Македонската енергетска асоцијација расправаше по Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2013 до 2017 година - КОНТИНУИРАНО И БЕЗБЕДНО СНАБДУВАЊЕ СО ЕНЕРГИЈА ЗА СИТЕ ПОТРОШУВАЧИ

   

АКТУЕЛНО / 05.12.2012
👁 Прочитано: 927


Македонската енергетска асоцијација расправаше по Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2013 до 2017 година - КОНТИНУИРАНО И БЕЗБЕДНО СНАБДУВАЊЕ СО ЕНЕРГИЈА ЗА СИТЕ ПОТРОШУВАЧИ

     На седница на Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Македонија (5.12.2012 година), на која се разгледуваше Предлог-енергетскиот биланс на Република Македонија за периодот од 2013 до 2017 година, пред стопанствениците – членки на Комората, претставници на инстутуциите од енергетскиот сектор и пред претставниците на научната јавност се обрати м-р Ваљон Сарачини, министер за економија во Владата на Р. Македонија.

      Во своето излагање, министерот Сарачини ги запозна присутните со реализацијата на енергетскиот биланс за 2012 година, како и со потребите од енергија и енергенти во периодот 2013-2017 година. Финалната потрошувачка на енергија во 2012 година, истакна тој, е за 3,8% помала од планираната, што укажува дека за количините енергија за тековната година се реално одредени. Најголемо учество во финалната пшотрошувачка има електричната енергија околу 40,7%, нафтените деривати околу 41,5% и останатите 17% се другите облици од енергија. Остварувањето кај примарната енергија во текот на 2012 година е помало за 7,6%, што се должи на помалите  количини на природен гас (во однос на планираните) потрошени од страна на „Те-То“. Вкупните потреби од енергија, во планираниот период, растат со просечна стапка од 5,9% годишно. Најголемиот пораст се очекува кај природниот гас (21,5%), а во другите облици на енергија тој е помал од 6%.

     Од вкупните потреби од енергија во 2013 година, 52,2% се планира да се обезбедат од домашни извори, а 47,8% ќе се обезбедат од увоз (од увоз се обезбедува природниот гас, суровата нафта, сушен лигнит и одредени количини електрична енергија.

     Беа посочени потрошувачката и плановите од потреба по одделни видови енергија, а со вака билансираните потреби од енергија и можностите за нивно задоволување се очекува дека 2013 година ќе има континуирано и безбедно снабдување на потрошувачите со сите видови  на енергија, - истакна министерот Сарачини.

     Во дискусијата од страна на понудувачите на енергија беа посочени преземените активности и тоа: во делот на електричната енергија ЕЛЕМ АД ги посочи реализираните инвестиции за ревитализација и модернизација на третиот блок од РЕК - Битола, со коишто истиот е подготвен за работа во следните 20 години, како и планираните инвестиции во производните капацитети на „Електраните на Македонија“. Со реализирани и планирани активности компаниите МЕПСО  и ЕВН Македонија се подготвени да ги снабдат потрошувачите со електрична енергија. Се очекува континуирано снабдување на потрошувачите со нафтени деривати, беше истакнато од страна на претставникот на ОКТА, кој во оваа прилика го истакна значењето на Уредбата за квалитетот на течните горива и ја нагласи потребата да се донесе во што покус рок.  Во својата дискусија тој посочи дека, во услови на пораст на цената на суровата нафта, потребна е поголема супституција на бензините со течен нафтен гас. Од страна на претставникот на „ГА-МА“ беше побарано пореално  планирање на потребните количини на природен гас од страна на потрошувачите, бидејќи големите отстапувања на планираните и потрошени количини се одразуваат на крајната цена на гасот.

     Енергетските состојби во државата и во регионот, особено ако се имаат предвид ограничените ресурси на РМ за производство на електрична енергија, упатуваат на потребата државата да го определи стратешкиот енергент за следните години, - посочи претседателот на МЕА, д-р Димитар Хаџи Мишев.

     Дискусијата заврши со единствена оценка дека на расправа беше понуден квалитетен Енергетски биланс за приодот од 2013 до 2019 година, којшто како индикативен плански документ реално ги прикажува вкупните потреби од енергија и можностите за нивно задоволување од домашно производство и од увоз.

 

                                                                                                             Зорица  Мешкова