Денес во просториите на Стопанската комора, потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Анета Трајковска, оствари средба со амбасадорот на Народна Република Бангладеш за Романија, Северна Македонија, Молдова и Бугарија со седиште во Букурешт, Романија Н.Е. Мд Дауд Али.
На средбата беше истакната вкупната трговска размена меѓу нашата земја и Бангладеш изминатата година, која покажува зголемување од 39,5% во 2021 година, во споредба со 2020 година и ова зголемување е исклучиво резултат на растот на узвозот од македонска страна, додека извозот од нашата држава е незначителен. Потпретседателката Трајковска наведе дека минатата година, увозот од Бангладеш достигна 15,5 милиони долари и се однесува исклучиво на увоз на текстилни производи во нашата држава.
Бангладеш е земја која е осма по населеност во светот, втор извозник на текстил во светот, а земјата забележува стапки на раст и во услови на пандемија поголеми од 6% што укажува на нејзините потенцијали, и го потврдува интересот на странските инвеститори за вложување во таа земја. Овие аргументи се само дел од резултатите на нивната економија, што ни дава за право да ја констатираме потребата, да повикаме и работиме на продлабочување на заедничката соработка, истакна потпретседателката г-ѓа Трајковска.
Н.Е. Али го најави зголемениот интерес на Народна Република Бангладеш за регионот, осврнувајќи се на главните извозни индустрии на Бангладеш, меѓу кои се текстилната индустрија, фармацијата, производството на јута и други. Како интерес за нивната економија ги истакна суровините за текстилната индустрија, храната, маслото за јадење, жито, пченка, производи од машинската индустрија, но и хемиската индустрија. Народна Република Бангладеш последната денеција интензивно работи на проширување на својата мрежа на дипломатски претставништва, со цел зголемување на растот на својата економија, истакна Н.Е. Мд. Дауд Али.
На денешната работна средба се заклучи дека следните заеднички активности на економски план, ќе се насочат кон поврзување на двете бизнис заедници преку различните форми кои стојат на располагање на двете страни.