АЗЕСКИ НА 23. МЕЃУНАРОДЕН МОСТАРСКИ САЕМ
➢ Актуелно (05.04.2022, во 10:55:55)
👁 Прочитано: 1638




АЗЕСКИ НА 23. МЕЃУНАРОДЕН МОСТАРСКИ САЕМ Кликни за повеќеПретседателот Азески на Саемот во Мостар пред кризата со короната

Најголема и најбројна бизнис-манифестација во регионот со 50.000 посетители. Хрватскиот премиер Пленковиќ, српската премиерка Брнабиќ и босанскиот премиер Новалиќ, како и унгарскиот министер за надворешни работи, Петар Сиарто, денеска ќе бидат во друштво на бизнисмените од регионот.

 

Дваесет и третиот меѓународен бизнис-саем во Мостар, кој ќе се одржи во периодот од 5 до 9 април 2022 година, е една од најважните саемски манифестации во Босна и Херцеговина според бројот на изложувачи и на посетители. Мостарскиот саем е дел од мрежата на Здружението на изложувачи од Југоисточна Европа (ЕАСЕЕ).

Унгарија, како земја партнер на овогодишниот саем, ќе ги претстави своите економски потенцијали и можности за соработка. На Саемот ќе учествуваат голем број изложувачи, доминантно од Австрија, Германија, од Турција, Полска и од Израел како потенцијална земја партнер. Присутни се и излагачи од Кина, предводени од технолошкиот гигант Huawei.

Саемот ќе биде збогатен со конференции на регионално и на меѓународно ниво, од областа на животната средина, земјоделството и прехранбениот сектор, како и потенцијалот за развој на туристичките дестинации во периодот на постковид, со Б2Б-средби и со образовни настани, нудејќи им на учесниците единствена понуда и комбинација од саемски и од конференциски настани на едно место. Планирани се и тематски денови, а секој од нив ќе понуди придружна содржина поврзана со одреден сектор од економијата, што ќе им донесе уште подобра можност на учесниците да одржат конкретни деловни состаноци и да го подобрат бизнисот.

По Саемот во Тирана во декември 2021 година, Коморскиот инвестициски форум на шесте земји од Западен Балкан (КИФ ЗБ6) организира заеднички штанд и во Мостар за 30 избрани мали и средни претпријатија (МСП), кои ќе бидат дел од заедничката делегација што ќе учествува на 23. Меѓународен бизнис-саем во Мостар од 5 до 7 април 2022 година. Во рамките на штандот на КИФ ќе учествуваат компании од земјоделскиот и од земјоделско-прехранбениот сектор.

На заедничкиот штанд на КИФ ЗБ6 компаниите учесници од регионот на Меѓународниот бизнис-саем во Мостар ќе имаат можност за средба со шесте големи малопродажни синџири/дистрибутери (по еден од секоја економија од ЗБ6) што ќе учествуваат во програмата. Меѓусебни деловни средби на компаниите од регионот, како потенцијални партнери, но и можност за учество на обуки по мерка за одржливо производство и потрошувачка на храна, во согласност со стратегиите и со стандардите на ЕУ, и за да ги претстават своите промотивни материјали.

Служба за информирање при Комората