Македонско-хрватски бизнис- форум со компании од регионите на Велес и Вараждин - ПРИОРИТЕТИ НА СОРАБОТКАТА ВО ПРОИЗВОДСТВОТО НА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА И ЕДУКАЦИЈА ЗА ПОВИСОКА КОНКУРЕНТНОСТ

   

➤ АКТУЕЛНО (04.05.2012)
👁 Прочитано: 456


Македонско-хрватски бизнис- форум со компании од регионите на Велес и Вараждин - ПРИОРИТЕТИ НА СОРАБОТКАТА  ВО ПРОИЗВОДСТВОТО НА ОБНОВЛИВИ ИЗВОРИ НА ЕНЕРГИЈА И  ЕДУКАЦИЈА ЗА ПОВИСОКА КОНКУРЕНТНОСТ

Во организација на aмбасадите на Хрватска и Македонија во Загреб и Скопје,  Стопанскита комора на Македонија – Регионална комора со седиште во Велес и Жупаниската комора на Вараждин, како и на  локалните самоуправи од овие  два града,  во Велес се одржа Македонско-хрватски бизнис-форум (4.5.2012 година). Средбата беше меѓу компании од регионот на Жупаниската комора  Вараждин  со  повеќе од 30 македонски  компании од регионот на Велес и пошироко.
Стопанската делегација од Вараждин беше предводена од градоначалникот на Вараждин,  Горан Хабуш и претседателот на Жупаниската комора на Вараждин,  Чедомир Цесарец.  Целата на посетата беше да се обнови економската соработка  меѓу  Македонија и Хрватска.


-Ние можеме да соработуваме во сите сфери, но она што сега е многу важно е да (до)разговараме и да ги утврдиме приоритетите  и можностите за соработка во сферата на  производство на енергија од обновливи извори,  но и едукација за подобрување на конкурентноста на македонските и хрватските компании. Ние како стопанска комора во изминатиот период повеќе бевме насочени кон соработката со земјите од ЕУ. Но свесни сме дека ЕУ е во криза и мораме да ја шириме трговската соработка со сите земји, -  рече Чедомир Цесарец, претседател на Жупаниската стопанска комора на Вараждин.
-За нашата Регионална комора многу е значајно  да има плодна соработка со вараждинската деловна асоцијација бидејќи станува збор за економски најјаката комора во Хрватска со годишен доход од три милијарди евра. И токму затоа сметам дека за развојот на нашата  локална економија многу е значајна соработката со бизнисмените од  Вараждин, -  посебно подвлече Трајче Трајков, претседател на Регионалната стопанска комора со седиште во Велес.
Вкупната надворешно-трговска размена на Република Македонија со Република Хрватска во 2011 година достигна вредност од 272,7 милиони САД долари, при што е остварен извоз во вредност од 139,6 милиони САД долари, увоз 133,1 милиони САД долари, суфицит од 6,5 милиони САД долари за македонската страна.

 Станува збор за скоро врамнотежена надворешно-трговска размена, со тренд на постојан пораст во последните години, при што само во 2011 година извозот од Македонија во  Хрватска забележа пораст од 12,9%, а увозот 17,5% во однос на 2010 година. Република Хрватска е десетти најголем надворешен трговски партнер на Република Македонија.

 Сепак, размената со Хрватска учествува само со 3,38% во вкупната надворешно-трговска размена на Македонија. Кај извозот со 3,1%, а кај увозот со 1,9%. Ова ниско учество во вкупниот увоз и вкупниот извоз, укажуваат дека меѓусебната размена е  далеку  под нивото од реалните можности.
   
Затоа, во функција на унапредување на постојната соработка, коморите институционално, како мост меѓу двете бизнис-заедници, даваат значаен придонес на тој план.

- Од заеднички интерес ни е заедно со Жупаниската комора на Вараждин  да воспоставиме меѓусебна соработка и да размениме информации за нашите економски потенцијали и можности за соработка со точно дефинирани активности, – додаде Трајче Трајков.
Неколку компании од Македонија и Хрватска веќе ги имаат освоено пазарите и  нивни претставници беа дел од  форумот. Велат,  добро е на ваков начин бизнис-соработката да се продлабочува.
-„Леов компани“  произведува соларни колектори, флет-плеј и вакуумски колектори и мислам дека нема да биде никаков проблем и со нив да навлеземе на  хрватскиот пазар. Ние и сега сме дел од тој пазар и  имаме служба која работи на освојување на странскиот пазар. Но за нас е многу значајна поддршката од локалната самоуправа  кога станува збор за зацврстување на нашите позиции на странските пазари, - рече Златко Леов, менаџер на „Леов Компани“.
-„Вартекс“ е присутен веќе долги години на македонскиот пазар. Имаме продавници во два града, но сакаме да се шириме и во останатите делови од Македонија. Нашата желба е овде  да се претставиме и со модната марка „ Е Ди Каприо",-  истакна  Маријана Шарпа, одговорна за продажба во фабриката Вартекс.
                                                                                            Венера Андриевска