Амбасадорот на Аргентина, Н.Е. Гилермо Салвадор Азрак, во посета на Стопанската комора на Македонија - ПОТПИШАНИОТ МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ЌЕ ЈА ПОТТИКНЕ МЕЃУСЕБНАТА РАЗМЕНА

   

АКТУЕЛНО / 12.11.2012
👁 Прочитано: 1075


Амбасадорот на Аргентина,   Н.Е. Гилермо Салвадор Азрак,  во посета на Стопанската комора на Македонија - ПОТПИШАНИОТ   МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА ЌЕ ЈА  ПОТТИКНЕ  МЕЃУСЕБНАТА РАЗМЕНА

     Иницијативата на аргентинскиот амбасадор со седиште во Софија, Н.Е. Гилермо Салвадор Азрак за унапредување на соработката меѓу деловните заедници од двете земји, се реализира на 12.11.2012 година  преку потпишување на Меморандум за соработка меѓу стопанските комори.  Ваквата спогодба ќе ги интензивира контактите помеѓу бизнис секторот на двете стопанства, што недвосмислено ќе допринесе кон унапредување на економската соработка и интензивирање на трговските релации меѓу Македонија и Аргентина.


     Д-р Горан Рафајловски, претседателот на Регионалната комора со седиште во Скопје, изрази задоволство од напорите на двете страни за поблиска соработка на бизнис заедниците чиишто ефекти во најскоро време треба да резултираат со динамизирање и конкретизирање на можностите за економска соработка, преку конкретни проекти и деловни партнерства.

     -Во моментов односите и размената меѓу Македонија и Аргентина се ограничени, но убеден сум дека постои огромен простор соработката да се прошири. Треба да се диверзифицираат економските односи, не само преку зголемување на трговската размена, туку и преку повисоки облици на соработка. Тука пред се мислам на учество на македонски и аргентински компании во заеднички проекти, директни инвестиции во земјава, како и know-how и трансфер на знаење и технологии. Тоа ќе се постигне најпрво преку меѓусебно запознавање на двете стопанства и,  пред се,  преку доближување на економски потенцијали до бизнис-заедниците од двете земји. Тоа ќе биде прв превземен чекор на коморите, по потпушувањето на овој договор. – истакна  д-р Горан Рафајловски


     Амбасадорот на Аргентина,  Н.Е. Гилермо Салвадор Азрак, изјави дека овој чин практично ја верификува цврстата определба на деловната асоцијација од неговата земја за унапредување на билатералната соработка со македонските компании. Со тоа се воспоставени институционални контакти како  основа за градење и за развивање повисоки облици и мрежа на соработка во наредниот период.

     -Аргентина е осма земја во светот по територија и втора во Јужна Америка. Таа е најголем светски извозник на соја и на био дизел, трет произведувач на генетски модифицирани производи, а четврта по продукција и извоз на ТВ серии. Земјата има голем индустриски и иновативен капацитет, а поседува и свои сопствени сателити. – додаде Азрак.

     Тој нагласи дека Аргентина е лидер во производството на прехранбени производи и, како што рече, доколку постои потенцијал и интерес за развој на таа индустрија во Македонија, сигурен е дека аргентинските претпријатија би имале интерес да соработуваат со македонските.  Постои и можност за соработка на полето на енергетиката, бидејќи во Аргентина е развиена технологијата за добивање природен гас кој се користи кај автомобилите и домаќинствата. Амбасадорот како аргентинска инвестиција го спомена и проектот за мрежно покривање со природен компресиран гас во Струмица.

     Вкупната трговска размена на Република Македонија со Република Аргентина  во првите 4 месеци од 2012 година изнесува 4,7 милиони САД долари. Извозот e 1 милиони САД долари, а вредноста на увозот изнесува 3,6 милиони САД долари. Остварен е негативен трговски биланс од 2,6 милиони САД долари. Структурата на извозот во 2011 година ја сочинува само еден производ: тутун неизжилен во вредност од 4,7 милиони САД $.

     Во увозното салдо се јавуваат единствено прехрамбени производи во износ од 14,7 милиони САД $, со најголемо учество на : маслени погачи и остатоци од соја (6,2 милиони САД $), замрзнат ослиќ (5,6 милиони САД $), лимони, јајца и друго.
         

 

                                                                                                               Влатко Стојановски