ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПАКУВАЊЕ И ОТПАД ОД ПАКУВАЊЕ (*), „СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 215 ОД 16.09.2021 ГОДИНА



Основните цели на Законот за управување со пакување и отпад од пакување, се:

  • намалување до најмало можно ниво на негативното влијание на пакувањето и на отпадот од пакување врз животната средина и врз здравјето на луѓето, и
  • унапредување на стандардите за заштита на животната средина од страна на економските оператори во текот на животниот циклус на пакувањето, а особено при третманот, повторната употреба, преработката и отстранувањето на отпадот од пакување.

Покрај основните цели, во согласност со циркуларната економија, со овој закон треба

да се постигнат и следниве цели:

  • да се спречи создавањето на отпадот од пакување;
  • да се намали и ограничи употребата на штетни метали и материи и други опасни супстанци во пакувањето, и со тоа  да се постигне намалување на токсичноста на отпадот од пакување;
  • да се постигне одделно собирање  на отпадот од пакување на местото на неговото создавање;
  • да се постигне високо ниво на повторна употреба, рециклирање и други видови на преработка на отпадот од пакување, со тоа и намалување на депонирањето на отпадот од пакување;
  • да се обезбедат поволни услови за воспоставување и развој на пазарот за повторно  употреба, рециклирање и други начини на преработка на отпадот од пакување;
  • намалување на потрошувачката на енергија и на употребата на примарни суровини при производството на пакување и поттикнување на третманот на отпадот од пакување;
  • да се поттикнува користење на најдобри достапни технологии за третман, преработка и рециклирање на отпадот од пакување, и
  • да се обезбедат услови за да се поттикне производството на пакување за повторна употреба кое е биоразградливо. 

Врз основа на овој закон, управувањето со пакување и отпадот од пакување во Република Северна Македонија, се заснова на:

Начелото на одговорност на производителот, според кое производителот кој при вршење на својата дејност создава и придонесува кон создавање на отпад од пакување е одговорен за преземање на мерки за управување со пакување и отпадот од пакување со цел да се елиминира и/или намали до крајна можна мера негативното влијание врз животната средина кое настанува како резултат на отпадот од пакување создадено од неговата дејност, вклучувајќи и создавање на услови за остварување на висок степен на одделно собирање, повторна употреба, рециклирање и друг начин на преработка на отпадното пакување, и

Со овој Закон, за разлика од досегашниот Закон за управување со пакување и отпад од пакување се воведува решение според кое воспоставувањето и работата на колективните системи  за управување со пакување и отпад од пакување се уредуваат со новиот Закон за  проширена одговорност на производителот  во управување со посебните текови на отпад. Со ваквото решение се очекува детално регулирање на работата на колективните постапувачи, особено во делот на начинот на користењето на средствата од надоместокот што го добиваат од производителите.

Производителите кои за прв пат пуштаат на пазарот или увезуваат како крајни корисници во Република Северна Македонија спакувани стоки, се должни да се регистрираат согласно со членовите 17 и 18 од овој закон, најдоцна до 31 март 2022 година. Производителот евиденцијата од членот 19 став (1) од овој закон, е должен да започне да ја води од 1 јануари 2022 година. Првиот годишен извештај за видот и количината на пакувањето што го пуштил на пазарот во Република Северна Македонија од членот 19 став (2) од овој закон, производителот е должен да го достави најдоцна до 31 март 2023 година за 2022 година. Првиот квартален извештај до колективниот постапувач од членот 19 став (9) од овој закон, производителот е должен да го достави најдоцна до 15 април 2022 година.

Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон. До денот на влегувањето во сила на подзаконските прописи ќе се применуваат постојните подзаконски прописи.

Одредбите од членот 10 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 декември 2021 година. Одредбата од членот 34 став (7) од овој закон ќе започне да се применува по пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската Унија. Одредбата од членот 35 од овој закон ќе започне да се применува од 1 јануари 2022 година.

Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник на Република Македонија“ брoj 161/2009, 17/11, 47/11,136/11, 6/12, 39/12, 163/13, 146/15 и 39/16).

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 

 

 


Контакт лице: Служба за информирање при Комората
Телефон: ++ 389 2 3244000
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ic@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје