Стопанската комора на Северна Македонија, на 20 април 2021 година, организира еднодневна онлајн работилница на тема: „Интерни мерки за надминување на потешкотиите во работењето поради ограничувањето на работниот процес“.
Реалноста на работењето во текот на изминатата година како неизбежен го наметнува заклучокот дека деловните субјекти навистина беа соочени со непрецедентни предизвици и потешкотии во функционирањето. Ваквите потешкотии ја нагласија потребата за поголема инвентивност во чекорите кои се преземаат, и користење на сите законски механизми со цел минимизирање на штетните ефекти од ограничениот работен процес.
Во таа насока, оваа работилница ќе понуди преглед на некои од најактуелните решенија кои се користат од страна на работодавачите со цел да се ограничат трошоците, а да се зачуваат работните места, како и здравјето на сите во деловниот потфат.
Работилницата пред сé ќе ги разгледа значењето и важноста на институтот вршење на работа од дома, при што ќе се објасни како практично да се имплементира ваквиот принцип на работење, без тоа негативно да се одрази врз целокупниот работен резултат.
Ќе се анализираат неколку најчесто застапени основи за отсуство од работа со надоместок на плата, со особен осврт на годишниот одмор, а ќе се потенцираат и карактеристиките на неплатеното отсуство, како и ќе се разгледаат принципите на престанокот на договорот за вработување низ призмата на законските можности за раскинување на работниот однос по причини на страната на работникот и работодавачот. Особено ќе се нагласи потребното внимание за спроведување на правилна постапка за откажување на договорот за вработување, со цел правата на сите засегнати да бидат заштитени и гарантирани.
ПРОГРАМА
I. ДОГОВОР ЗА ВРАБОТУВАЊЕ СО ВРШЕЊЕ НА РАБОТА ДОМА
· Потреба од склучување посебен договор за вработување;
· Права и обврски;
· Надоместоци за употреба на сопствени средства;
· Заштита и безбедност при работа.
· ИНТЕРЕН АКТ ЗА ВРШЕЊЕ НА РАБОТА ОД ДОМА
· Потреба од донесување на интерен акт;
· Начин на уредување, воведување и времетраење;
· Утврдување на основните права и обврски;
· Елементи на интерниот акт.
· ОБВРСКА ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ НА НАДЛЕЖНИОТ ИНСПЕКТОРАТ;
· ЗАБРАНА НА РАБОТА ДОМА;
· РАБОТИ КОИ НЕ СМЕАТ ДА СЕ ВРШАТ ДОМА;
· ИСКЛУЧОЦИ ПРИ ВРШЕЊЕ РАБОТА ДОМА
· Ограничување на работното време, ноќна работа, дневен и неделен одмор.
II. ОТСУСТВА ОД РАБОТА
· Годишен одмор;
· Други основи за платено отсуство;
· Неплатено отсуство.
III. ПРЕСТАНОК НА РАБОТНИОТ ОДНОС
· Начини на престанување на важноста на договорот за вработување;
· Спогодбен престанок на работниот однос;
· Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот;
· Дозволеност, форма и содржина на отказ;
· Основани и неосновани причини за отказ;
· Откажување на договорот за вработување поради лични причини и причини на вина.
Предавач:
- Викторија Спасовска – Симоноска,адвокат, предавач на обуки, семинари и конференции со особен фокус на тематики од облигационото, деловното и трудовото право.
За сите учесници ќе биде обезбедено:
- Напатствија за приклучување на онлајн работилницата и
- Работни материјали во електронска верзија.
Сите заинтересирани за учество на оваа работилница можат да се пријават најдоцна до 15.04.2021 година.