електропреносната мрежа, 400kV далекувод Битола (МК) – Елбасан (Al). како последен дел од реализацијата на Коридорот 8 во контекст на создавање коридор исток - запад за пренос на електрична енергија меѓу Бугарија, Македонија, Албанија и Италија.

 

                                                                                             Зорица Мешкова