Македонско-чешки бизнис-форум со учество на министрите по економија и трговија од двете земји - ТРАСИРАН ПАТОТ КОН УШТЕ ПОГОЛЕМА ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА

   

АКТУЕЛНО / 17.04.2012
👁 Прочитано: 1002


Македонско-чешки бизнис-форум со учество на министрите по економија и трговија од двете земји - ТРАСИРАН ПАТОТ КОН  УШТЕ ПОГОЛЕМА ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА

Македонија и Чешка имаат одлични економски односи, но максималниот капацитет за нивно продлабочување се` уште не е искористен, оценија  министерот за економија Ваљон Сарачини и неговиот чешки колега, министерот за индустрија и трговија Мартин Куба, на Македонско-чешкиот бизнис-форум во Стопанската комора на Македонија (17.4.2012 година).
Енергетиката, инфраструктурата, минералните суровини, туризмот и агро-индустријата се само дел од секторите преку кои двете земји  ќе ја интензивираат бизнис-соработката. Според нив, ќе се работи и на зголемување на инвестициите каде, исто така, има простор за подобрување.

   Присуствуваа по 30  компании од двете земји  кои остварија директна средба и се договараа за идна соработка.  Компаниите беа од областа на индустријата за енергетика (разладни кули, мали хидроелектрани), потенцијални градежни компании, партнери за трговски бизнис со фотоволтаични технологии,  сопственици на земјиште погодно за градење на фотоволтаични постројки и партнери од секторот за обновлива енергија – фокусирани на фотоволтаични постројки. На форумот се обратија и д-р Горан Рафајловски, претседател на Регионалната комора со седиште во Скопје и гостинот Јозеф Чилек, потпретседател на Стопанскската комора на Чешка.

-Во Стопанската комора на Македонија чешките компании секогаш ќе имаат сигурен професионален поддржувач и место од каде што ќе ги остваруваат сите нивни деловни активности во Македонија. Во потенцијалните македонско-чешки трговски и инвестициони партнерства гледаме начин за пренос на новите технологии и иновации и пат за поголемо вклучување во пазарите на ЕУ. Тоа е начин да ја зголемиме скромната билатерална трговска размена од само 83 милиони САД $ минатата година, и да го елиминираме, односно да го ублажиме хроничниот трговски дефицит на македонска страна, - нагласи д-р Горан Рафајловски.
Стопанската комора на Македонија и Чешката трговска комора, според Рафајловски,  имаат огромна одговорност со премиерите и министрите на нивните држави, непосредно да го поддржат унапредувањето на билатералната стопанска соработка. Ова е од особена важност во време кога целата светска економија се` уште ги трпи ударите од кризата. Најпроблематична е непредвидливоста на овој процес, како во неговото траење, така и во содржината.

-Затоа со посебно внимание се однесуваме при воспоставувањето комуникација меѓу приватниот и јавниот сектор и поттикнувањето на секоја иницијатива којашто може да изроди заеднички потфат, производ, - додаде Рафајловски. 
- Се надевам дека ова е само почеток на натамошната уште подобра трговска соработка која во иднина секако ќе ја продлабочиме. Таа е интензивирана и преку имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација што ја имаме потпишано со земјите-членки на ЕУ, како и преку членството во Светската трговска организација, изјави Сарачини пред почетокот на Македонско-чешкиот бизнис-форум.
Господинот Куба, кој е дел од високата владина делегација допатува во официјална посета на Македонија, изрази убедување дека разговорите на министерско ниво значително ќе придонесат за подобрување на билатералните односи.
- Работа на ресорните министри е да овозможат повисоко ниво на економска соработка. Ако тоа не го постигнат, не си ја завршиле добро работата. Македонија и Чешка имаат долга историја на меѓусебно добри економски односи кои се особено продлабочени во последните години. Но, се` уште не го достигнале полниот потенцијал. Основното прашање што денеска можеме да си го поставиме е, какви чекори треба да преземеме за негово максимално искористување, - рече Куба.

Целта на неговото учество на Бизнис-форумот во Скопје, нагласи, не е само презентација на чешките фирми, туку и повик до македонските компании за искористување на можностите што ги нуди чешкиот пазар. Министерот Куба ја потврди чешката поддршка за македонското евроинтегрирање и целосната подготвеност да помогне во преговорите.
Двајцата министри пред почетокот на форумот имале билатерална средба на која, меѓу другото, биле презентирани македонските можности за инвестирање во делот на енергетиката, туризмот, земјоделството, минералните суровини, ИТ и градежништвото.
Двајцата министри догoвориле во последното тромесечје од годинава да се одржи седница на првиот Мешовит комитет кој произлегува од Договорот за слободна трговија меѓу Македонија и Чешка. Комитетот треба да ги разгледа можностите и да ги дефинира натамошните чекори за интензивирање на деловната соработката.
Трговската размена меѓу Македонија и Чешка во првите два месеца од годинава достигна 18 милиони САД долари, од кои четири милиони се извоз од македонска страна, а 14 милиони се увоз. Околу 67 отсто од вкупниот увоз отпаѓа на електричната енргија. Лани размената изнесуваше 83 милиони САД долари, од кои 60 милиони увоз и 23 извоз.
Минатата година од вкупните инвестиции во земјава, 0,2 отсто или 600 илјади евра биле чешки. Тоа, констатираа Сарачни и Куба, особено остава простор за уште поголема соработка.
 Деловните луѓе од двете земји имаа плодни билатерални средби по официјалното завршување на форумот.
       

                                                                                              Ирена Мојсовска