Асоцијација на секундарни суровини и рециклатори - КВАЛИТЕТНОТО УПРАВУВАЊЕ СО АМБАЛАЖНИОТ ОТПАД ЈА ЗАШТИТУВА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА
➢ Актуелно (27.05.2011)
👁 Прочитано: 1526




Асоцијација на секундарни суровини и рециклатори - КВАЛИТЕТНОТО  УПРАВУВАЊЕ СО АМБАЛАЖНИОТ ОТПАД  ЈА  ЗАШТИТУВА   ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

      Асоцијацијата за секундарни суровини и рециклатори при Стопанската комора на Македонија, во рамките на ЕEN Проектот, а со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање,   на 26 мај 2011 година одржа советување на тема: Примена на законот за управување со пакување и отпад од пакување - права, одговорности, отворени прашања, информации.
     Покрај членките на асоцијацијата на советувањето учествуваа и претставници на други сектори: хемиската, прехрамбена, електроиндустрија, и други. Големиот интересбеше предизвикан и од актуелноста на регулативите за амбалажниот  отпад , особено што до  нивната примена остануваат уште 30-тина дена.

    Основната цел на советувањето беше низ отворен дијалог на бизнис заедницата со претставниците на Министерството за животна средина и просторно планирање и фирмата  за менаџирање на процесот на третирање на амбалажниот отпад  за да се разјаснат отворените прашања и да се дојде до успешна практична примена на Законот за управување со пакувања и отпад од пакување, значајна од аспект на квалитетно управување со отпад и заштита на животната средина. Имено, заедничката цел со успешната примена на оваа регулатива со европски предзнак, со која се прави уште еден чекор во приближувањето на Република Македонија кон ЕУ, е да се намали штетното влијание врз животната средина од отпадот од пакувања и да се обезбеди негова преработка и повторна употреба, односно рециклирање на амбалажниот отпад.

     -Придобивките од примената на оваа регулатива се повеќекратни, а во крајна линија, сигурно ќе допринесе во зголемување на конкурентноста на нашите производи на европскиот пазар, -  истакна Филип Иванов, директор на Управата за животна средина. - Законот е доста либерален и остава простор создавчите на отпадот од пакувања, главно индустријата и увозниците,  самостојно да го определат начинот на раегулирање и спроведување на управувањето со овој вид отпад.

 

     Претставникот на Минситерството за животна средина, во презентацијата на постојната регулатива за амбалажниот отпад посебно се задржа на трите можности што ги дава законот за начини за постапување со отпад од пакување. Првата е  воспоставување колективен систем од страна на субјектите кои се опфатени со законот, како непрофитна организација. Како алтернатива се дава можност за воведување и на индивидуален систем, самостојни постапувачи, за што е потребно,  исто така,  да се добие лиценца од МЖСПП,   а постои можност и за воведување на кауција на повратно пакување, доколку се докаже дека правното лице воспоставило соодветен систем за тоа, а кој нема да го наруши пазарот ниту да ги доведе во прашање реализирањето на целите утврдени во законот.
      Во Република Македонија формирана и веќе четири месеци делува фирма  за менаџирање на процесот на третирање на амбалажниот отпад – „Пакомак“, а нејзиниот директор,  Филип Ивановски ги запозна присутните за досегашните активности, бројот и профилот на компаниите кои се приклучија кон овој систам на управување со отпад од пакување и за натамошните планирани активности со останатите субјекти кои ги засега оваа законска регулатива. Тој посебно ја истакна определбата, која секако е најрационална во дадените услови,  за користење на постојната мрежа на собирање и третирање на неопасен отпад, која всушност ја сочинуваат членките на Асоцијацијата. Секако станува збот за субјекти кои ги поседуваат потребните дозволи за собирање и постапување со неопасен отпад.
       На тој начин се даде одговор на едно суштествено прашање:  што со  постојната мрежа на субјекти кои постапуваат со неопасен отпад, во кој е вклучен и амалажниот ( 99% од овој вид на отпад е неопасен)  и во тој контекст потребното дефинирање на технологијата на работа со цел да се унапреди дејноста.
     Дијалогот помеѓу фирмата за менаџирање на амбалажниот отпад и членките на Aсоцијацијата ќе продолжи во насока на додефинирање на условите за натамошна успешна соработка. Претставниците на Министерството изразија подготвеност за евентуални дополнителни појаснувања на законската регулатива,  а за нејзина успешна примена ќе придонесе и Националната програма за управување со отпад од пакувања на Републиак Македонија  за периодот 2011-2016 година, која е во фаза на донесување.


                                                                                      Зорица  Мешкова


Презентација: ЗАКОН ЗА УПРАВУВАЊЕ СО ПАКУВАЊЕ И ОТПАД ОД ПАКУВАЊЕ
М-р Ана Каранфилова Мазневска, Раководител на сектор за управување со отпад во Министерство за животна срeдина и просторно планирање/Управа за животна средина