НЕМА ТАБУ ТЕМИ ПОМЕЃУ БИЗНИСОТ И ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
➢ Актуелно (22.06.2021, во 17:34:59)
👁 Прочитано: 541




НЕМА ТАБУ ТЕМИ ПОМЕЃУ БИЗНИСОТ И ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Универзитетите да бидат синоним на реални и употребливи знаења и вештини кои ќе бидат мерливи со брзо вработување на студентите, а даноците што ги плаќа бизнис заедницата да не одат во институции кои продуцираат неквалитетни и неупотребливи кадри беше изнесено на денешната конференцијата на тема „ Високото образование и бизнисот-заеднички предизвици и приоритети “ организирана од страна на Стопанската комора на Северна Македонија во соработка со Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Целта на конференцијата, на која учество зедоа претставници од бизнис заедницата, академскиот кадар и студентите беше, преку дебата во две панел дискусии (на теми: Вклученоста на бизнис заедницата во креирање политики во високото образование и Инвестиции на бизнисот во високото образование-пракса, вештини, знаења), да се приближат ставовите на бизнис заедницата како активен социјален партнер и високото образование. Ова е само уште една потврда дека Комората е активно вклучена во напорите на општеството во целина за подигање на квалитетот на образовниот систем и создавање стручен и компетентен кадар.

На воведното обраќање, потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска, истакна дека во бројни средби одржани со стопанственици и спроведени анкети меѓу компаниите, е идентификувано дека недостасува практично искуство, релевантни стручни вештини и компетентност кај дипломираните студенти кои бараат да влезат во работниот процес.

Затоа, потенцираше д-р Јовевска, значајно е бизнис заедницата да се вклучи и да учествува во изработка на студиските програми, бидејќи таа е најупатена какви знаења, вештини и компетенции се потребни, но истовремено, таа ги мотивира и ги оспособува младите за нивниот живот и ја исцртува нивната кариера преку обезбедување релевантна практична обука и на крај, ги апсорбира дипломираните стручни кадри.

Бизнисот е брз, динамичен и непредвидлив, а образованието е ригидно, стабилно и бара предвидливост. Кога студентот ќе заврши, бизнисот е веќе променет. Станува збор за два различно движечки система, но тоа не значи дека не треба да соработуваат, а доказ за тоа е и денешниот настан, истакна ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, д-р Сашо Коруновски. Според д-р Коруновски, само со креативен и иновативен пристап се поттикнува поголема вклученост на бизнис заедницата во високото образование, посебно за практична применливост на студиските програми, квалитетна едукација на студентите со фокус кон сооодветни знаења и вештини кои ќе им го олеснат процесот кон вработување, но значајно е и инвестирањето на бизнис заедницата во високото образование за да се зголеми истражувањето и проекциите насочени кон нови и смели инвестициски потфати.

На конференцијата свое обраќање имаа и заменик министерот за финансии, д-р Димитар Ковачевски и заменик министерот за образование и наука, Арафат Шабани, кои потенцираа дека зеднички предизвици на бизнисот и високото образование се адекватноста на кадрите со побарувачката на пазар на трудот и поголема инклузија на експертизата на високо-научните институции за надминување на проблемите и добивање додадена вредност.

По плодната дискусија на претставниците од бизнис секторот, истакнати менаџери во својата област: проф. д-р Глигор Бишев, „Шпаркасе банка Македонија“ АД; м-р Виктор Мизо, КОСТАЛ Македонија ДООЕЛ Охрид; Панде Самарџиоска, Прилепска пивара, АД; д-р Ристо Јаневски, ОKTA, АД и Ѓорѓи Петрушев, Млекара АД Битола кои учествуваат во панел дискусиите и професори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ на завршетокот на конференцијата се донесоа неколку значајни заклучоци:

1. Превземање реформи во образованието

- заедничка вклученост на универзитетите и бизнис заедницата во подобрување и унапредување на студиските програми;

- задолжителна и квалитетна практична обука на студентите;

- обуки на универзитетските професори во компаниите за новите техники и технологии за пренесување релавантни знаења на студентите;

- фокус на математичката и ИТ писменост и странски јазици;

- развивање на меките вештини кај студентите: критичко размислување, детерминирање и решавање проблеми, креативност, претприемачки дух и тимска работа, важни за работа во компаниите;

- консултација со бизнис заедницата при доделување на дипломските теми за студентите;

- доживотно учење.

2. Подигнување на достоинството на професијата професор/наставник

3. Зголемување на буџетските средства за образование

4. Зголемување на средствата за истражување и иновации

5. Преобразување на кадарот според новите потреби и во компаниите, и на универзитетите и коморите, посебно оние кои се занимаваат со едукација

6. Изработка на предвидувања за идните потреби на бизнис заедницата од страна на универзитетите

7. Реализација на заеднички проекти на универзитетите, факултетите и бизнис заедницата.

За конкретизирање и операционализирање на заклучоците на конференцијата беше договорено Стопанската комора на Северна Македонија и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ да подготват заеднички стратешки документ во кои ќе се дефинираат подрачјата (политиката и финансирањето) и формата како да се реализираат, кои ќе влезат во плановите за работа на двете институции и ќе ја зголемат довербата во соработката.

Како доказ за соработка помеѓу високото образование и бизнис заедницата во рамки на конференција беа потпишани и Меморандуми за соработка на УКЛО со Млекара, АД Битола и со КОСТАЛ Македонија, ДООЕЛ Охрид.

 
м-р Наташа Јаневска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување