Бизнис - делегација од Kоџаил-Гебзе во посета на Стопанската комора на Македонија - МОЖНОСТ ДА СЕ ВОСПОСТАВИ ТРГОВСКИ МОСТ СО ЕДЕН ОД НАЈРАЗВИЕНИТЕ РЕГИОНИ ВО ТУРЦИЈА

   

АКТУЕЛНО / 30.11.2012
👁 Прочитано: 1113


Бизнис -  делегација од  Kоџаил-Гебзе во посета на Стопанската комора на Македонија - МОЖНОСТ ДА СЕ ВОСПОСТАВИ  ТРГОВСКИ МОСТ СО ЕДЕН ОД НАЈРАЗВИЕНИТЕ РЕГИОНИ ВО ТУРЦИЈА

     Педесетчлена   бизнис делегација од Гебзе во Република Турција беше во посета на Стопанската комора на Македонија (30.11.2012 година).  Делегацијата ја предводеше  Наил Чилер, претседател на Трговско-индустриската Комора на Гебзе. Домаќин на бројните деловни луѓе од Турција беше д-р Горан Рафајловски, претседател на Управниот одбор на Регионалната комора со седиште во Скопје, а на средбата учествуваа и Хадин Незир, министер без ресор во Владата на Р.Македонија,  Хасан Хозбен, претседател на Македонско – турскиот деловен совет,  Христијан Делев, заменик директор на  Агенција за привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот,  како и претставник од Дирекцијата за технолошки - индустриски развојни зони.

      Д-р Горан Рафајловски истакна дека вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Турција  до крајот на септември  годинава  достигнала вредност од 235,5 милиони САД$. При тоа, остварен е извоз во вредност од 42,4 милиони САД$,  додека увозното салдо изнесува 193,1 милиони САД$. Евидентиран е  трговски дефицита од 150,6 милиони САД$ на македонска страна. Турција во овој период  е 9-ти трговски партнер на земјава. Со дополнителни напори  проценка е дека е можно двојно зголемување  на размената  на 1 милијарда долари, но Рафајловски ги повика турските бизнисмени да не се задржуваат само на трговијата, туку и да се свртат, заедно со македонските компании, кон повисоки форми на соработка.

      Наил Чилер,  спомена дека Трговско-индустриската Комора на Гебзе  е основана во 1988 година  и денес брои 12.000 членки од кои половината се производни компании. Затоа, тие  претставуваат сериозни инвестициски потенцијал за нашата земја.  Нарекувајќи ја средбата како пријателски мост, гостинот од Турција порача дека  нивна  цел е да ја претворат во трговски мост со многу  билатерални средби во иднина  и плодна деловна соработка.

      Во  презентирањето на  беше истакнато дека регионот Коџали – Гебзе врши поврзување на Европа со Анадолија и Блискиот исток и е најголема индустриска зона после Истанбул со вкупен годишен извоз од 12,6 милијарди долари.  Одлична географска поставеност се огледа во фактот дека таму  поминува автопатот Е5,  а има и  пристаништа и транспортни центри. Гебзе располага со 9 индустриски зони, 2 технолошки зони, и 1 слободна зона со вкупно  51.600  вработени. Тие се  локомотива на бизнисот во овој регион. Во Гебзе  константно се  вложува и врз основа на тоа се бележи  континуиран  развој базиран на развиена наука и технологија.  Во оваа област има странски инвестиции од 56  држави во светот, меѓу кои се  Холандија, Германија, Франција, Бугарија, Италија... Во размената од оваа зона  најзастапени се   авто - идустријата, железото и челикот, и  прехрамбена индустрија.

      Хадин Незир, министерот  без ресор во Владата на Р. Македонија истакна дека македонија, иако е мала земја по број на жители,  сепак,  со бројните договорите за слободна трговија,  ја прави привлечна дестинација за бизнис   и  порта кон сите европски земји.  Тој ги повика турските бизнисмени да ги искористат поволните инвестициски моќности што ги нури земјава.

     Хасан Хозбен, претседател на Македонско –турскиот деловен совет, предложи  во најкраток можен рок до  пролета  2013 година да се реализира посета на македонска бизнис  делегација на Гебзе – една од најголемите  индустриски двигатели во Турција. Тој го   пренесе   задоволството   од досегашното искуство на турските инвеститори кои во последно време  се повеќе се зголемуваат, заради добрата бизнис клима во земјава.

     Агенцијата за привлекување на странските инвестиции и промоција на извозот,  како и Дирекцијата за Технолошките - индустриски развојни зони, со своите презентации ги потенцираа најдобрите инвестициски можности на Р.Македонија, која ја прават се попривлечна дестинација  за инвестирање.

                                                                                       Наташа Димеска Стојаноска