Индустриски форум за финансирање на оперативните планови за интегрирано спречување и контрола на загадувањето - НОРВЕШКИТЕ ИСКУСТВА ИНТЕРЕСНИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ

   

АКТУЕЛНО / 02.11.2011
👁 Прочитано: 919


Индустриски форум за финансирање на оперативните планови за интегрирано спречување и контрола на загадувањето - НОРВЕШКИТЕ  ИСКУСТВА ИНТЕРЕСНИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КОМПАНИИ

    Финансирање на оперативните планови за интегрирано спречување и контрола на загадувањето е темата на Индустрискиот форум, кој во организација на Македонската енергетска асоцијација и Центарот за климатски промени се одржа на 2.11.2011 година во Стопанската комора на Македонија.
    Форумот го отвори Абдилаќим Адеми, министер за животна средина и просторно планирање, кој во своето обраќање го истакна значењето на еколошкото усогласување на индустриските капацитети од аспект на зачувување на животната средина, но и од аспект на барањата на европскиот пазар.  Министерството ќе ги поддржи активностите во насока на создавање чиста индустрија и намалување на штетните емисии, кои се императив на современото работење. Во таа насока е и Индустрискиот форум, организиран во рамките на Проектот „Зајакнување на капацитетите на Министерството за животна средина и просторно планирање за интегрирана контрола на загадувањето и  управување со опасен отпад“.

    Норвешката Влада, преку финансирање на проектот, и` помага на Република Македонија во реализацијата на активностите за создавање почиста индустрија, истакна во своето обраќање амбасадорот на Кралството Норвешка во Република Македoнија, Kjetin Paulsen. Норвешка не е членка на ЕУ, но ги применува еколошките стандарди во индустријата, а негова оценка е дека индустријата во РМ има напредок во примената на  обврските за еколошко усогласување.
    Форумот има за цел да и` помогне на индустријата во изнаоѓање на решенија за финансирање на активностите од оперативните планови со цел спречување и/или ако тоа не е можно, намалување на загадувањето. Во тој контекст претставникот на Норск енерги го презентираше функционирањето на NОx  фондот  како пример на успешна соработка на Владата и индустријата со цел намалување на емисијата на NОx. Индустријата за износот кој го плаќа во фондот е ослободена од плаќање надоместоци за емисиите.    Начинот на функционирање на овој фонд може да се примени и кај CO2.

     На форумот Македонската банка за поддршка на развојот ги презентираше можностите  за кредитирање на овие активности, а претставник на ОКТА АД -Скопје ги изнесе искуствата на компанијата во однос на Интегрираното спречување и контрола на загадувањето и проценка за нивниот напредок во однос на ЕУ-интеграциите.
    Претставниците на енергетските компании и поголемите индустриски капацитети во земјава искажаа интерес за норвешкото искуство на планот на контролата на загадувањето, но и реалните состојби во индустријата за негова примена. Во рамките на Македонската енергетска асоцијација и Центарот за климатски промени ќе се реализира согледување, со симулации од примената на ваков фонд, како решение за финансирање на еколошкото усогласување во услови кога индустријата нема можности за изнаоѓање други  извори на средства. По направените согледувања, би следела иницијатива до надлежното министерство за усогласување на законската регулатива.
    Почитувајќи ја потребата од зачувување на животната средина и спречување и контрола на загадувањето, претставниците на бизнис-заедницата укажаа на реалните состојби во индустријата и очекувањата за следен период, од аспект на  неповолните движења на светската економија.  Инвестициите во екологијата и усогласувањата на оперативните планови бараат големи износи на средства, па затоа треба да се бараат решенијата кои нема да предизвикаат дополнително финансиско оптоварување на  компаниите.

                                               З. Мешкова