ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ТРГОВСКИТЕ ДРУШТВА („СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ“ БР. 215 ОД 16.09.2021 ГОДИНА)



Со членовите 1, 2, 3 и 4 од овој Закон се воведува поедноставена форма на Друштво со ограничена одговорност, со основна главнина од 1 евро, основано најмногу со тројца основачи, кои можат да бидат само физички лица. За поедноставеното друштво со ограничена одговорност се предвидени посебни правила од аспект креирање законска резрва и располагање со добивката.

Со членовите 5, 6 и 7 се укинуваат причините за поведување постапка за бришење неактивен субјект од трговскиот регистар по службена должност од страна на Централниот регистар на Република Северна Македонија. Останува, единствено можноста за отпонување постапка за бришење неактивен субјект, доколку статусот „неактивен“ е утврден од страна на Управата за јавни приходи, три години по ред, согласно членот 477-а од Законот.

Со членот 8 се додава нов член 597-б, со кој се прецизира надлежноста на Комисијата за хартии од вредност за поведување прекршочна постапка, доколку е сторен прекршок според членовите 606-б од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва (Службен весник бр.166/12) и членот 605-в од овој Закон. Оваа надлежност Комисијата и досега ја остваруваше согласно членот 605-б став (2) и членот 605-в став (2) од Законот.

Со останатите одредби се врши усогласување со Законот за прекршоци, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96 од 17.05.2019 год.

Со бришење на членот 552-б од Законот за трговските друштва ќе се укине двојното санкционирање на трговските субјекти за недоставување годишна сметка и финансиски извештаи за последната деловна година до последниот работен ден од тековната година, со тоа што на сила ќе останат прекршочните одредби од законот, кои за овој прекршок предвидуваат прекршочна санкција во форма на глоба за трговскиот субјект и одговорното лице, како и  привремена мерка забрана за вршење дејност и должност за трговскиот субјект и одговорното лице.

 Започнатите постапки за бришење неактивни субјекти од трговскиот регистар согласно членот 552-б, започнати до денот на влегувањето  во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со Законот за трговските друштва („Службен весник на Република Македонија“ бр. 28/2004, 84/2005, 25/2007, 87/2008, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12, 70/13, 119/13, 120/13, 187/13, 38/14, 41/14, 138/14, 88/15, 192/15, 6/16, 30/16, 61/16, 64/18 и 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 290/20).

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.


Контакт лице: Служба за информирање при Комората
Телефон: ++ 389 2 3244000
Факс: ++ 389 2 3244088
Е-адреса: ic@mchamber.mk
Контакт центар: (02) 15015

Стопанска комора на Северна Македонија, ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 13, 1000 Скопје