ПОСЕТА НА СТУДЕНТИТЕ ОД АМЕРИКАНСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ НА ЕВРОПА – ФОН И НИВНО ЗАПОЗНАВАЊЕ СО УЛОГАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НАЈГОЛЕМАТА, НАЈВЛИЈАТЕЛНАТА И НАЈПОЧИТУВАНАТА БИЗНИС-АСОЦИЈАЦИЈА ВО ДРЖАВАТА
➢ Актуелно (28.12.2021, во 18:33:21)
👁 Прочитано: 631




ПОСЕТА НА СТУДЕНТИТЕ ОД АМЕРИКАНСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ НА ЕВРОПА – ФОН И НИВНО ЗАПОЗНАВАЊЕ СО УЛОГАТА НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НАЈГОЛЕМАТА, НАЈВЛИЈАТЕЛНАТА И НАЈПОЧИТУВАНАТА БИЗНИС-АСОЦИЈАЦИЈА ВО ДРЖАВАТА

На 28.12.2018 година (вторник), како резултат на потребата од запознавање со улогата на Стопанската комора на Северна Македонија, која е репрезент и застапник на интересите на стопанството, како и со услугите што ги обезбедува Стопанската комора на Северна Македонија за компаниите членки, во посета на Комората беа студенти од Американскиот универзитет на Европа – ФОН. Посетата беше иницирана од претседателот на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, м-р Сефер Цаноски, и од проф. д-р Нада Петрушева, професорка на Економскиот факултет при АУЕ – ФОН, а со задоволство прифатена од претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, г. Бранко Азески.

Имено, Американскиот универзитет на Европа – ФОН е првиот приватен универзитет во Република Северна Македонија. Започнал во 2003 година како Факултет за општествени науки, сѐ до април 2020 година кога Универзитетот ФОН донел одлука да го промени своето име во Американски универзитет на Европа – ФОН (American University of Europe – FON / AUE – FON). Со оваа промена се создале можности за компетитивност и за подготвување за реалниот професионален живот преку спојот на теоријата и праксата, квалитетот на студиите и преку напредните услови за работа и за учење.

Пред студентите беше претставена Стопанската комора на Северна Македонија, која е најголемата, највлијателната и најпочитуваната бизнис-асоцијација во државата и лидер во коморскиот систем кај нас и во регионот и препознатлива куќа на бизнисот.  

Со улогата на Стопанската комора како институција која ги застапува интересите на сите стопански субјекти членови на Комората, студентите беа запознаени од д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател во Стопанската комора на Северна Македонија. Таа на непосреден и на близок начин ги информираше присутните за начинот на функционирање на Стопанската комора на Северна Македонија, за здруженијата, групациите и за асоцијациите кои работат во Комората, но и за регионалната покриеност на Стопанската комора и за нејзината меѓународна соработка, истакнувајќи дека Стопанската комора на Северна Македонија за педесет дена ќе прослави 100 години од своето постоење, дека секогаш била и е значаен економски фактор и дека, според редоследот на вредноста, се вбројува веднаш по најрепрезентативните политички институции – Парламентот и Владата на РМ.

За улогата на „Вашата бизнис-канцеларија“ во својата презентација зборуваше Игор Тасевски, експерт во Стопанската комора на Северна Македонија. Тој ги запозна присутните студенти со начинот на функционирање и со документите и потврдите што ги издава Комората, а кои им се неопходни за надворешно-трговското работење на компаниите.

Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите беа претставени од Нена Николовска, експерт во Стопанската комора на Македонија. Во своето обраќање, Нена Николовска ги истакна целите и задачите на Здружението, кои се во насока на разгледување прашања поврзани со унапредувањето на работењето и со решавањето на тековните проблеми во дејноста; со економската промоција и организација на саеми, изложби и посети на стопански делегации, кои се од интерес на членовите на Здружението; со иницирањето и со остварувањето соработка во однос на прашања од заеднички интерес со други здруженија во рамките на Стопанската комора; со остварувањето меѓународна економска соработка во согласност со програмските активности и со општите акти на Комората и др.

За Excellent SME MACEDONIA, како една од услугите што ги реализира  Стопанската комора за успешните микро-, мали и средни компании, во својата презентација зборуваше Валентина Цветковска, соработник при Стопанската комора на Северна Македонија. Печатот на веб-порталот Excellent SME MACEDONIA е сертификат за деловно работење. Стопанската комора на Северна Македонија го издава сертификатот, во соработка со познатата агенција за кредитен рејтинг „COFACE“ од Хрватска, за најуспешните мали и средни компании во Македонија. Главната цел на сертификатот, што се совпаѓа со ЕУ-директивите, е да се промовираат малите и средни компании, да се обезбедат и да се осигураат бизнисот и добрите бизнис-пракси, како и да се зголеми пазарната транспарентност. Исто така, тоа ќе им помогне на клиентите и на бизнис-партнерите да ги намалат финансиските и другите ризици кога склучуваат деловни договори.

Сигурни сме дека Американскиот универзитет на Европа – ФОН, преку ваквиот  современиот начин на настава и на интерактивна работа, преку кој студентите ќе се запознаат со работењето на Стопанската комора на Северна Македонија и ќе ги видат и практично реалните потреби на компаниите, успешно ќе ги оствари целите и задачите на квалитетна и на модерна високообразовна институција.

Валентина Цветковска
Соработник во организационата целина за претставување на членките и вмрежување