КАКО ДО ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ НА РУДАРСКИОТ СЕКТОР ВО ЗЕМЈАВА?
➢ Актуелно (07.07.2022, во 09:24:44)
👁 Прочитано: 807



- ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МАР, ИВИЦА ТАЛЕВСКИ, УЧЕСНИК НА ШЕСТИОТ ФОРУМ MINEX ЗА РУДАРСТВО И ИСТРАЖУВАЊЕ
КАКО ДО ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ НА РУДАРСКИОТ СЕКТОР ВО ЗЕМЈАВА?

Претседателот на Македонската асоцијација на рударството, Ивица Талевски, учествуваше на Шестиот форум MINEX за рударство и истражување, кој се одржува во Тирана, Албанија, во периодот 5-7 јули годинава, каде што говореше за значењето на рударството за растот на македонската економија и за перспективите за негов одржлив развој.

„Дали е можен одржлив развој на македонското рударство е прашање кое буди особен интерес во изминатите години, доведувајќи до различни, па дури и до целосно спротивставени гледишта кај засегнатите страни (стопанството, државата, невладиниот сектор). Oдговорот треба да се бара преку согледување на улогата на рударството низ призмата на трите аспекти на одржливиот развој, односно низ економското значење, животната средина и социјалната димензија“, истакна Талевски во своето обраќање. 

Тој посочи дека повеќе од јасно е дека, од економски аспект, рударството има позитивно влијание врз развојот на македонската економија. Учеството на рударскиот сектор во БДП е околу 2 %, а во извозот околу 3,2 %. Според производите, најголемо учество во извозот имаат металните руди, дури со 76 % во вкупниот извоз. Нашата земја во континуитет остварува суфицит во трговската размена во секторот, т. е. извозот е поголем од увозот, а најголем суфицит во последните пет години е остварен во 2017 година и изнесува 94 милиони долари. 

Рудниците сочинуваат околу 1 % од вкупниот број компании во земјава и се занимаваат со производство на разни видови руда. Најголемо учество во структурата на компании, односно 67,2 %, имаат микрокомпаниите со 1-9  вработени; средните компании, кои вработуваат до 249 лица, се застапени со 2 %, а исто толку се застапени и големите компании, кои вработуваат над 250 лица.

Социјалната димензија беше презентирана од апсект на вработувањата и на платите, како и од аспект на позитивните примери на компании кои инвестираа и кои го зголемија производството, дури и во услови на кризни времиња. „Рударството, генерално, е поотпорно на надворешните шокови и влијанија. Секторот директно вработува 7.805 лица, а просечната исплатена бруто-плата е меѓу повисоките во државата, односно е повисока од просечната бруто-плата во земјоделството, шумарството и во рибарството дури за 67,1 %, во преработувачката индустрија за 58 %, во градежништвото за 42,8 %, а во трговијата на мало за 45,5 %. Доколку се земе предвид поврзаноста на рударството со другите стопански гранки, како и учеството во приходите на државата и на локалната самоуправа во однос на придонесите, даноците и на другите давачки, позитивното влијание е многу поголемо“, дополни Талевски. 

Талевски даде осврт на грижата за животната средина преку работењето на САСА како општествено одговорна компанија и како еден од најголемите македонски рудници, кој континуирано инвестира во одржлив развој. „САСА вложува 30 милиони долари за модернизација на производството и дополнителни 25 милиони долари за поефикасно ископување. Покрај финансиските инвестиции, САСА води голема грижа и за безбедноста при работата и за развојот на човечките ресурси, притоа паралелно развивајќи и применувајќи методи и стандарди за заштита на животната средина“, заклучи тој.

Оттука, низ призмата на стопанството, рударството има потенцијал за одржлив развој, меѓутоа се поставува прашањето кои се пречките што треба да се надминат во таа насока.

Според Талевски, имајќи го предвид и извештајот на Државниот завод за ревизија за искористувањето на минералните суровини и за наплатата на надоместоците, предуслов за остварување одржлив развој е донесувањето стратешки документ со кој државата ќе ги определи основните насоки и долгорочните потреби за управување со минералните суровини, како и активностите преку кои ќе влијае врз нивното натамошно искористување. Особено важни се и унапредувањето на соработката меѓу сите засегнати страни, усогласувањето на работењето со стандардите во областа, како и натамошната надградба на институционалните капацитети за искористување на потенцијалите со кои располага секторот. 
 

м-р Нена Николовска
Експерт во организационата целина за претставување на членките и вмрежување