Во рамките на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е)“, на 05.12.2022 година во Велес, се одржа регионална средба, работилница, за трансфер на организацијата на кампањата „Учи паметно, работи стручно“, од страна на локалните самоуправи и регионалните комори. Овие кампањи ја поттикнуваа соработката помеѓу компаниите и стручните училиштата на локално и регионално ниво, со краен резултат- создавање квалитетен и стручен кадар.
Изминатите години, кампањата „Учи паметно, работи стручно“ беше во организација на Министерството за образование и наука и Стопанската комора, а поддржана од проектот „Образование за вработување“ и Швајцарската амбасада во нашата земја. Кампањата беше организирана во 31 град, во 17 региони, каде преку социјален дијалог помеѓу учесниците на компаниите, стручните училишта, Стопанската комора и локалните самоуправи се дискутираше за потребите на реалниот сектор од воведување нови квалификации.
На работилницата на која присуствуваа претставници од локалните самоуправи, како и претставници од секторот за образование на локално ниво од Кавадарци, Велес, Неготино, Свети Николе, Крива Паланка и Куманово, претставници на регионалните комори и стручните училишта, беа презентирани принципите и придобивките од дуалниот модел на образование, анализи на пазарот на локално ниво, истражувања за потребата од кадри во компаниите и нивната подготвеност за вклучување на учениците во нивните организации за реализација на практична обука.
Претставниците од општините, како и претставниците од средните училишта од Кавадарци, Велес, Неготино, Свети Николе, Крива Паланка и Куманово ги истакнаа своите искуства, барањата, како и потребите на сите страни вклучени во кампањата.
Беше истакната важноста на социјалниот дијалог и реализацијата на Отворени денови во стручните училиштата и нивната соработка со компаниите.