Неделна репортажа ДАУТИ БИЗНИС ФОРУМ
➢ Актуелно (26.09.2022, во 09:51:45)
👁 Прочитано: 774



Од општи формулации кон конкретни разговори
ДАУТИ БИЗНИС ФОРУМКликни за повеќе

Конечно, една фирма се одважи во Комората да организира настан кој таргетира едно крупно прашање кое е во темелот на економските активности, а тоа е регионалното поврзување коешто досега беше третирано само од институциите


Стопанската комора на Северна Македонија овој викенд беше место кадешто се сретнаа бизнисмените од пет земји на Западен Балкан: Србија, Косово, Црна Гора, Албанија и Македонија. Како и секогаш, централна тема на расправа беше регионалната соработка, но овој пат од сосема друг аспект: од општо кон поединечно, што значи низ сопствени примери да се анализираат проблемите на регионалната трговија меѓу овие земји. Поводот, многу значаен, 30-годишнината од Даути комерц, фирма која пред 20 години излезе на регионалните пазари и отвори свои компании во Косово, Црна Гора, Албанија, покрај централата која се наоѓа во Северна Македонија. Дали е таа промотор на таквата идеја или пак е имплементатор на истата, бизнис-форумот беше јасен и дециден дека тоа е примерот кој треба да се следи за да се интензивира економската соработка. Компаративната анализа со земјите од Вишеградската група само ги потврди констатациите на бизнисмените за корисноста од ваквото здружување.
 

Што овој бизнис форум го разликува од другите?

Прво, непосреден организатор е една компанија – Даути комерц.

Второ, мрежата која ја има создадено таа фирма на Балканот е пример кој треба да го следат и другите затоа што истата служи не само за зголемување на трговијата, туку и за размена на информации, технологии, луѓе и идеи што е повеќе од потребно за развој на нашите компании.

Трето, Стопанската комора на Северна Македонија уште еднаш докажа дека не робува на принципите, туку едноставно кога се работи за интересите на компаниите, го отстапи своето место, даде логистичка поддршка и на тој начин ја исполни својата основна заложба компаниите да бидат на прво место во нејзиното работење.


Д-р Елена Милевска Штрбевска го осмисли и го организираше овој значаен настан

Доаѓањето на бизнисмени од типот на Шаќир Палуши, Фрутекс – Косово, Огњен Илиќ, Ал Велпро-Србија и Вулнет Хака, Етна Полимер -Тирана, само го зголемува нашиот капацитет кој и онака е огромен и е ставен во функција на компаниите. За нас е особено признание што основачот и прв претседател на Комората на Северозападна Македонија ја одбра Стопанската комора на Северна Македонија за промовирање на овој свој концепт.

Најважно од сè е заклучокот, а тој не е исполнет со општи, туку со конкретни формулации од типот:

1.    ПОТРЕБНИ СЕ МУДРИ ПОТЕЗИ ВО НАСОКА НА ЕЛИМИНИРАЊЕ НА БАРИЕРИТЕ ЗА ПОШИРОКА РЕГИОНАЛНА ИНТЕГРАЦИЈА. ДАУТИ КОМЕРЦ со сопствен пример покажува дека регионалната соработка е алфа и омега за напредок во бизнисот.
2.     Да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот.

3.    Бизнисмените ја гледаат големата слика и градат мостови за економско поврзување на Балканот и поради тоа доста ни е од затвореност, корупција, сива економија, ефтина работна сила!
4.    Приватниот сектор сака во време на дигитализацијата, најсофистицирани решенија за непречен проток на граничните премини, а долгите редици со камиони, кои постојат само уште кај нас, да останат во минатото. Долгорочна визија за стабилен Балкан е креирањето регион каде што границите се од помало значење, а протокот на луѓе, стоки и на капитал е слободен.
5.    Потребни ни се конкретни чекори кои едноставно ќе го решат прашањето за инфраструктурата меѓу нашите земји, ќе овозможат меѓусебно признавање на сертификати и други документи, заеднички настап на трети пазари, заеднички производи.
6.    Имаме и порака до лидерите на Европската Унија, дека тие се надеж за подобро утре на сите наши компании и нивните вработени и како такви имаат голема одговорност кон процесот на проширување. Меѓутоа, во пракса, тие многупати направија преседани на штета на малите земји и на нивните надежи и затоа јасно им порачуваме – кон овој процес да пристапат најодговорно и професионално, исто како што и компаниите од Западен Балкан веќе работат согласно европските регулативи и стандарди.  


