ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА 2022 ГОДИНА (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.164 од 20.7.2022)



Според усвоениот текст, на среден и на долг рок останува определбата на макроекономска стабилност и фискална консолидација, во насока на одржување поволни услови за забрзан економски развој. Воедно и понатаму продолжува поддршката на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии. 
Имајќи ги предвид остварувањата на приходите во изминатиот период од годината, како и потребата за обезбедување на средства за спроведување на активностите во услови на економска криза, извршени се промени во однос на иницијалните проекции на приходната и расходната страна на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година. 

Вкупните приходи со Измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2022 година се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Во структурата на вкупните приходи, даночните приходи, како изворни приходи на Буџетот учествуваат со 58,3% и се планирани на ниво од 143,2 милијарди денари односно за околу 6,7 милијарди или за 5% повеќе во однос на планираните со Буџетот за 2022 година.

Воедно, во услови на енергетска криза на глобално ниво, како и рапиден пораст на цените на енергентите и на прехранбените производи, даночната политика е ставена и во функција на стабилизација на цените на пазарот на овие производи во земјата, преку превземање на повеќе антикризни мерки кои се во примена од средината на март оваа година. Истите се реализирани преку измени и дополнувања на Законот за данокот на додадена вредност, со кои е предвидено времено ослободување од данокот на додадена вредност за прометот на основни производи за човечка исхрана, намалување на данокот на додадена вредност од 18% на повластена стапка од 10% за прометот со нафтени деривати, и е продолжена примената на оданочувањето со повластена стапка од 5% за прометот со електрична енергија кон домаќинствата. Истовремено, а со измените и дополнувањата на Законот за акцизите, предвидено е времено намалување на акцизата на повеќето енергенти, во зависност од движењето на референтните цени на нафтените деривати на светските пазари. Дополнително, со влегувањето во сила на Законот за Царинската тарифа во март 2022 година, постигнато е намалување на царинските стапки на над 250 тарифни ознаки, а со цел пониски трошоци на производствените компании и стимулирање на извозот. 

Во Измените и дополнувањата на Буџетот за 2022 година планирано е да се остварат околу 17 милијарди денари по основ на неданочни приходи (административни такси, концесии и други неданочни приходи), околу 2,2 милијарди денари од капитални приходи (по основ на продажба на земјоделско земјиште и општествени станови, како и по основ на планирана дивиденда од АД Македонски Телеком), како и 4,8 милијарди денари по основ на донации кон буџетските корисници за конкретни проекти и од повлекувања од предпристапните фондови на ЕУ. Социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 78,6 милијарди денари или за 5,7% на повисоко ниво во однос на приходите планирани со Буџетот за 2022 година. 

Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9%, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП. Расходите за исплата на платите се проектирани на ниво од 33,2 милијарди денари во чии рамки содржани се ефектите од контрола на новите вработувања, оптимизација на јавната администрација, како и ефектот на усогласувањето на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата. 

Расходите за стоки и услуги се планирани во износ од околу 23,1 милијарди денари, наменети за редовно сервисирање на обврските на буџетските корисници, во кои се вклучени ефектите од зголемените цени за енергенсите. Тековните трансфери се планирани на ниво од 189,8 милијарди денари или за околу 19 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2022 година, а се однесуваат пред се на потребните средства за имплементирање на економските мерки за поддршка на граѓаните и економијата, од кои поважни се следните: 

  • Дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи, 
  • Дополнителни субвенции и трансфери за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор со обезбедување на дополнителни 3,2 милијарди денари наменети за поддршка на растително и животинско производство, со цел стимулирање на приносите, зголемување на продуктивноста, поголема конкурентност, како и амортизирање на ценовните притисоци на основните прехрамбени производи, 
  • Пораст на трансферите до ЕЛС пред сѐ како резултат на пораст на блок дотациите до општините наменети за покачување на платите на вработените во градинките, како и за вработените во основните и средните училишта за 15% почнувајќи од септември 2022 година, 
  • Пензиите се дополнително зголемени, согласно новата методологија на пресметка на пензиите, според која усогласувањето на пензиите се врши според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%, 
  • За програмата за субвенционирање на придонеси за поддршка на плати планиран е поголем износ и истата е наменета за поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ заради подобрување на економскиот стандард на вработените во приватниот сектор, односно во дополнително планираниот износ вклучен е ефектот за субвенциониран придонес за разликата во плата до минимална плата и 17
  • За корисниците на правото на гарантирана минимална помош обезбедена е дополнителна финансиска поддршка во износ од 2,4 милијарди денари.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 32,1 милијарди денари или за околу 6 милијарди денари пониски во однос на планот за 2022 година, односно со овие измени и дополнувања на Буџетот за 2022 година извршено е ревидирање на капиталните проекти со позабавена динамика пред се кај капиталните проекти кои се реализираат на посебните сметки, вклучувајќи ги заемите и донациите. Притоа, кај буџетските корисници со планираните средства за капитални инвестиции предвидено е непречено да се реализираат планираните реконструкции и модернизациии со опрема кај јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и зголемен износ на средства за рурален развој (хидро системи, водоснабдителни и канализациони системи, останата водостопанска инфраструктура).

Значајни инвестициони вложувања со буџетски средства се планирани во областа на патната инфраструктура, а со цел проектирање и изградба на дел од Коридор 8 планирањето, проектирањето, изградбата и употребата на Коридорот 8, Делницата: Тетово -Гостивар/проширување на автопат, изградба на нов автопат Требеништа – Струга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани, како и Коридорот 10 д, делницата Прилеп – Битола. Дополнително, преку ЈПДП во делот на патна инфраструктура ќе се изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен.

