ТРИ ПОЗИТИВНИ ПРИМЕРИ ВО РАЗБРАНУВАНОТО МОРЕ НА НЕИЗВЕСНОСТИ
👁 Прочитано: 602



Конечно нешто конкретно околу холдингот, Фондот за поддршка на иновации и околу регионалната соработка
ТРИ ПОЗИТИВНИ ПРИМЕРИ ВО РАЗБРАНУВАНОТО МОРЕ НА НЕИЗВЕСНОСТИ

Утре во Стопанската комора на Македонија ќе има еден несекојдневен настан, на кој на една маса, во согласност со мерките за заштита од пандемијата, заедно ќе седнат заменик-претседателот на Владата задолжен за економските ресори и за инвестициите, Фатмир Битиќи; министерот за финансии, Фатмир Бесими, и претставници на неколку наши компании, кои во изминатите години упорно бараа воведување определени мерки и донесување неколку законски решенија, но секогаш наидуваа на ѕидот на неодобрувањето. Бидејќи нашата упорност вроди плод, високите претставници на власта, пред фирмите и пред медиумите, ќе соопштат дека дел од нашите барања се прифатливи за нив и дека ќе влезат во редовна процедура. Тука, пред сè, мислам на прашањето за воведувањето на холдингот, царинскиот тарифник, парафискалните давачки, навременото сервисирање на обврските кон компаниите од страна на државата, намалувањето на бирократските процедури и поголема ефикасност на јавната администрација и за поддршката на инвестициите и на извозно ориентираните компании. Посебно место зазема владиниот предлог да се формира Фонд за поддршка на извозот, како едно од нашите клучни барања, во кој ќе се слеваат средствата од Владата, ЕУ-фондовите и од Коморскиот инвестициски форум. Да заклучам: позитивниот пример е во тоа што макотрпните преговори вродија плод и дека нашата упорност е единствениот начин да се успее на тој пат. Во продолжение имаме уште два позитивни примери.

Паралелно, мора да работиме на исполнување на стандардите на Европската Унија за да го забразме процесот кон ЕУ, но, пред сè, за да се подобриме ние самите. На крај, важно е да ги поттикнуваме фирмите да ги користат фондовите на ЕУ и другите фондови што се на располагање. Тука како Комора сме јасни и целосно работиме на обезбедување директна поддршка за компаниите за користење на инструментот за поддршка (кофинансирани грантови) за технолошка екстензија на Фондот за иновации и технолошки развој, за да помогнеме во унапредувањето на производниот процес, зголемувањето на конкурентноста на домашните производи и во порастот на извозот. Метало-преработувачкиот, електро- и машинскиот сектор се индустриски гранки со силен развоен потенцијал за македонската економија и доколку им овозможиме силна поддршка, овие сектори ќе имаат потенцијал за зголемена извозна конкурентност и за создавање производи со висока додадена вредност. „Раде Кончар-ТЕП“ (Скопје), ТМ „Штип“ (Штип), „Братство инокс“ (Охрид) и „Агро бар“ (Виница) се позитивни примери за искористеност на грантовите за технолошка екстензија на Фондот за иновации и технолошки развој.

Но без јакнење на регионалната соработка и без настап на еден заеднички пазар не би имале целосен успех. Затоа, како позитивен пример ќе го истакнам и проектот за регионална соработка и заеднички настап на компаниите од регионот на пазарите од трети земји и за соработка со компании од тие земји, за кој Европската Унија издвои 2,5 милиони евра. Според анализите, овој проект во 2022 година ќе придонесе БДП од глава на жител во регионот да порасне од сегашното ниво од една третина од просекот на ЕУ до 40 % од просекот на Унијата. Притоа, проектираните цели на проектот се увозот и извозот на стоки и на услуги да пораснат на 57 %, односно на 70 % од регионалниот БДП, а меѓусебната размена во рамките на регионот да порасне од постојните 4,5 милијарди на 6,6 милијарди евра. Можноста што ја нуди проектот треба да ja искористиме и преку билатерална соработка да поврземе околу 200 компании од регионот и да им понудиме подобрени услуги и полесен пристап до пазарите на Европската Унија. Истовремено, на 60 компании да им го отвориме патот да влезат во меѓународните синџири за снабдување, со што ќе придонесеме за нивниот раст и развој и за конкурентност на пазарите.

Денеска патот нè одведе кон стариот Камен мост на реката Вардар, симбол на поврзувањето епохи и народи, како што се поврзуваат компаниите од нашата земја и од регионот со компании од трети земји во ЕУ и во светот на заедничките пазари. За изградбата на Мостот, кој ги поврзува Плоштадот Македонија и Старата скопска чаршија, постојат две мислења. Според првото, изграден е во VI век, за време на владеењето на императорот Јустинијан I, а според второто, во втората половина на XV век, меѓу 1451 и 1469 година, во време кога на чело на Отоманската Империја бил султанот Мехмед II Освојувачот. Низ вековите бил доградуван и за време на султанот Сулејман Величествениот и на српскиот цар Душан.

Изграден од травертински блокови наредени со големо мајсторство, во својата првобитна форма мостот имал 13 сводови, со вкупна должина од 213,85 м и со ширина од 6,33 м. Во минатото Мостот имал украсна ниша (стражарница), а во својата внатрешност и простории кои служеле како пушкарници. 

 

 
П.С. Случувањата во екот на здравствено-економската криза се одвиваат како на филмска лента. Компаниите, видно вознемирени, и натаму коментираат околу донесувањето на Законот за работни односи, во врска со прашањето за неработната недела, но и околу вакцинирањето, пописот, реформите во образовниот систем и околу најновото решение на гувернерот за одложување на исплатата на дивиденда до септември. Тоа ќе биде фокус на моите пишувања во наредниот период.

 
Бранко Азески
Претседател на Стопанска комора на Северна Македонија