УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА – МОЖНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА КВАЛИФИКУВАН И СТРУЧЕН КАДАР
➢ Актуелно (09.11.2020)
👁 Прочитано: 1503



УЧЕЊЕТО ПРЕКУ РАБОТА – МОЖНОСТ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА КВАЛИФИКУВАН И СТРУЧЕН КАДАР

Образованието и обезбедувањето кадар со соодветни стручни вештини се дел од стратешките приоритети во работењето на Стопанската комора на Македонија, и да не беше здравствено економската криза оваа тема ќе беше прв приоритет во активностите на Комората. Со години наназад компаниите се соочуваат со недостиг на кадар кој не поседува соодветни вештини и компетенции, а тоа го потврдуваат и 62% од компаниите во анализите што ги прави Комората. Стручен кадар е потребен во сите сектори на квалификации, но најмногу во секторот машинство и тоа за потреба на лица како оператори за машинско одржување и оператори на производна линија околу 362 лица, за машински техничари, оператори со ЦНЦ машини и бравари 124 лица, во секторот електротехника потребата се јавува за електричари, монтери и електротехничари околу 80 лица, во угостителство и туризам за келнери и готвачи околу 70 лица, во прехранбената индустрија потребата е од хемиски техничари, месари и касапи околу 70 лица, потенцираше Извршниот директор на Стопанската комора на Македонија, Билјана Пеева-Ѓуриќ.

Во тој процес на обезбедување стручен кадар, улогата на Комората е видлива преку поттикнување и поддршка на компаниите да се вклучат во стручното образование и обука и реализацијата на практичната обука на учениците во компаниите, што бара максимален ангажман на компаниите. Според директорката Пеева–Ѓуриќ, претставници од компании, членки на Комората, учествуваа во изработката на образовни програми за изучување на 52 квалификации во четиригодишното образование, за 32 квалификации во тригодишното образование и 1 квалификација за двегодишното стручно образование, а досега преку Комората се обучени и сертифицирани околу 300 ментори од 245 компании. Додадената вредност е видлива и во грижата дали компанијата ги исполнила условите за реализација на практичната обуката преку верификација што ја спроведува Комората. Процесот на верификација го поминале 25 компании, со тенденција бројот да расте, поради тоа што свеста кај компаниите за вклучување на учениците за реализација на практичната обука расте, а тоа се гледа и од бројот на обучени ментори кои ќе работат со учениците.

За ЕВН Македонија претставува огромен успех и задоволство што Првата генерација на проектот 20-20-20 се веќе нивни колеги од септември 2020 година кои успешно ги извршуваат работните задачи. Тоа е потврда дека Учењето преку работа или попознато кај нас како дуално образование претставува ефикасен начин за постигнување на зголемена вработливост на учениците по завршување на стручното образование и обука преку здобивање вештини и знаење коишто се бараат на пазарот на труд, додека работодавачот обезбедува база на соодветни кандидати на одржлив начин и квалитетен кадар чија продуктивност ја надминува продуктивноста на кандидатите од традиционалните образовни програми , потенцираше во своето обраќање Анета Петровска-Русомароски, Раководител на Оддел Човечки ресурси и Организација, Лидер на Проектот 20-20-20. До денес, за оваа квалификација има запишано околу 170 ученици од различни националности, социјален статус, како и првите ученички кои го изучуваат овој профил.

Вклучувањето на компаниите во иднина е многу важно и мора соодветно да се подготвени и свесни за сложеноста и инвестициите во процесот на вклучување, а Стопанската комора на Македонија како доверлив и стручен партнер ја игра клучната системска улога во давањето поддршка на компаниите при имплементација на учењето преку работа –истакна Петровска-Русомароски.

ЕВН Македонија на овој проект работи повеќе од 5 години со цел креирање на континуиран систем на едукација на кадар за потребите на компанијата. Во неколку фази, од анализа и планирање на потреба од персонал во следните 20 години, до анализа на националната регулатива и примена на добри практики адаптирани на потребите на пазарот на труд за подготовка на нова програма. Паралелно се работи и на подготовка на Наставен план и програма со Центарот за стручно образование и училиштето ,,Михајло Пупин” и обезбедување на одобрение од Министерство за образование и наука за отпочнување и реализација на програмата. Процесот вклучува и опрема на нови училници во училиштата во Скопје и Гостивар, донирање алат и заштитна опрема во училиштата, изградба на тренинг центар, обуки и работилници за професорите кои реализираат стручни предмети и практична настава и таблет за секој ученик и професор, како и паричен надомест за учениците.

Комбинацијата, односно ефективната симбиоза на теорија и пракса им овозможи на учениците да можат тоа што ќе го слушнат на предавањата во училниците и кабинетите го спроведат во реални услови, заедно со искусни вработени од нашата компанија кој што и беа нивни ментори низ целиот овој процес на трансфер на знаење и на нивно стручно изградување. Ставањето акцент на практичниот дел од ова програма е тоа што го прави посебен и значаен целиот овој концепт од два аспекта: учениците добиваат можност преку секојдневни работни задачи, односно учењето преку работа да стекнат практично искуство и работна навика и процес на запознавање на работната средина и самата компанија, односно нејзините организациони елементи како што се (внатрешните правила, внатрешните процеси, културата на работа, однесувањето, комуникацијата, работната дисциплина итн.), што придонесува за професионално изградување и карактерно оформување на учениците за побрзо и полесно да се интегрираат во самата организација на компанијата, потенцираше Лирим Сулејмани, Раководител на КЕЦ Васил Главинов Скопје.

Стопанската комора на Македонија, ги охрабрува компаниите да се вклучат во создавањето на сопствениот кадар. Процесот можеби е подолг, но со заедничко учество и правилно насочување на енергијата, ќе успееме во реализацијата на нашите цели: зголемена продуктивност на компаниите и нивна конкурентност на пазарот и расположливост и одржливост на пазарот на труд со квалитетни и стручни кадри го потенцираше во завршниот збор Извршната директорка, Пеева-Ѓуриќ.

Служба за информирање при Комората