Брзиот технолошки развој и продор на информациско-комуникациските технологии преку процесите на дигитална трансформација несомнено наметнуваат потреба од приспособување на деловните процеси и прифаќање на дигитализацијата во компаниите во насока на задржување на конкурентноста и подигнување на ефикасноста во работењето.
Во насока на подигнување на капацитетите на високо образовните кадри во македонските компании, Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан, за потребите на бизнис заедницата, на 6 и 7 јуни 2023 година организира тренинг-програма на тема: „Дигитална трансформација за македонските компании: Пат кон регионална интеграција“. Програмата се организира во рамки на проектот „Поддршка од ЕУ за Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан“ финансиран од Европската Унија.
Цел на програмата:
Програмата има за цел да ги подготви претставниците на компаниите со знаења и вештини неопходни за успешно совладување на предизвиците кон патот на дигиталната трансформација. Учесниците на Програмата ќе имаат можност да добијат значајни информации кои ќе им овозможат интеграција на македонските компании во регионалното дигитално подрачје на Западен Балкан и нивно унапредување во интеграцијата кон пан-европскиот дигитален пазар.
За кого е наменета програмата
Програмата е наменета за преставници од средниот и врвен менаџмент на компаниите кои се подготвуваат за воведување во процесите на дигитална трансформација. Истата е наменета за професионалци од различни индустрии и сектори, вклучувајќи маркетинг, продажба, развој на бизнисот, информациони технологии и менаџмент, кои имаат интерес да користат дигитални технологии за унапредување на конкурентноста во компаниите.
За програмата:
Програмата е дизајнирана на тој начин што на учесниците им овозможува сеопфатно разбирање на дигиталната трансформација и нејзиното значење во денешното деловно опкружување. За време на двата дена ќе имате можност да се запознаете со различни аспекти на дигиталната трансформација, а преку практичните вежби ќе имате можност да ја унапредите Вашата дигитална извонредност во рамки на Вашата организација.
I тренинг-ден 06.06.2023 година
1. Дефиниција, значење и предизвици во дигиталната трансформација
- Стекнете јасно разбирање за тоа што претставува дигиталната трансформација и зошто е клучна за успех во бизнисот
- Истражете ги главните предизвици со кои најчесто се соочуваат компаниите во процесот на дигитална трансформација
2. Современи технологии и нивната улога во денешното работење
- Откријте го трансформациониот потенцијал на современите технологии како што се сметководство во облак, бизнис аналитика, вештачка интелигенција, Интернет на нештата (IoT), сајбер безбедност и блокчејн технологии.
- Разберете како овие технологии може да ги унапредат деловните операции, да ја подобрат ефикасноста и поттикнат иновации.
3. Деловни трендови во 2023 година
- Истражете ги најновите трендови кои го обликуваат деловното опкружување во 2023 година.
- Идентификувајте ги новите можности и потенцијални ризици кои можат да влијаат на Вашата организација во процесот на дигитална трансформација.
II тренинг-ден 07.06.2023 година
1. Фокус кон корисникот: Вовед во „Design Thinking“ методологија, мапа на емпатија и креирање персони
- Воведете нов пристап кој се фокусира кон корисникот во процесот на дигитална трансформација.
- Научете како да го примените принципот на „Design thinking“, како би добиле појасен увид во потребите и преференции на корисниците.
- Креирајте мапа на емпатија и персони со цел подобро да ја разберете целната група и да ја усогласите дигиталната стратегија во склад со истата.
2. Практична работилница: Креирање вредносна понуда за корисникот „Value Proposition Canvas“
- Развијте и унапредете ја вредносната понуда за вашите корисници
- Научете како ефикасно да ја комуницирате единствената вредност која Вашиот производ или услуга ја нуди на корисниците.
- Стекнете практичен увид и насоки за тоа како да ја искористите вредносната понуда за стекнување нови и задржување на постоечките корисници.
Предавач:
- Александар Вратоњиќ Глигоријевиќ, дипломиран инженер по менаџмент на информатичка технологија на Факултетот за математика и компјутерски науки на Универзитетот Хериот Ват во Единбург, Шкотска. Својата кариера Глигоријевиќ ја започнал како практикант во IBM, а по враќањето во Србија продолжува да работи во ИКТ индустријата. Тој е главен маркетинг директор на ТелеГруп Системс каде го трансформира деловниот пристап на системска интеграција во ерата на дигитална технологија. Добитник е на наградата Млад лдиер во промени за придонес во развојот на млади таленти, што ја доделува Американската стопанска комора во Србија (AmCham). Активно учествува во развојот на дигиталната информатичко-технолошка индустрија и технолошкиот старт-ап екосистем на Балканот преку организации како Digital Serbia Initiative, BitAlliance.
- Работен јазик на програмата: српски јазик.
- Учеството на програмата е без надомест, за претставници компаниите, кои може да аплицираат со пополнување на Апликација и доставување до контакт лицето. Поради ограничениот број на учесници, бројот на лица-апликанти од иста компанија е ограничен на едно лице.
- Последен рок за пријавување е 30.5.2023 година (вторник) до 16:00 часот, по што ќе следи процес на селекција на учесници.