ПОБЛИСКУ ДО КОМПАНИИТЕ - ПОБРЗО ДО ЦЕЛТА! ЦЕЛТА Е ЗАЕДНИЧКИ ДА ПРИДОНЕСЕМЕ КОН НАМАЛУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ЗДРАВСТВЕНАТА, ЕКОНОМСКАТА И ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА ВО ЗЕМЈАВА
➢ Актуелно (15.11.2021, во 00:25:08)
👁 Прочитано: 492



Посети во компании и средби со бизнис - заедницата од Виница, Кочани и Штип (10, 11 и 12.11.2021 год)
ЦЕЛТА Е ЗАЕДНИЧКИ ДА ПРИДОНЕСЕМЕ КОН НАМАЛУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ЗДРАВСТВЕНАТА, ЕКОНОМСКАТА И ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА ВО ЗЕМЈАВА

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, во придружба на потпретседателите на Комората, м-р Глигор Цветанов, д-р Елена Милевска Штрбевска и м-р Анета Трајковска, минатата недела реализираше три дневна посета на источниот регион. Беа посетени повеќе македонски компании во Виница и Штип и реализирани работни средби со компании, активни долгогодишни членки на Комората, кои се меѓу најуспешните  компании по годишниот промет и приходите од овој регион, а претседателот Азески учествуваше и на свеченото одбележување на пуштањето со работа на мултидисциплинарниот објект, центар за анализи и истражување, лаборатори, академии – „ВИНЧИНИ ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ И ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА“ во Виница.

На работните средби со („Макпрогрес“, Виница;  „Винербергер“, Виница; Рудниците „Саса“ и „Бучим“; „Мебел Ви“, Виница; „Амфенол технолоџи Македонија“ Кочани; „Европа 92“, Кочани;  „Мода“ Свети Николе; „Оаза“ Штип; „Вабо“, Штип; „Албатрос“ Штип; „Зен Вивенди“, Штип; „Квенбергер Логистик Македонија“; „ЕАМ“ Штип и други), видлива е загриженоста на компаниите од овој регион за многубројните предизвици со кои се соочуваат во работењето. Но, исто толку е воочлива и нивната подготвеност сами да ги отстрануваат сите препреки кои им стојат на патот до успешен бизнис, без да чекаат мерки за поддршка од државата, што се потврдува со следното:

Претседателот Азески и делегацијата на Стопанската комора имаа и работен ручек во хотел „Александар Парк“ во Виница со фирми од регионот, а вечерта, работна вечера во хотел „Оаза“ во Штип со фирми од штипскиот регион. Исто така, се остварија и бројни средби на коктелот организиран на свеченото отворање на „ВИНЧИНИ ЦЕНТАРОТ ЗА РАЗВОЈ И ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА“ ВО ВИНИЦА.

Прво, во врска со можностите за справување со недостигот на електрична енергија на домашниот пазар во наредниот период, компаниите од овој регион, главно, успеале да обезбедат цени и количини на електрична енергија што се доволни за да не се загрози нивното производство. Ретки се случаите на откажување или менување на договорите за снабдување со електрична енергија, но со оглед на неизвесноста за текот на работите во наредниот период, кај компаниите се чувствуваа длабока загриженост;

Второ, бројот на вакцинирани работници во компаниите не е на задоволително ниво (околу 50-60% од вработените), но во недостиг на регулатива за постапување со невакцинираните лица, менаџментот на компаниите користи разновидни мотивирачки начини како да го зголеми тој процент.

Трето, компаниите укажуваат на ургентната потреба од справување со сивата економија, која претставува сериозна закана за деловните субјекти кои работат во овој регион. Владеењето на правото и лојалната конкуренција се главен приоритет. Но, и покрај тоа, компаниите немаат доволно сознанија за можностите да користат алтернативни начини за решавање на нивните трговски спорови, како што е арбитражата. Сепак, кај дел од нив постои заинтересираност за промена на досегашната практика и ориентирање кон арбитражата.

