ПОРАКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОПАНСКА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – БРАНКО АЗЕСКИ
👁 Прочитано: 677




ПОРАКА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СТОПАНСКА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА – БРАНКО АЗЕСКИ

Почитувани,

И покрај тешките кризи кои не опкружуваат во моментот, концептот за „Комора на иднината“ се остварува со забрзано темпо. Водечкиот приоритет да се свртиме кон компаниите почна да ги дава своите резултати. Само да наброиме:

Прво, акцијата за вакцинација во Србија, со која, во еден критичен момент излеговме во пресрет на нашите членки и успешно вакциниравме 2.500 вработени во нашите компании;

Второ, реализиравме проект со кој се обезбеди финансиски грант од 500.000 евра за набавка на 23 машини и друга опрема и алати за 4 компании, во рамките на проектот за зголемување на извозната конкурентност на металопреработувачкиот сектор, електро и машинскиот сектор, преку подобрување на технолошките и производствените способности на извозно-ориентираните МСП.

Трето, ние сме прва комора во регионот и пошироко, која со сопствено дигитално решение целосно го дигитализираше издавањето на документите за надворешно-трговско работење. На тој начин се елимира потребата од физичко доставување на документите – пракса на која компаниите трошеа дополнително време и пари.
Четврто, станавме претставници за имплементација на САП системите и нивната промоција и обезбедивме директна партиципација за компаниите кои се одлучија да го воведат, заедно со Швајцарската амбасада и Владата на Република Северна Македонија.

Петто, на самиот почеток на пандемијата, Комората набави најсофистициран систем за онлајн (видео-конференциски) врски што обезбедува стабилна конекција за огромен број учесници и настани, со што во овој вонреден период целосно се прилагодивме на дигитално-технолошките решенија, со кои се продолжија нашите редовни активности.

Шесто, опремивме најмодерна судница за Постојаниот избран суд – Арбитража и нејзино дигитално поврзување за спроведување на онлајн меѓународни спорови, што во изминатите неколку денови го положија својот прв испит со завршено рочиште на еден многу сложен меѓународен арбитражен спор.

Седмо, сите сали во Стопанската комора на Северна Македонија се дигитализирани и опремени за онлајн работење.

Осмо, со Фондот за иновации и технолошки развој договоривме продолжување на проектот од т.2 и во наредната година, како и формирање на Центар за старт-ап компании во рамките на Комората, наше учество во органите на Инвестицискиот фонд, Технолошкиот парк и Зелената економија.

Деветто, направивме и конкретен резултат во дуалното образование, каде минатата година имавме само 11, оваа година  211 компании се вклучија во процесот на дуално образовниае, а следната година очекуваме 500  компании.  

Десетто, изработивме дигитален регистар на сертифицирани ментори и верифицирани компании со што Комората стана центар кој ги вмрежува сите активни чинители во процесот на средно стручно образование.

Единаесетто, нарачавме две меѓународни студии од Виенскиот институт и Економскиот институт во Љубљана за две наши значајни прашања: извозот и нашето пристапување кон платформата „Отворен балкан“ со што спроведовме определба на раководството од Комората да користиме услуги на врвни меѓународни институции од областа на економијата.

Дванаесетто, покренавме иницијатива за изменување и дополнување на Законот за трговски друштва за подигнување на контролниот праг за преземање на акционеркси друштва од 25 на 33% од хартиите од вредност со право на глас и соодветна измена во носењето на одлуките со двотретинско мнозинство од постојниот закон.

Тринаесетто, на седницата на Управниот одбор ќе донесеме одлука за влегување во акционерската структура на Македонската берза АД Скопје и Комисијата за хартии од вредност, бидејќи раководството на Комората процени дека нашите компании во најголем дел ги користат овие две институции како темел за нивното работење. И токму заради тоа, СКСМ како нивен претставник, треба да има влијание во одлуките што се носат од овие две сериозни институции.

Четиринаесетто, започна со работа Советот за развој на високото образование и истражувања со кој го отвораме процесот за привлекување мали и средни компании кон Комората, а со формирањето на Центарот за старт-ап компаниите ќе го заокружиме процесот на опфат на сите компании во Македонија, а не само на големите.

