КОМОРАТА И ВЛАДАТА НА „ТАБАНОВЦЕ“, ЗАЕДНИЧКИ ВО КОНТРАЛА НА ПРОТОКОТ НА СТОКИ ВО РАМКИТЕ НА ОТВОРЕН БАЛКАН
➢ Актуелно (29.07.2022, во 08:01:22)
👁 Прочитано: 1580



За нас како отворена економија и активна транзитна земја ефикасното преминување на границите е суштинско, а во согласност со реакциите на компаниите членки, во делот на регулативата и постапките, веруваме дека има простор за подобрување на состојбите
КОМОРАТА И ВЛАДАТА НА „ТАБАНОВЦЕ“, ЗАЕДНИЧКИ ВО КОНТРАЛА НА  ПРОТОКОТ НА СТОКИ ВО РАМКИТЕ НА ОТВОРЕН БАЛКАН Кликни за повеќе

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, со делегација од Комората и со министерот за внатрешни работи во Владата на РСМ, Оливер Спасовски, во присуство на првите луѓе од надлежните државни институции за непречено функционирање на протокот на „Табановце“, ќе оствари заедничка посета на граничниот премин во рамките на проектот на Стопанската комора за следење на протокот на стоки на граничниот премин „Табановце“, кој започна на 1 јули 2022 година, а ќе трае до 31 август. 

Комората, како дел од активностите во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ (за подобрување на условите за работа на компаниите во регионот и за олеснување на увозот и на извозот на стоки, како и на слободното движење на трудот и на капиталот), со свои вработени е директно присутна на најфреквентниот граничен премин во нашата држава, на кој само во јуни и во јули во двата правци границата ја поминале вкупно околу еден милион патници.

 

Во текот на јули вработените во Комората на „Табановце“ констатираа:

 

  • секој ден просечно по 40-ина камиони чекаат на преминот;
  • за товарни возила во функција е само една лента;
  • во екот на летната сезона и лентата за „Отворен Балкан“ е во функција за патничките возила, а камионите се оставени да чекаат; 
  • секојдневните прекини во напојувањето со електрична енергија, без можност за автоматско вклучување на агрегатите, ги блокираат системите;
  • на граничниот премин во колоната нема услови за одвојување на полните од празните камиони кои непотребно се задржуваат. 

 

 

По средбата во 13:00 часот изјави за медиумите ќе дадат претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески; министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и директорите на Царинската управа и на Агенцијата за храна и ветеринарство, Славица Кутиров и Николче Бабовски.  

Азески и министерот Спасовски, по завршувањето на активностите на „Табановце“, ќе реализираат уште една средба, на која ќе се согледаат можностите за поедноставување на сложената процедура за регулирање на престојот и на работата за странците во РСМ, по констатираните проблеми од компаниите членки во Советот на странски инвеститори во изминатиот период, како и по проблемите поврзани со регулирањето на престојот на странските државјани од определени земји, кои не можат да го регулираат својот престој поради административни пречки, чии причини не се познати, а инвеститорите имаат потреба од нив поради инвестиции, сервисирање опрема и слично.

Служба за информирање при Комората