Јавна расправа по првата верзија на Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија - ДОМАШНИОТ ВОЗДУХ СПОРЕД ЕВРОПСКАТА ДИРЕКТИВА

   

АКТУЕЛНО / 30.04.2013
👁 Прочитано: 931


Јавна расправа по  првата верзија на Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија - ДОМАШНИОТ ВОЗДУХ СПОРЕД ЕВРОПСКАТА ДИРЕКТИВА

       Македонската енергетска асоцијација во рамките на Стопанската комора на Македонија, како иницијатор за донесување на закон за контрола на емисии од испарливи органски соединенија, на 30 април 2013 година одржа јавна расправа. На неа се водеше дебата  по  првата  верзија на Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија.

 

       Јавната расправа, на која учествуваа претставниците на реалниот сектор  - економски оператори со нафтени деривати, претставници на институции,  како и на невладини организации, засегнатите страни од оваа регулатива, ја отвори Стево Темелковски, заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

      - Законот ќе ги контролира емисиите од испарливи органски соединенија,   а основната цел од неговото донесување и примена е да ја сведеме на минимум емисијата на испарливи органски загадувачи во воздухот предизвикани од складирањето и транспонирањето на бензините, како и намалување на емисијата при полнење на возилата со бензин.  Концентрацијата особено во урбаните средини и онаму каде што се наоѓаат бензинските станици ја чувствуваме и ние, што значи дека има зголемена концентрација на вакви материи која со законот ќе се стандардизира и ќе се прочисти, – истакна Темелковски.

      Планирано е законот, во кој е транспонирана Европската директива која се однесува на испарливи течности, да се донесе до крајот на годината, а на фирмите, ќе им се остави период за приспособување кон барањата од оваа регулатива.

      Во расправата се отворија голем број прашања, како што се: дали е поцелисходно да се издаваат дозволи за граничните вредности за секоја инсталација или пак економските оператори сами да подготват план, потребните рокови за приспособување, терминологијата и сл. Заинтересираните субјекти конкретните забелешки можат да ги достават во следните 20-ина дена до предлагачот на законот, по што ќе следи втора јавна расправа по изменет и дополнет текст на Предлог-законот за контрола на емисии од испарливи органски соединенија.

 

                                                                                                Зорица  Мешкова