ЗАКОН ЗА ПРОШИРЕНА ОДГОВОРНОСТ НА ПРОИЗВОДИТЕЛОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПОСЕБНИТЕ ТЕКОВИ НА ОТПАД (*), „СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 215 ОД 16.09.2021 ГОДИНА



Со донесувањето на новиот Закон за проширена одговорност на производителот за постапување со посебните текови на отпад се овозможува воспоставување на единствен функционален систем за регулирање на обврските за остварување на проширената одговорност на производителот за управувањето со посебните текови на отпад. Законското решение воспоставува исти правила и постапки за сите колективни и самостојни постапувачи, во однос на нивното работење, услови и начин на добивање на дозвола, водење на евиденција и известување, како и спроведување на активности за известување на јавноста и подигнување на јавната свест.

Воедно, се создаваат услови за воспоставување на системи за управување со посебните текови на отпад кои ќе овозожат:

- обезбедување на собирање на максимални количини на посебен тек на отпад и обезбедување на повторна употреба и најсовремена преработка на посебните текови на отпад, со цел постигнување на националните цели за собирање, преработка и рециклирање;

- обезбедување на еднакви услови за работа на производителите кои пласираат одделни производи на пазарот со чија употреба се создава отпад што припаѓа на посебните текови на отпад со цел да го реализираат својот удел во спроведувањето на проширената одговорност на производителот;

- да се спречи во најголема можна мера влијанието врз животната средина од производите и посебните текови на отпад создадени со и по нивната употреба, преку обезбедување на висок степен на заштита на животната средина и здравјето на луѓето од една страна;

- обезбедување на непречено функционирање на внатрешниот пазар преку спречување на создавање на пречки во слободната размена на производи или нарушување на конкурентноста на внатрешниот пазар обезбедена согласно домашното и меѓународното законодавство, од друга страна; 

- обезбедување на еднакви услови за работа на колективните односно самостојните постапувачи кои управуваат со посебните текови на отпад преку утврдување на единствени правила и постапки за нивно формирање и работење;

- oбезбедување на неопходната транспарентност во работењето на производителите, односно колективните и самостојните постапувачи со посебните текови на отпад;

- oбезбедување точни и ревидирани податоци за количината на производи што се пуштаат на пазарот во Република Северна Македонија и

- информирање на јавноста и подигнување на јавната свест за производите и видот на отпад што се создава со нивната употреба, за начинот на кој може граѓаните да се вклучат во управувањето со посебните текови на отпад, како и за влијанието на отпадот врз животната средина и здравјето на луѓето. 

Подзаконските прописи предвидени со овој закон ќе се донесат во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон. До донесување на подзаконските прописи ќе се применуваат постојните подзаконски прописи кои се однесуваат на водењето на евиденцијата и доставувањето на извештаите за пуштените производи на пазарот и постигнувањето на националните цели донесени врз основа на Законот за управување со пакување и отпад од пакување („Службен весник на Република Македонија“ број 161/2009, 17/11, 47/11, 136/11, 6/12, 39/12, 163/13, 146/15 и 39/16), Законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори („Службен весник на Република Македонија“ број 140/10, 47/11, 148/11, 39/12, 163/13, 146/15 и 39/16) и Законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема („Службен весник на Република Македонија“ број 6/12, 163/13, 146/15 и 39/16).

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

 


Контакт лице: Служба за информирање при Комората
Телефон: ++ 389 2 3244000
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ic@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје