ПРОЕКТ НА КОМОРАТА „СЛЕДЕЊЕ НА ПРОТОКОТ НА СТОКИ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ’ТАБАНОВЦЕ’“ ТИМОВИ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ОД УТРЕ НА „ТАБАНОВЦЕ“ – ЌЕ ГИ СЛЕДАТ ПРОЦЕДУРИТЕ ЗА ВЛЕЗ И ЗА ИЗЛЕЗ НА СТОКИ
➢ Актуелно (30.06.2022, во 14:16:39)
👁 Прочитано: 772




ТИМОВИ НА СТОПАНСКАТА КОМОРА ОД УТРЕ НА „ТАБАНОВЦЕ“ – ЌЕ ГИ СЛЕДАТ ПРОЦЕДУРИТЕ ЗА ВЛЕЗ И ЗА ИЗЛЕЗ НА СТОКИ

Во наредните два месеца, во јули и во август, лица вработени во Стопанската комора на Северна Македонија ќе бидат присутни на граничниот премин „Табановце/Прешево“, односно на најфреквентниот граничен премин во нашата држава, со цел спроведување на проектот „Следење на протокот на стоки на граничниот премин ’Табановце’“. Во работните денови од јули и од август, од 9:00 до 15:00 часот, на конкретниот граничен премин ќе се прибираат изворни податоци од компаниите кои се извозно ориентирани, но и непосредно ќе се согледаат потенцијалните проблеми во соработката со надлежните органи, по што ќе следуваат и соодветна анализа на состојбите и предлози од Стопанската комора за подобрување на состојбите во делот на олеснувањето на протокот на стоки на граничниот премин.

За таа цел, на прес-конференција во просториите на Стопанската комора на Северна Македонија оперативниот директор за претставување на членките и за вмрежување при Комората, Билјана Пеева-Ѓуриќ, информираше дека Комората континуирано учествува во активностите поврзани со иницијативата „Отворен Балкан“, со цел подобрување на условите за работа на компаниите во регионот, односно со цел олеснување на увозот, извозот и на движењето на стоките, на слободното движење на земјоделските производи и на храната, како и на слободното движење на непрехранбените производи, трудот и на капиталот.

„Во рамките на оваа иницијатива, меѓу државите кои се нејзини поддржувачи (Македонија, Србија и Албанија) се потпишаа повеќе меморандуми и договори, кои треба да придонесат за олеснување на протокот на стоки, од кои значајни за протокот на стоки се договорите во делот на меѓусебното признавање на статусот овластен економски оператор, како и договорите за соработка во делот на ветеринарните и на фитосанитарните контроли, а и други активности кои беа спроведени со цел воспоставување заеднички контроли и предвидување зелени линии и посебни линии за проток на стоки од ’Отворен Балкан’“, истакна Пеева-Ѓуриќ.

„Стопанската комора на Северна Македонија, во соработка со својот партнер од Република Србија, Привредна комора Србије, во повеќе наврати реализираше средби со надлежните институции на граничниот премин, од македонска и од српска страна, како и со засегнатите страни од нивното работење (шпедитерите и претставниците на извозно ориентирани компании), односно континуирано ги следи состојбите во делот на меѓународната трговија и на транспортот“, вели оперативниот директор.

„За нас како мала и отворена економија и како активна транзитна земја ефикасното преминување на границите е суштинско, а Стопанската комора во континуитет укажува дека традиционалната улога на Царината и на другите органи кои вршат контроли на граничните премини треба да се менува од чувари заштитници на општеството од нелегални активности во партнери на компаниите. Во овој контекст, дигитализацијата, бесхартиените постапки, транспарентноста, формалностите пред и на границата, како и соработката меѓу институциите се императив за обезбедување непречен прекуграничен проток на стоки. Напредок во овој дел има и како стопанска комора изразуваме задоволство од соработката со надлежните органи во државата, но и со оние во регионот. Но, наедно, укажуваме дека, во согласност со реакциите на нашите компании членки, и во делот на регулативата и во делот на постапките, веројатно, постои простор за подобрување на состојбите, особено кога станува збор за контроли на специфичен вид стоки“, изјави м-р Анета Димовска, координатор на првата група вработени во Комората кои ќе присуствуваат на „Табановце“ во јули.

„И натаму на граничниот премин „Табановце“, кој е најфреквентниот граничен премин во нашата држава, може да се утврдат колони од транспортни возила, кои чекаат ред за да ја минат границата, како за влез така и за излез од државата.

Затоа, во наредните два месеца лица вработени во Стопанската комора на Северна Македонија ќе бидат присутни на граничниот премин „Табановце/Прешево“, со цел на дневна основа да се следат и да се анализираат состојбите и фреквенцијата на граничниот премин, но и практично да се согледаат ефектите од мерките кои беа преземени во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, но и, независно од конкретните мерки во рамките на иницијативата, генералната функционалност на граничниот премин, за да се утврдат потенцијалните можности за олеснување на протокот на стоката“, вели Димовска.

Лицата од Стопанската комора на Северна Македонија ќе бидат соодветно означени, за да бидат препознатливи за компаниите и за вработените во органите на граничниот премин, и ќе имаат канцеларија, која ни ја обезбеди Царинската управа, на која ѝ благодариме за соработката.

За одредени прашања поврзани со извозно-увозните и со транзитните постапки, компаниите ќе можат да се обратат до Стопанската комора на Северна Македонија и преку нашата веб-страница.

По завршувањето на следењето се надеваме дека овој проект на Стопанската комора на Македонија ќе заврши со конкретни предлози

1. до надлежните органи во нашата држава за прашањата кои се од нивни домен, со цел подобрување одредени состојби, но и

2. до партнерите во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ за прашањата кои се регионални и кои бараат постапување на органите од соседните држави.

Секако, од активностите очекуваме да произлезат и препораки до компаниите членки, но и да произлезат одредени едукативни настани, на кои би се укажало и би се едуцирале компаниите за можностите што им се на располагање, со користење соодветни постапки, со цел унапредување на нивното работење, овозможување навремени испораки, минимизирање непредвидени загуби навреме и избегнување акумулација на резерви и продолжено складирање од нивна страна.

Ги повикуваме компаниите активно да учествуваат во процесот и им се заблагодаруваме на надлежните институции, во прв ред на Царинската управа и на МВР, но и на Агенцијата за храна и ветерина, на Фитосанитарната управа и на другите инспекциски служби за соработката.

Служба за информирање при Комората