Македонската енергетска асоцијација расправаше за формирање на балансни групи кај квалификуваните потрошувачи на електрична енергија - ПЕРИОДОТ НА СИМУЛАЦИИ И ОБУКИ ДА СЕ ПРОЛОНГИРА ДО КРАЈОТ НА ЈУНИ 2013 ГОДИНА

   

АКТУЕЛНО / 26.09.2012
👁 Прочитано: 897


Македонската енергетска асоцијација расправаше за формирање на балансни групи кај квалификуваните потрошувачи на електрична енергија - ПЕРИОДОТ НА СИМУЛАЦИИ И ОБУКИ ДА СЕ ПРОЛОНГИРА ДО КРАЈОТ НА ЈУНИ 2013 ГОДИНА

Во врска со реализација на дел од мерките за ублажување на неповолните состојби во црната и обоената металургија, согласно заклучок на Владата на РМ, од седницата одржана на 26.8.2012 година, Македонската енергетска асоцијација одржа тематска седница на која се разгледаа можностите за формирање на балансни групи кај квалификуваните потрошувачи на електрична енергија и потребата од формирање на берза на електрична енергија.

Придонес во разрешувањето на прашањето за часовно балансирање на електричната енергија на начин кој нема да предизвика зголемени трошоци кај големите потрошувачи, покрај претставниците на компаниите - квалификувани потрошувачи на електрична енергија, трговецот - ЕФТ Македонија,  ЕЛЕМ, МЕПСО, ЕВН, дадоа и претставници од Регулаторната комисија за енергетика, Македонската академија на науките и уметностите, Министерството за економија, како и од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата на РМ, м-р Владимир Пешевски.

 Формирањето балансни групи согласно Правилата за пазар на електрична енергија е оценето како корисно од аспект на претстојното часовно балансирање на електричната енергија и потребно е веднаш да започнат активностите за организирање на големите потрошувачи во балансни групи и тестирањето на часовно урамнотежување. Но неопходно е периодот на симулации, обуки, технички подготовки да се пролонгира за шест месеци, односно до крајот на првата половина од 2013 година (кога е можно да се очекува стабилизирање на побарувачката на странските пазари). Во оперативната реализација на овие активности ќе се вклчучи и Регулаторната комисија за енергетика.

Во контекст на примената на Правилата за пазар на електрична енергија беше констатирано дека часовното балансирање треба да почне за двете групи квалификувани потрошувачи заедно, да се обезбеди еднаков третман за учесниците на пазарот на електрична енергија (и производителите и потрошувачите), а во рамките на МЕА ќе се одржи тематска седница посветена на делот од регулативата којшто се однесува на наплата на непреземената електрична енергија.

 Формирањето берза на електрична енергија, како платформа за транспарентна купопродажба на електричната енергија е неколкугодишна заложба на Македонската енергетска асоцијација. Процесот на либерализација на пазарот ја потенцира оваа потреба и од МЕА очекуваат дека  надлежните органи ќе ја дадат рамката за формирање национална берза на електрична енергија.

                                                                                Зорица Мешкова