МАКСТИЛ – 25 ГОДИНИ ПОТОА

Макстил – 25 години по своето основање стана предводник на еснафското групирање на најголемите потрошувачи на електрична енергија во земјата

Неделата започна со прославата на 25-годишнината од Макстил, една од нашите најстари членки, што се одржа во Македонската филхармонија. Тоа беше повод за средби со многу личности од бизнисот и финансиските организации, каде централната точка на разговорите беше струјата. Макстил е една од шесте фирми која е на отворениот пазар на електрична енергија, од самото отворање во 2007 година. Минатата недела тие шест компании, во придружба на уште четири, во комората на средба со мене и со министерот за економија, формираа една силна групација наречена Десет најголеми потрошувачи на енергија, кои во ваквите услови на енергетска криза имаат и најголем број проблеми. Нивното здружување значи еснафска алатка за заеднички настап, како би поминале со помали последици.
 

Енергетска сериозност – МЕ, МНР, ЕСМ, СКСМ

Макстил, како предводник на тој процес, покрај проблемот со енергијата, истакна и неколку барања за промена на законската регулатива, но и едно специфично барање за автентично толкување на подзаконските акти што ја регулираат маржата кај нивните производи, за што Комората поведе постапка пред Министерството за економија. Соработката со овој значаен капацитет продолжува, затоа што досегашните конекции, заеднички активности и меѓусебна поддршка и понатаму се потребни.


 

ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ – ЖИВОТ, НА ВРВОТ НА ОСИГУРИТЕЛНИОТ БИЗНИС КАЈ НАС

Осигурителниот бизнис сеуште се води како силен потенцијал, но и тековното работење не е за потценување

Уште една наша членка одбележа пет години од своето постоење – Триглав осигурување – живот со неизбежнаата Вилма Учета, која ги пречека своите коминтенти и гости во хотелот Парк на преубаво дружење и надвор и внатре, со „Фрајле“ и други естрадни уметници. Тоа беше можност да се сретнеме со многу наши деловни пријатели, пензионирани менаџери, сопственици и јавни личности за кои, очигледно беше, дека имаат силна доверба во Триглав осигурување. Паднаа и некои договори со Словенечката амбасада за организирање на неколку средби меѓу бизнисмените од Словенија и Македонија, со една консултантска куќа, со сопственикот на порталот „Пари“, а разменивме мислења и со претставници од неколку институции.



30 ГОДИНИ ДАУТИ КОМЕРЦ

Хотелот „Хилтон“ беше почетна точка во одбележувањето на неделата на Даути комерц, во знак на 30-годишниот јубилеј. Триесетина големи бизнисмени и политичкиот врв во државата беа гости на сопствениците на оваа значајна наша компанија која работи регионално, со што оддадоа признание на нејзината 30-годишна успешност. Навистина се импресивни бројките и резултатите од нивното работење, а довербата беше потврдена и следниот ден, кога претставници на 2000 компании присуствуваа на централната прослава во комплексот Даути во Сарај, Скопје, на кој присуствуваше и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

* * * *

Изминатата недела беше исполнета и со средби значајни за најтешката криза со која се соочуваме – енергетската. Во комората имаше десетици средби на кои се концепираа мерките и опциите за излез од истата бидејќи во текот на наредната недела, поточно на 28 септември (среда) е најавена средбата со Владата на која ќе се промовираат мерките за поддршка на бизнисот. Можам да кажам дека низ сите тие разговори преовладува одговорност и загриженост, која создава платформа за заеднички приоритет на сите – а тоа е поддршка на бизнисот во криттичниот момент на неговото функционирање. После големата епска битка да ја примораме Владата да презема активности на овој план, следи уште потешката – да ги  потврдиме мерките со кои ќе бидат поддржани компаниите.


Претседателе, на 28 септември чекаме убава вест.
 


Министерот за економија, Крешник Бектеши: Што ќе кажам на 28 септември пред бизнисмените?



Неделава ја започнуваме со значаен бизнис-форум во Загреб, каде одиме со заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Фатмир Битиќи. Тоа ќе биде силен бизнис форум на кој ќе присуствуваат шеесетина компании од двете земји. Повод е 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Хрватска и Република Серверна Македонија, но и формирањето на новиот Деловен клуб меѓу Македонија и Хрватска, кој исто така ќе биде значајна алатка за подигнување на нивото на трговската размена.

Вторник е резервиран за потпишување на Декларацијата со државните универзитети, со што ќе се зголеми бројот на инсистуциите кои го поддржуваат овој документ од исклучителна важност за бизнисот.

Оваа недела ќе се одржат и две значајни активности на Коморскиот инвестициски форум (КИФ) во Црна Гора и Белград, а минатата недела успешно беше организирана Акакдемијата на КИФ во Брезовица, Косово, каде имаше и наши претставници.

Се на се некако како да се интензивираа активностите на почетоот на есента, која ќе биде исполнета со многу предизвици, а централно ќе биде прашањето за електричната енергија.

Служба за информирање при Комората