Петнаесетто, можам да го известам Управниот одбор дека се активирани сите Совети, со што додатно привлековме околу стотина истакнати бизнисмени, научни работници и меѓународни експерти во нашите органи и тела, што е за исклучителна почит, а дополнително со Владата на Република Северна Македонија изработивме список на 76 експерти вработени во нашите компании коишто ќе го дадат својот придонес и помош во работењето на државната администрација, која, констатирано, е во многу лоша сосојба и претставува пречка за нашето работење.

Шеснаесетто, се наоѓаме пред финална разрешница на 4 наши клучни барања усогласувањето на Царинскиот тарифник со царинските стапки на ЕУ, со што ќе помогнеме директно на нашите компании (и домашни и странски), во процедура е промена на законските решенија за можноста за формирање холдинг-друштва, проблемот со парафискалните давачки, забрзување на процесот на гасификација, мерките за борба против сивата економија, регистрирањето на електронските медиуми како трговски друштва, со што ќе можеме да ги тужиме во изнесувањето на нивните квалификации коишто директно му штетат на бизнисот. Со сите овие иницијативи повторно им помагаме на компаните.

На крај, тука би ги ставил и погодностите што нашите компании ги уживаат преку Коморскиот инвестиционен форум кој со неколку проекти на ЕБРД, ЕУ и KFW секојдневно убризгуваат средства во нивното работење.

Мораме да признаеме дека во условите во кои работиме, ова е значаен успех. Тоа го чувствуваме и со повратната информација од страна на компаниите. Приходите се стабилни, зголемено е и нашето присуство во медиумите, а морам да кажам и дека секојдневно пристигнуваат пораки преку електронската пошта со благодарност до Комората што се грижи за своите членки. Се на се, „Комората на иднината“ оди напред и во вакви услови.

Денес го најавувам следниот наш чекор: Ако досега во соработката со Владата имавме состојба на наше консултирање откако законското решение ќе беше веќе конципирано, сега одиме чекор напред бидејќи ќе учествуваме во нивното директно креирање, преку заедничко тело на Владата и Комората кое ќе учествува во конципирањето на секој законски проект што е од интерес за компаниите. Тоа ќе биде тема на нашата следна седница на Управниот одбор.

Затоа е потребно наше прилагодување и посветување, како би се зголемила улогата на компаниите во фаза на креирање на законите. Нормално е тој тим од наша страна да го предводи д-р Анита Блажевска, која има искуство на тој план и се надевам дека ќе го надгради во интерес на сите нас.

Г-дин Никола Љушев, претседател на нашиот Совет за напредни технологии во наредниот период ќе биде приклучен на тимот кој работи на регионалното поврзување, за кое има искуство и знаење, и предводи компанија која има операции низ сите земји на Западен Балкан.

Г-дин Зоран Мартиновски поактивно ќе се вклучи на изнаоѓање регионални проекти од кои бенефит ќе имаат нашите членки. Со тоа Управниот одбор на СКСМ ќе ја забрза својата работа уште повеќе да помогне на компаниите.

Исто така, сакам да ве информирам дека ќе го номинирам д-р Горан Рафајловски, досегашен наш претседател на Постојаниот избран суд – Арбитража и поранешен потпретседател на Комората за функција којашто ќе одговара на неговите професионални квалитети, што ќе биде во интерес на Комората.

Принципот на работа на поединечна одговорност  на членовите на сите органи и тела и на стручната служба во Комората при спроведување на клучните приоритети во еден сложен систем како нашиот ќе продолжи и понатаму, затоа што е силен мотивационен фактор на нашите членови кои се силни брендови во македонската економија.

Со почит,

Претседател,
Бранко Азески

 

П.с. За да не се заборави, а и да се потсетиме кој кога во оваа држава покренува иницијативи, предлага решенија и алармира, треба да се вратиме на 16 март 2018 година кога ја прославуваме нашата 96-годишнина во амфитеатарот на Клиниката „Жан Митрев“ и да прочитаме кој зборуваше за дигитализација, нанотехнологии, автоматики и роботики, кој ги најавуваше гостите од Европската унија (докажани млади луѓе во оваа сфера) кои го покренаа ова прашање во рамките на нашата иницијатива за поврзување на претприемачите од малите земји и организацијата на Самитот на мали земји - нови трендови во бизнисот. Прилог: Брошура за организираниот настан.

Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија