Регионалната комора со седиште во Велес ги поддржа сите активности за запирање на рестартирањето на Топилницата за олово и цинк - КОМПАНИИТЕ ЦЕЛОСНО ЗАСТАНАА ЗАД „ЗЕЛЕНАТА“ ИНИЦИЈАТИВА

   

➤ АКТУЕЛНО (02.11.2011)
👁 Прочитано: 487


Регионалната комора со седиште во Велес ги поддржа сите активности за запирање на рестартирањето на Топилницата за олово и цинк - КОМПАНИИТЕ ЦЕЛОСНО ЗАСТАНАА ЗАД  „ЗЕЛЕНАТА“ ИНИЦИЈАТИВА

   Региопналната комора со седиште во Велес на 1.11.2011 година одржа вонредна седница во проширен состав. Покрај членовите на Управниот одбор на Регионалната комора, на седницата присуствуваа над сто бизнисмени од регионот на Велес, Кавадарци и Неготино, како и  градоначалникот на општина Велес, претседателот на Советот на општина Велес, пратеници во Собранието на РМ и претставници на Зелената коалиција. Регионалната комора со седиште  во Велес,  во која членуваат најголем дел од велешките бизнисмени,  на  вонредна седница во  мотелот  „Романтик‘‘ кај Велешко Езеро  беше едногласна во ставот дека е против каков било рестарт на Топилницата за олово и цинк на постојната локација во Велес.


     Претставниците на Комората во своите дискусии се изјаснија дека енергично и со сите расположиви средства ќе се спротивстават на секој рестарт на Топилницата и ќе дадат морална и секаква финансиска поддршка на сите активности на Зелената коалиција и општината Велес во заложбите против рестартирањето на Топилницата за олово и цинк, која не работи осум и пол години. Велешките бизнисмени едногласно усвоија заклучоци, кои беа идентнични со нивните предлози и размислувања во дискусијата што ја водеа, а дополнителните предлози дадени на седницата од некои од бизнисмени, како што потенцира претседателот на Регионалната комора Трајче Трајков, ќе бидат ставени на дневен ред на наредната седница на Регионалната комора со седиште во Велес.  По дискусијата во која учествуваа: Трајче Леов, Перо Колевски, Максим Гонев, Аце Коцевски, Румен Смилевски, Развигор Бошевски, Орце Давчев и други, беа донесени следните Заклучоци:
    - Регионалната комора со седиште во Велес во целост ги поддржува активностите на Зелената коалиција и градоначалникот на општина Велес, со цел да не се дозволи рестартирање на Топилницата за олово и цинк, на постојната локација од страна на новите сопственици на компанијата „Метерудхем„ од Скопје;
    - Комората побара од градоначалникот и од Советот на Општина Велес да ги преземат сите правни мерки кои им стојат на располагање со цел да ги спречат новите сопственици на фирмата „Метрудхем‘‘ - Скопје во намерата да извршат рестартирање Тополницата;
   - побарано е да се достави барање до Министерството за животна средина и просторно планирање да изготви информации за моменталната еколошка состојба во која се наоѓа земјиштето и околината на која е моментално лоцирана фабриката;
    - градоначалникот и Советот на  општината Велес согласно своите уставни и законски овластувања да утврдат  општ интерес за општината и за земјиштето на кое се наоѓа Топилницата да поведат постапка за експропријација со пазарен надоместок (доколку тоа е во сопственост на Топилницата), да донесат измени и дополнување на Деталниот урбанистички план каде што на постојната локација на Топилницата нема да биде предвидено изградба и функционирање на каков било  индустриски објект. Измените и дополнувањата да се направат во најкраток временски период;
    - судската постапка во врска со Топилницата треба да ја преземат врвни правни експерти со цел таа да заврши на општо задоволство на граѓаните на Велес;
    - секоја нова инвестиција,  како во Република Македонија, така и во  Велес,   е добредојдена и  Регионалната комора со седиште во Велес  ги поддржува но, тие мора да бидат усогласени со законите на Република Македонија и да бидат во интерес на граѓаните на Велес;
    - пратениците од Велес да се обединат, и своите сили да ги насочат кон тоа да не овозможат рестартирање на Топилницата за олово и цинк на постојната  локација во Велес.
    Пратеникот Илија Димовски потврди дека ќе биде присутен на сите протести против рестартирањето на Топилницата и истакна дека ја поддржува иницијативата на Регионалната  комора со седиште во Велес.
    - Потребен е аргументиран пристап базиран на податоци и информации. Сериозен пристап во борбата што ни претстои. Добри се и оние креативни помалку бунтовнички аспекти на борбата, но како возрасни луѓе мора да знаеме дека само со тие бунтовнички аспекти нема да ја добиеме оваа битка.    Мислам дека општината и Зелената коалиција ќе извлечат поука од иницијативата на Регионалната комора и во наредниот период ќе спроведат вакви средби и активности и со други групации во Велес, со вработените во образованието, здраството, професорите..., рече Димовски.
     Во таа борба, додаде Димовски дека ќе ги искористи средствата што му се на располагање, како што се пратенички прашања, директни контакти со министрите во Владата, па и можноста да се поднесе специјален закон што се однесува на оваа проблематика.
     И пратеникот Марјан Николовски ја поддржа иницијативата и истакна дека колку повеќе се окрупнува фронтот против рестартирањето на Топилницата, толку се поголеми шансите за успех.
     - Оваа битка со Топилницата велешани треба да ја водат со институциите на системот кои треба да покажат дека функционираат и дека поважно е здравјето на граѓаните отколку профитот на кој и да било во Република Македонија, - рече Николовски. 
     Бизнис-заедницата од Велес и поширокиот регион будно ќе ги следи активностите во врска со запирањето на процесот на рестартирањето на Топилницата за олово и цинк и ќе ги  презема сите неопходни мерки.


                                                       Венера Андриевска