Македонскиот туризам сè уште далеку од нивото пред кризата ТУРИЗМОТ ВО ФУНКЦИЈА НА ИНТЕНЗИВЕН ЕКОНОМСКИ РАСТ
➢ Актуелно (26.09.2022, во 14:28:05)
👁 Прочитано: 897



Здружението на угостотителство и туризам изготви План за интензивен економски раст и унапредување на извозот преку туризмот.
ТУРИЗМОТ ВО ФУНКЦИЈА НА ИНТЕНЗИВЕН ЕКОНОМСКИ РАСТКликни за повеќе

Сите други земји ги достигнаа бројките од 2019 година во туризмот, а ние сме сè уште далеку од нивото пред кризата. Бележиме пад од 30 отсто кај странските туристи, а не ги искористивме ниту потенцијалите на регионалниот и на домашниот пазар па освен раст на српски, нема зголемување на бројот на други туристи од соседството, соопшти денеска Стопанската комора.

Во пресрет на утрешниот Ден на туризмот, како Здружение на угостотителство и туризам при Комората предочиваме дека само од Холандија која е пазар од каде со години се реализираат најголем број ноќевања, има намалување од 60 проценти.

За напомена е значењето на странските туристи, бидејќи 94 отсто од нив ги оствариле ноќевањата во хотели што значи дека најсилен е ударот кај хотелиерите кои генерираат работни места. Бележиме намалување на бројот на ноќевања за 30 проценти, бидејќи токму странците генерираат ноќевања во хотелите. Хотелите на езерата, на пример, во Охридско и Струшко, евидентираат намалување за 140 000 ноќевања.

Вкупниот број на туристи во однос на 2019-та за периодот јануари – јули е помал за 127 000 или за 260 илјади ноќевања. Ова е пад од околу 30 отсто. Бројот на домашни туристи и ноќевања од реализирани домашни туристи за истиот период го достигнал нивото од 2019-та година, додека бројот на странски туристи и реализирани ноќевања од странски туристи е помал за 135 000 туристи или за 261 000 ноќевања што е 31 процент помалку. Ова покажува дека се уште сме далеку од достигнување на нивото пред кризата.

Претседателката на Здружението за угостителство и туризам при Комората, Ана Таневска Ѓорѓиевска потсети дека единствен сектор што може да ги надомести економските загуби на краток рок, е туризмот. Таа информира дека Здружението изготви План за интензивен економски раст и унапредување на извозот преку туризмот.

 

Истражувањата покажаа дека патувањата во радиус на 600 километри од местото на живеење, во чиста еколошка средина, ќе биде прв избор на туристите во годините кои следуваат. Досега Северна Македонија како дестинација не го искористи потенцијалот на регионалните пазари, ниту пак на домашниот пазар. Освен раст на бројот на туристи од Србија, од останатите земји во регионот нема зголемување на бројот на туристи. Можеме да сметаме на пазар од 50 милиони потенцијални туристи без Турција, надополнето со 3,5 милиони патници годишно кои транзитираат низ Северна Македонија за кои нема доволно содржини што би ги задржале подолго тука, напомена Таневска Ѓорѓиевска.

Посочи дека инвестиција во четири кревети за сместување туристи претставува еквивалент на едно вработување. Соодветно проектирани мерки и политики може да обезбедат дополнителен семстувачки капацитет за 60 000 кревети дисперзирани низ целата територија на Република Северна Македонија. Создавањето атрактивни услови ќе обезбеди домашни и странски инвестиции со што може да се слеат дополнителни над една милијарда евра во македонската економија, да бидат директно вработени над 30 илјади лица и да заживеат руралните средини, сето тоа речиси без инвестициски расходи од државната каса, истакна претседателката на Здружението.

Во туризмот, рече Таневска Георгиевска, скапата струја и недостигот на кадар и натаму се меѓу најголемите проблеми.

Планот за интензивен економски раст и унапредување на извозот преку туризмот предвидува:

I.

Чекори како да се постигне тој раст со акцент на: формирање туристички зони;  план за развој на руралниот туризам; унапредување, проширување и подобрување на субвенционираните туристички програми (за што повеќе ќе говори мојот колега Асим Меџедовиќ); Баравме во Ковид периодот обезбедување бесплатни (или со ограничена цена) тестови за COVID-19 за сите странски државјани со туристички престој во Република Северна Македонија: оваа мерка иако ја добивме како модел во формата во која ја баравме никогаш не заживеа. По примената на претходните чекори неопходно е да се воведат мерки за стимулирање и развој на постоечката понуда како не би заостанале во развојот во однос на понудата која е резултат на зоните и мерките.

II.

Реформи во туризмот. Имајќи ги во предвид меѓународните трендови за развој на оддржлив туризам како и заложбите од страна на Владата на Република Северна Македонија за евроатлантска интеграција на Република Северна Македонија сметаме дека се наметнува потребата од усогласување на овој закон со европските норми и решенија во областа на туризмот. И тоа прво во делот на диференцијација на дејноста на туристичките агенции согласно лиценците и дејноста која ја врши. Потоа, воспоставување осигурување од одговорност на дејност по европски модел, како и институционална реформа во туризмот за што предлагаме неколку чекори.

III.

Маркетинг на дестинацијата. Со цел унапредување на програмските активности и развој на туризмот, преку институциите надлежни за следење, промоција и поддршка на туризмот задолжително да вклучуваат ставки за истражувања кои се однесуваат на карактеристиките на Северна Македонија како туристичка дестинација односно истражувања кои ќе дадат одговор за тоа каква туристичка дестинација е Северна Македонија, преку анализа која е разликата помеѓу домашен и странски потрошувач; анализа на потрошувачка на производите од домашни и странски туристи; како и дефинирање на цели на годишната програма и средства и алатки за постигнување на целите.

 

Истовремено на прес конференцијата потпретседателот на Здружението за угостителство и туризам при Комората, Александар Кузманоски информираше за активирање на национална асоцијација на тур-оператори и туристички агенции (НАТТА) чие функционирање е со Одлука на УО на Комората. Партнер на државата, стручен консултант на членките и советник на крајниот потрошувач, ова ќе биде клучната мисија на националната асоцијација на тур-оператори и туристички агенции (НАТТА). 

Како што соопшти Кузманоски, целта на асоцијацијата ќе биде да помогне во создавањето потребни услови за развој на модерна и конкурентна професионална туристичка индустрија. Во услови на вакви предизвици, туристичките агенции кои произведуваат и продаваат аранжмани дома и во странство не препознаваат адреса за обраќање, ниту добиваат поддршка и стручно мислење за потешкотиите со кои се соочуваат поради што делуваат неорганизирано, рече Кузманоски, образложувајќи ги причините за формирањето на НАТТА.

Дополни и дека НАТТА, освен што ќе овозможи практична помош за членките и заштита на нивните интереси пред Владата и другите институции, постојано ќе го следи и трендот во туризмот преку соработка со меѓународната асоцијација. Во Северна Македонија нема регистрирано национална асоцијација која ќе ги претставува дестинацијата и интересите на компаниите од оваа дејност. Од исти причини и граѓаните немаат доволно информации за правата и обврските при користењето туристички аранжмани, што придонесува за создавање погрешни очекувања и култура на патување, подвлече Кузманоски. Асоцијацијата ќе има високо професионална активна членска мрежа и ќе функционира преку повеќе одбори – за рецептивен туризам, за иницијативен туризам, за младински туризам и екскурзии, за конгресен туризам, за автобуски и за авионски сообраќај, за рент-а-кар, за меѓународна соработка, како и за соработка со институции и фондации.

Служба за информирање при Комората