Компанијата АГРИА Велес ја преживува најтешката година од своето постоење
➢ КРИЗЕН ШТАБ (28.10.2022, во 16:23:00)
👁 Прочитано: 730




Компанијата АГРИА Велес ја преживува најтешката година од своето постоењеКликни за повеќе

Компаниите од месната индустрија се соочуваат со недоволен сточен фонд во државата, а високите трошоци за електрична енергија само се надоградија на веќе постојните проблеми во оваа индустрија.

АГРИА од Велес во јуни платила 7 милиони денари за струја, додека во август сметката достигнала до 12 милиони денари. Од менаџментот на компанијата се жалат на високите сметки и на последиците кои ги трпат како компанија поради не носењето на навремени мерки и помош на бизнисите од страна на Владата. Генералниот директор и сопственик на АГРИА Велес Перо Колевски, кажа дека за да се справат со високите сметки за струја принудени се да земаат кредити, за да не затворат дел од своите капацитети.

Компанијата има поставени фотоволтаични системи од 700 КW, инвестиција која ги чинела половина милион евра. Меѓутоа, ова покрива само мал дел од потребната количина на електрична енергија од нивните големи капацитети, само 10% до 15% - истакнаа од компанијата.

Од менаџментот апелираат до државата да се стави поголем фокус на стопанството во земјата, откочување на законите од интерес за бизнисот, олеснување на административните процедури и помош за да може да се движи и стопанството и државата напред.

Мерките од државата доцнат премногу, а секако македонското стопанство се справува со многубројни проблеми наталожени со години наназад и сега цената која ја плаќаат стопанствениците е преголема, истакна директорот Колевски при средбата со Кризниот штаб на Стопанската комора на СМ.

Покрај овој проблем, компанијата се соочува и со вирусот на африканската свинска чума за која сѐ уште нема ниту лек ниту вакцини, ниту соодветни чекори за помош за сопствениците на одгледувалиштата на свињи. Компанијата укажа дека строго ги почитуваат безбедносните протоколи и грижа, кога станува збор за оваа болест.

АГРИА Велес е основана во 2004 година  и се занимава со производството и дистрибуцијата на високо квалитетно свинско месо со највисок квалитет на совршеност со употреба на данска генетика. Поседуваат три свињарски фарми, село Чичево, село Таринци и фарма за јунци во селото Три чешми, фабрика за сточна храна, кланица и месарници. Со над 20 милиони годишен обрт и 300 вработени важи за една од најголемите македонски фарми на пазарот.

Служба за информирање при Комората