Групација на пазари при Стопанската комора на Македонија ги посети пазарите во регионот во потрага по искуства - ОРГАНИЗИРАНИ ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ - ПРЕДУСЛОВ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА „СИВАТА“ ЕКОНОМИЈА

   

АКТУЕЛНО / 27.08.2012
👁 Прочитано: 898


Групација на пазари при Стопанската комора на Македонија ги посети пазарите  во регионот во потрага по искуства - ОРГАНИЗИРАНИ ЗЕЛЕНИ ПАЗАРИ  - ПРЕДУСЛОВ ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА „СИВАТА“ ЕКОНОМИЈА

      Во пресрет на донесувањето на нов закон за трговија на зелени пазари, кој го изработува Министерството за економија, Групацијата на пазари при Стопанската комора на Македонија на прес-конференција (27.8.2012 година) информираше дека ќе му предложи на ресорното министерство во законот да се внесат искуствата од соседните земји.Еден од предлозите е да  се изземат од обврската за регистрација случајните продавачи кои само 10-тина дена ги продаваат своите сезонски вишоци на производи на зелените пазари.


       За утврдување на состојбите на зелените пазари во околните земји како предуслов за креирање на законската рамка во Македонија работна група од Групацијата за пазари при Стопанската комора кон крајот на јуни годинава ги посети зелените пазари во Белград, Суботица, Љубљана, Загреб и Вараждин.
       - При посетата констатиравме дека никаде на пазарите не се издаваат фискални сметки и трговијата се одржува на традиционален начин со ценкање и оти се дава посебно значење на домашното производство, за што се делат посебни сертификати и има посебни ознаки на тезгите. Најголем дел од пазарите се на атрактивни локации и се во сопственост на општините, иако има и приватни. Но,  без разлика на  сопственоста, сите пазари се со  решени инфраструктурни проблеми, особено начинот на одржување на хигиената, приодот и паркинзите, - рече претседателот на Групацијата,  Благој Девитаров на  пресконференцијата.


      

Искуствата од посетата ќе ги пренесат на претставници од  Министерството за економија на  состанокот закажан за 29.8.2012 година,  со цел да се донесе закон со којшто ќе се осовременат зелените пазари во Македонија и ќе се решат проблемите на пазарџиите и на организаторите на пазарите. Со тоа, како што рече, ќе се придонесе за намалување на „сивата“ економија во земјава.
      Раководителот на ЈКП „Дервен“ од Велес Љупчо Лазевски, информираше дека при посетата на пазарите од регионот беше констатирано дека главно е решен проблемот со „дивите“ продавачи, чиј број во Македонија е многу голем. Околу 40 отсто од продавачите на пазарите работат надвор просторот на зелените пазари, - вели Лазевски.
       Студиското патување во регионот од страна на Групацијата на пазари при Стопанската комора на Македонија, со посета на пазарите во Белград, Суботица, Вараждин, Загреб и Љубљана на крајот на јуни беше организирано со цел да се види начинот на организација на пазарите во регионот кои по многу нешта се слични со зелените пазари во Македонија, како и директно да се добие информација за законската рамка во која работат пазарите.
       Заклучокот од посетата е дека пазарите во регионот се во поодмината организациона фаза во делот на регистрација на закупците на тезги, но проблемот со законска регулатива е присутен секаде. Ниту еден од посетените пазари нема конкретен закон за пазари, а беше покрената и ИНИЦИЈАТИВА ЗА РЕГИОНАЛНО ПОВРЗУВАЊЕ , како предуслов за зачленување на пазарите од Балканот во светската организација на зелени пазари.
       Инаку, организаторите на пазари со години бараат посебен закон за пазари, како и закон за трговија од мал обем кој во голема мерка би ставил ред во работата на пазарите, ќе ја намали драстично нелегалната трговија, а ќе го   стимулира и плаќањето на давачките кон државата. За опстојување на зелените пазари, на организаторите на пазарите и на повеќе од 20.000 луѓе кои закупуваат тезги единствено решени да продолжат законски да работат е да се донесе посебен Закон за трговија од мал обем.
      Во меѓувреме,  Министерството за економија подготви предлог-текст кој треба да ја регулира трговијата на зелените пазари. Првичниот предлог-текст на законот е изработен. Во тек се разговори со надлежните во ресорните министерства. Организаторите на пазари ќе дадат свое мислење по предлог-законот.
 

        *http://www.bgpijace.rs/newsitem.php?id=12078 – Линк од изјавата на директорот на „Градски пазари“ - Белград, Предраг Веинович, за посетата на македонската делегација од Групацијата на пазари. Во изјавата која ја дава на интернет-порталот посочува дека целта на состанокот е унапредување и зајакнување на регионалното поврзување на пазарите од западен Балкан и воспоставување ПЛАТФОРМА за редовна размена на информации, искуства и знаење.

       *http://www.pks.rs/ONama.aspx?id=243 – Линк од информацијата за нашата посета во прес-клипингот на Здружението на комуналните дејности од Стопанската комора на Србија во изданието од јуни. 


                                                                              Даниела Михајловска Василевска