Македонската енергетска асоцијација расправаше за поголемо искористување на сончевата енергија во Република Македонија - НАСЕЛЕНИЕТО СО КАМПАЊА ЌЕ СЕ ЕДУЦИРА ДА СЕ СВРТИ КОН ТЕРМО-СОЛАРНИТЕ СИСТЕМИ

   

АКТУЕЛНО / 16.05.2013
👁 Прочитано: 923


Македонската енергетска асоцијација расправаше за поголемо искористување на сончевата енергија во Република Македонија - НАСЕЛЕНИЕТО СО КАМПАЊА ЌЕ СЕ ЕДУЦИРА  ДА СЕ СВРТИ КОН ТЕРМО-СОЛАРНИТЕ СИСТЕМИ

      На 16 мај 2013 година, во Стопанската комора на Македонија, во организација  на Македонската енергетска асоцијација се одржа трибина на тема: „Како до поголемо искористување на сончевата енергија во Република Македонија?“.

     -Трибината има за цел да ги согледа сите аспекти, вклучително и аспектот на цената на електричната енергија, за поголемо искористување на сончевата енергија, - истакна во своето воведно обраќање претседателот на Македонската енергетска асоцијација, професорот Кочо Анѓушев. - Во таа насока, очекуваме дека претставниците на бизнис-заедницата, надлежните инстутуции и науката заеднички ќе дадат оценка за актуелните состојби со искористување на сончевата енергија и можните правци на идно делување, како и потребниот комплекс на мерки (од административна, економска и техничка природа) за нејзина поголема примена кои во вид на заклучни согледувања ќе бидат доставени до учесниците.

     

 Претседателот на соларната асоцијација на Македонија, професор Илија Насов својата презентација ја започна со констатацијата дека Република Македонија, иако има најголем сончев потенцијал во споредба со другите европски земји, има најмал процен на најзино искористување. Во презентацијата тој ги отвори следните суштествени прашања на овој план и тоа: колкаво е искористувањето на соларната енергија во Македонија во споредба со некои земји од ЕУ; зошто Македонија има најмалку искористување на соларната енергија, а спаѓа во регион со најдобри услови - интензитет на соларно зрачење, како да се зголеми искористувањето на соларната енергија во Македонија; зошто соларната енергија има најголема перспектива во загревањето на санитарна вода, загревање на простор, индустриски примени; квалитет на соларни колектори; како да се изберат најадекватни соларни колектори и соларен систем; кои се бенефитите од инсталирање на соларни системи - заштеди и време на враќање на инвестицијата?

      Со оглед дека околу 50 отсто од финалната потрошувачка на енергијата во Европската унија се користи за загревање и ладење, решавањето на ова прашање, всушност, го решава проблемот со енергетските потреби на земјата.

     Во изгалањето, а истото беше поддржано и во дискусијата од присутните, беа посочени услови за зголемување на искористувањето на соларната енергија, пред се`, со: зголемување на свесноста кај населението за потенцијалот на соларната енергија; потребата од едукација на ексерти за соларна енергија, архитекти, проектанти, инсталатери, крајни корисници со следење на новите начини на инсталирање на соларните комбинирани системи и нивно интегрирање во кровови и фасади; стимулативни мерки за производство на соларни колектори и системи; потребниот квалитет на соларни колектори и соларни системи кој би се ставил во функција на промоција на нивна поголема употреба; стимулативни и облигациони мерки на Владата на РМ; поволни начини на кредитирање и ЕСКО-компании кои ќе продаваат на крајни корисници енергија каде енергијата ја продаваат со иста цена како постојната, а после извесен број години соларниот систем го отстапуваат на користење на крајниот корисник и, секако, градење енергетски ефикасни објекти. За зголемување на свесноста кај населението за потенцијалот на соларната енергија потребно е да се организираат кампањи преку средствата за информирање.

      Конкретните предлог-мерки, кои како заклучок произлегоа од трибината, ќе бидат упатени до сите релевантни институции со цел нивна реализација, а во функција поголемо искористување на сончевата енергија, првенствено преку употреба на термо-соларните системи.

                                                                                                         Зорица Мешкова