- Правила и предизвици при изготвување и при поднесување на електронските понуди: најчести предизвици и прашања на економските оператори и предностите што ги нуди електронскиот систем за јавни набавки -
По кризната 2020 година очекувањата се дека во 2021 година јавните институции и компаниите постепено ќе се вратат на нормално функционирање и на спроведување на јавните набавки. За таа цел, Стопанската комора на Македонија, поради огромниот интерес за оваа тема, која е секогаш актуелна, организира „онлајн“ семинар на тема „УСПЕШНО УЧЕСТВО НА ЈАВНИТЕ НАБАВКИ ВО 2021 ГОДИНА – правила и предизвици при изготвување и при поднесување на електронските понуди: најчести предизвици и прашања на економските оператори и предностите што ги нуди електронскиот систем за јавни набавки“. Виртуелниот семинар ќе се одржи на 28 јануари 2021 година од 10 до 14 часот и е наменет за сите економски оператори (понудувачи) како неминовни учесници на пазарот за јавни набавки.
Цел на семинарот:
Преку стручен, теоретски, но и интерактивен и практичен пристап да се претстават и да се доближат до учесниците правилата и предизвиците при изготвувањето на понудите, како и да се презентираат насоките за практично користење на електронскиот систем за јавни набавки од страна не економските оператори, презентирајќи ги истовремено и измените воведени со новиот Закон за јавните набавки. Исто така, предавачите ќе направат осврт и на најчестите пропусти и грешки што ги прават понудувачите при подготвувањето и при поднесувањето квалитетни понуди, како и да се добие одговор на многу други прашања.
ПРОГРАМА:
НАЈЧЕСТИ ПРАШАЊА И ГРЕШКИ ОД ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ
- Како да си го поедноставам учеството во постапките за јавни набавки? ПРОФИЛ на економски оператор, КОРИСНИЦИ на ЕО, заштеда при електронско купување ДОКУМЕНТИ ОД ЦРРСМ и нивна автоматска обнова.
- Каде и како да добијам увид во ПРОЦЕНЕТАТА ВРЕДНОСТ на набавката?
- Разлики кај набавката од мала вредност, поедноставена отворена постапка и отворена постапка и што да се има предвид при изработка на тендерска документација за РАЗЛИЧНИТЕ ВИДОВИ ПОСТАПКИ.
- Начин на ДОКАЖУВАЊЕ СПОСОБНОСТ и потребна документација според видовите постапки за јавни набавки.
- Услови за исклучување и за квалитативен избор на економските оператори.
- Како да се дефинираат КРИТЕРИУМИТЕ ЗА ИЗБОР, директно поврзани, недискриминирачки и пропорционални со предметот на набавка? Детални образложенија и насоки во ТД.
- Како да се утврди и да се бодува соодносот ЦЕНА/КВАЛИТЕТ И ЦЕНА/ТРОШОЦИ ЗА ЖИВОТЕН ВЕК? Кои поединечни критериуми и која методологија е најсоодветна и може да се користи?
- Внимание – цена на понудата заснована врз реални трошоци + заработка. НЕ ПОСТОИ МОЖНОСТ ЗА РЕВИДИРАЊЕ НА ЦЕНАТА – КОНЕЧНА ЦЕНА не е предвидена.
- Кои податоци не може да се означат како ДЕЛОВНА ТАЈНА? Како се прави увид во понудите на конкурентите/понудувачите?
- Опционална електронска аукција (не се препорачува – добивање нереално високи понуди и можност за манипулација); 99 % од огласите повторно завршуваат со електронска аукција – НЕЗНАЕЊЕ ИЛИ ДОГОВАРАЊЕ.
- Намалување на НЕГАТИВНАТА РЕФЕРЕНЦИЈА 6/3.
- ЕЛЕКТРОНСКА ЖАЛБА и рок за прикачување одговор од договорниот орган.
- ИЗМЕНА НА СКЛУЧЕН ДОГОВОР во текот на неговата реализација и известување за реализиран договор и други задолжителни известувања.
- Статистички анализи од примената на Законот до денес – преку 8.500 поништувања, 1.100 електронски жалби и НАМАЛЕНА КОНКУРЕНЦИЈА.
Предавачи на семинарот ќе бидат изготвувачите на Законот за јавни набавки, со кои ќе имате непосредна можност да разговарате за новините и за толкувањата на одредбите. Предавачите се наедно и експерти за јавни набавки и ЕУ/УНДП/ЦИПС-сертифицирани обучувачи за јавни набавки, со долгогодишно искуство во областа, вработени во Бирото за јавни набавки (БЈН) и вклучени во развојот на системот за јавни набавки и за електронски набавки во Македонија:
- Марија Јованоска, раководител на сектор во БЈН и
- Горан Давидовски, помошник-раководител на сектор во БЈН.
За сите учесници на семинарот во електронска порака ќе бидат доставени:
- линк за приклучување на обуката преку платформата Webex cisco;
- работен материјал и
- сертификат за присуство на семинарот.
Поради голема заинтересираност и поради ограничен број на места, ве молиме својата пријава да ја доставите најдоцна до 25 јануари 2021 година.