12.11.2021 година
„Макпрогрес“ пример за иновативен пристап во бизнис, нови производи, нови пазари. Преку визија, со најсовремена технологија, до иновации.

На сликите се прикажани сегменти од новиот „ВИНЧИНИ ЦЕНТАР ЗА РАЗВОЈ И ПРОГРЕСИВ АКАДЕМИЈА“ кој зрачи со иновативност, модерност и професионалност како во најразвиените такви центри во Европа.

На првата слика е просторот наменет за презентација на производната програма и ПР активностите; на втората слика е развојниот центар за производство на чоколади за кој е ангажиран и првокласен специјалист од Франција, на која претседателот Азески дегустира заедно со Анди Аранитаси, претставник на канцеларијата на ЕБОР, Скопје; на третата  слика е амфитеатарот каде ќе биде сместена академијата; четвртата слика го преставува делот кој ги промовира 4-те производни програми на Макпрогрес – „винчини“, „сончева долина“, „армонија’, „натура“ итн...

На петтата слика, потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Елена Милевска Штрбевска, имаше поздравно обраќање, а на последната слика е едукативниот центар на Винчини ноќе.

 

10.11.2021 година (од посетата на „ТМ“ Штип, „АгроБар“ Виница и „ЕАМ“ Штип)

На првите две слики се фирмите кои ги посети претседателот Азески, а за кои Стопанската комора обезбеди финансиска грант подршка од програмата на ФИТР.

На третата слика се гледа предивото изработено од сопствен памук во фирмата „ЕАМ“ Штип

 

 

10.11.2021 година, од посетата на „ЕАМ“ Штип, новиот иновациски и технолошки центар во срцето на текстилниот град.

Вистинско изненадување беше посетата на една од најбрзо растечката фирма кај нас „ЕАМ“ Штип, која е помеѓу 200-те најголеми извознички во Македонија. Изненадување имаше на секој чекор. Од влезот, каде беше засаден памук, и баш отворен во овој момент, до производната програма која завршува кај најреномираните брендови во Европа и светот („Мерцедес Бенз“, „БМВ“, „Катерпилар“), но најголемо изненадување беше што оваа компанија има нова локација на која е изградена една од најмодерните фабрики во Македонија и сопствено производство на памук за потребите на компанијата. Сè она што го видовме покажува дека оваа фирма е, и ќе биде најдобриот промотор на нашите политики за зголемување на производството и извозот.

 

Забележливо е дека сите компании прават сопствени обиди за намалување на последиците од кризата (економска, здравствена, енергетска). Фирмите се во задоволителна финансиска позиција, нема забелешки околу повратот на ДДВ-то, компаниите постојано инвестираат и во услови на криза, бараат нови пазари и зајакнување на регионалната соработка.

Три дневната посета беше заокружена со одбележување на почетокот со работа на новоизградениот „Винчини центар за развој и Прогресив Академија“ во рамки на „Макпрогрес“ ДОО, Виница, еден од водечките производители на кондиторски производи во Југоисточна Европа.

П.С.  Нашето најсилно оружје секогаш е упорноста и кадрите. Без разлика што сè уште постои резерва за користењето на Постојаниот избран суд – Арбитража при Стопанската комора на Северна Македонија, ние сме оптимисти дека дел од фирмите со кои разговаравме ќе почнат да ја употребуваат арбитражната клаузула, која е алфа и омега за поефикасно решавање на споровите, отколку во редовниот правосуден систем. Наредната наша репортажа ќе биде од Велес каде фирмата „Брако“ почна со испораката   на турбините за изградба на 5 мали хидроцентрали во Република Грузија, што претставува врвен успех и на „Брако“ и на политиките на Стопанската комора за создавање домашни производи со додадена вредност. Тие турбини се дело на 150 инженери вработени во „Брако“ кои ја претставуваат сржта на развојот на македонската економија и каде што Стопанската комора, исто така, вложува огромни напори преку реформи во системот на образование да обезбеди поквалитетни кадри за потребите на нашите компании.

Служба за информирање при Комората