Во делот на патната инфраструктура со кредитни средства предвидена е изградбата на источниот дел од патниот коридор 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, како и западниот дел од патниот коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани и делницата Кичево-Охрид. Исто така со кредитни средства предвидена е изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), подобрувањето на патната инфраструктура на општините во Република Северна Македонија преку Проектот за поврзување на локални патишта, патната делница Штип-Радовиш, Програмата за национални патишта, Проектот за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, како и Проектот воведување на брз автобуски превоз на територијата на Градот Скопје. 

Во делот на железничката инфраструктура, планирано е финансирањето на трите фази од изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга - Коридор VIII делот кон Бугарија, за што за втората и третата фаза се обезбедени 280 милиони евра грант средства од ЕУ, како и да започне Проектот изградба на железничка пруга Кичево - граница со Албанија, како и рехабилитација на делницата Куманово - Дељадровце. Воедно, планирана е изградбата на железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија која ќе се финансира со заем и грант средства од WBIF (Инвестициска рамка за Западен Балкан). Во областа на гасификацијата, предвидено е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар - Кичево и делница Свети Николе – Велес, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Косово, изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Србија, како и изградба на интерконективен гасовод меѓу Република Северна Македонија и Република Грција. Како позначајни проекти кои се планирани да се реализираат во овој период од областа на комуналната инфраструктура се оние поврзани со првата и втората фаза на Проектот за водоснабдување и одведување отпадни води во општините во Република Северна Македонија. Како големи капитални проекти во областа на земјоделието се Програмата за наводнување на Северна Македонија и Проектот за модернизација на земјоделството. 

Во областа на животната средина значаен капитален проект е изградбата на Пречистителна станица за отпадни води Скопје, како и станиците за цврст отпад во Полошкиот, Југозападниот, Вардарскиот, Пелагонискиот регион, Југоисточен регион и Скопскиот регион. 

Од областа на воспоставување инфраструктура за собирање и третман на отпадни води и воспоставување на интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад што ги исполнува условите на ЕУ како позначајни капитални проекти кои ќе се финансираат преку ИПА2 Програмите во периодот 2020 -2025 се Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Град Скопје, Проект за изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во општина Тетово, рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Кичево, изградба на пречистителна станица за отпадни води и рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Битола, проект за затворање на депонии во источниот и североисточниот регион, изградба на централен објект за управување со отпад, изградба на фабрика за сортирање, погон МБТ, депонија, постројка за компостирање, зелена точка за источниот и североисточниот 20 регион во Свети Николе, изградба на шест локални објекти за управување со отпад, станици за трансфер, постројки за компостирање и зелени точки за источен и североисточен регион, поддршка при воспоставување регионален систем за управување со отпад, набавка на опрема за Источен регион, поддршка и подготовка на потребната документација за набавка на опрема за вода за општини Радовиш, Кичево, Струмица, Битола, Тетово, Берово, Куманово и Прилеп, подготовка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата за собирање и третман на отпадни води и водоводна мрежа во општина Арачиново. Во делот на здравството, капитални проекти се изградбата на Универзитетски клинички центар во Скопје, реконструкцијата и доградбата на Регионалната Клиничка болница Штип, како и Проектот за итно справување со КОВИД 19. Во делот на образованието, социјалната заштита и правосудство е предвидено да се финансираат следните проекти: изградба и реконструкција на основни и средни училишта, изградба на фискултурни сали во средните училишта, реконструкција на студентски домови во Република Северна Македонија, Проект за унапредување на социјалните услуги, Проект за администрирање на социјалното осигурување, Реконструкција на казнено - поправните установи, Проектот за унапредување на основното образование. Од областа на праведен пристап до квалитетно инклузивно образование на сите нивоа како позначаен капитални проекти кои ќе се финансираат преку ИПА 2 Програмата во периодот 2020-2025 е реконструкција на јавни предучилишни установи. Во делот на општинската инфраструктура се финансираат два големи капитални проекти: Проектот за подобрување на општинските услуги и Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор. Проектираниот дефицит за 2022 година, отплатата по основ на главница на надворешен долг во износ од 6,23 милијарди денари и отплатата на домашен долг во износ од 5,54 милијарди денари ќе се финансираат преку задолжување на меѓународниот и домашниот пазар. 

Со оглед на актуелните економски и надворешно-политички состојби, оваа година поголем фокус ќе биде ставен на финансирање од меѓународните пазари. Ваквата определба ќе овозможи повеќе пари од домашниот банкарски сектор да бидат искористени во македонската економија, а дополнително, преку наворешните извори за финансирање ќе се зголемат девизните резерви на државата. Во рамки на домашното задолжување, кое е предвидено на ниво од 26,62 милијарди денари, превидено е задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност и/или заем. Задолжувањето со државни хартии од вредност на домашниот пазар ќе биде со истовремена отплата на државни обврзници во износ од 5,09 милијарди денари, при што ќе се реализира максимален износ на нето задолжување преку државни хартии од вредност во износ од 21,53 милијарди денари. Овие средства ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2022 година како и за делумно финансирање на 2023 година.
 


Контакт лице: Служба за информирање при Комората
Телефон: ++ 389 2 3244000
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ic@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје