АЗЕСКИ И БЕКТЕШИ СО НАЈГОЛЕМИТЕ 10 КОМПАНИИ ПОТРОШУВАЧИ НА ЕНЕРГИЈА РАЗГОВАРАА ЗА ПРЕДЛОЗИТЕ КОИ БИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ПАКЕТОТ МЕРКИ ЗА ПОДДРШКА НА БИЗНИСОТ
➢ Актуелно (15.09.2022, во 21:37:54)
👁 Прочитано: 343




АЗЕСКИ И БЕКТЕШИ СО НАЈГОЛЕМИТЕ 10 КОМПАНИИ ПОТРОШУВАЧИ НА ЕНЕРГИЈА РАЗГОВАРАА ЗА ПРЕДЛОЗИТЕ КОИ БИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ПАКЕТОТ МЕРКИ ЗА ПОДДРШКА НА БИЗНИСОТ

Во услови на актуелната енергетска криза, во Стопанската комора на Северна Македонија се одржа работен состанок на претседателот Бранко Азески со министерот за економија Крешник Бектеши, на која присуствуваа и 10-те  компании кои се најголеми потрошувачи на енергија во РСМ.

„Состанокот со ’Еуроникел’, ’Макстил’, ’Бучим’, ’Титан’, ’Сол’, ’ Булмак’, со ’Таб Мак’, ’Либерти’, „Технички Гасови“ и со ’Дојран стил’, кои се сериозни потрошувачи со 20 % учество во вкупната потрошувачка на енергија и значајни субјекти во државава, како и со министерот за економија Крешник Бектеши, беше искористен за да се слушне мислењето на компаниите, бидејќи дел од нив се странски компании и имаат информации и од своите централи“, истакна претседателот Азески по средбата во изјава за медиумите. „Состанокот“, вели Азески, „беше искористен за квалитетна размена на мислења и на информации и на тој начин се направија подготовки за конципирање на пакетот мерки за поддршка на бизнисот, на кој, како Стопанска комора, работиме повеќе месеци наназад, со цел одржување на конкурентноста на домашната економија и на работните места во компаниите, во услови кога во регионот цените на струјата се многу пониски и гарантирани.“

„Ваквите состаноци, кои во низа ги правиме со повеќе чинители кои имаат свое влијание во синџирот на обезбедување енергија за компаниите, се во пресрет на конечното креирање на пакетот мерки најавени за крајот на овој месец, во услови кога сметките за потрошена електрична енергија на фирмите се зголемени за 4 до 6-пати“. Азески посочи дека бизнисот очекува мерките што ќе се донесат да имаат предвидливост за стопанството, барем до крајот на годината, и укажа на континуираната соработка со надлежните институции за да се помогне таму каде што е тоа најпотребно. Шест од десетте компании кои се на отворениот пазар и кои можат слободно да набавуваат струја од каде што сакаат денеска изразиле желба да формулираат определени барања, кои ќе бидат разгледани, и да бидат директно вклучени во мерките што ги конципира Владата за 28 септември. Рокот за поднесување барања од овие компании спрема Владата е до вторник следната недела.

Министерот Бектеши изјави дека за компаниите ќе се обезбеди доволно електрична енергија, но се прават максимални напори цената на струјата да биде што порационална. „Македонска делегација утре заминува во Софија за да ги заокружи преговорите со Бугарија околу обезбедувањето на потребните количини електрична енергија, а тимови од Србија денеска престојуваат во земјава и се прават последните договори за продлабочување на соработката“, соопшти министерот за економија.

Отворениот пазар за снабдување работи во согласност со принципите на берзата. „Има одлука на Владата“, вели Бектеши, „дека ниеден трговец кој е лиценциран не може да има поголема маржа од 10 отсто од денешната референтна берзанска цена. Тоа е еден вид поддршка ако процентите на трговците биле поголеми. Сите напори што ги правиме се насочени кон тоа да има рационални цени, кои ќе можат да ги сносат нашите компании кои се на слободниот пазар. Не зборуваме само за обезбедување количини на електрична енергија зашто тие количини ги имаме од увоз и тоа не е проблем. Проблем е делот со цената кој сакаме да го решиме билатерално со нашите соседи и тоа да биде за целата грејна сезона“, нагласи министерот.

Тој повтори дека ЕСМ ќе ги покрива сите потреби на регулираниот пазар, за сите домаќинства и за сите микро и мали компании, кои се вкупно 72.000.

Служба за информирање при Комората