МИСЛЕЊЕ ВО ВРСКА СО ПОВЕДЕНАТА ПОСТАПКА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА НЕДЕЛА КАКО НЕРАБОТЕН ДЕН
➢ Актуелно (15.09.2022, во 09:36:08)
👁 Прочитано: 338




МИСЛЕЊЕ ВО ВРСКА СО ПОВЕДЕНАТА ПОСТАПКА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА УСТАВНОСТА НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ ЗА НЕДЕЛА КАКО НЕРАБОТЕН ДЕН

Стопанската комора на Северна Македонија на 11 јануари 2022 година поднесе Иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија, за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (Службен весник на РСМ бр. 288/2021), во врска со воведеното законско решение со кое се уредува користењето на неделниот одмор преку воведување забрана за работа во недела и таксативно исклучување на одредени дејности кај кои неделниот одмор може да се користи друг ден во неделлата, при што се укажа дека истото не е во полза ниту за економските субјекти, ниту на работниците, и директно се задира во темелните вредности на уставниот поредок на државата. 

Во исто време, а во врска со измените на ЗРО околу недела неработен ден, Комората поднесе Иницијатива до Уставниот суд и за оценување на уставноста на членовите 4,5 и 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за трговија (Службен весник на РСМ бр.295/2021)

Врз основа на разговорите и средбите со Владата, кои се одвиваа во континуитет околу ова прашање, уште на 21 јануари 2022 година Стопанската комора на Северна Македонија јавно излезе со став дека на 18 февруари 2022 година, на денот на одбележувањето на сто-годишнината од Комората, ќе ги повлече двете поднесени иницијативи пред Уставниот суд, доколку, во разговорите со Владата по ова прашање, се дојде до прифатливо решение и за двете страни и се елиминираат проблематичните решенија во законот што го кочат редовното работење на компаниите. 

Стопанската комора на Северна Македонија, од донесувањето на измените на регулативата за воведување недела неработен ден до денес, имаше низа активности со кои се потврдува дека деветмесечната примена на ова законско решение не ги даде очекуваните резултати, видно од направените анализи и состојбите на терен, од една страна, како и потребата да се почитувааат еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, слободата на пазарот и претприемништвото и владеењето на правото, како темелни вредности на уставниот поредок на државата, од друга страна. 

Имајќи предвид дека согласно Уставот, одлуките на Уставниот суд се конечни и извршни, Стопанската комора на Северна Македонија ќе ја почитува одлуката што ќе биде донесена од Уставниот суд на Република Северна Македонија во врска со поднесената иницијатива за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи. 

Притоа, Стопанската комора на Северна Македонија потсетува на јавно изнесениот став на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески во изјави за медиумите, дека ќе дојде време кога сите ќе сфатат дека овој закон е неупотреблив и ќе биде повлечен. 

Дополнително, потсетувам на експлицитно изнесените аргументирани ставови на бизнис-заедницата, дека овие измени, покрај тоа што се во спротивност со темелните вредности на уставниот поредок, истовремено се и несреќно воведени во погрешно време, кога наместо да се најдат начини за полесно и пофлексибилно надминување на мултикризната состојба, а посебно енергетската криза, се воведуваат решенија со кои се придонесува за уште поголемо намалување на економската активност на бизнисите, со задолжителни одредби за прашања што се предмет на пазарна конкурентност, а не на државна регулација, и кои во светот веќе се напуштаат или воопшто не постојат. 

Стопанската комора на Северна Македонија препорачува што побрзо завршување на постапката пред Уставниот суд, а во меѓувреме очекува Владата да има конструктивен пристап во поглед на бројните аргументи за враќање на старото законското решение за недела неработен ден.

д-р Елена Милевска Штрбевска
потпретседател на Стопанска комора на Северна Македонија