Германското know-how, трансфер на технологија и потенцијални области на соработка од заемен интерес во рамки на ЕЕН мрежата
➢ Актуелно (29.06.2022, во 15:32:18)
👁 Прочитано: 614




Германското know-how, трансфер на технологија и потенцијални области на соработка од заемен интерес во рамки на ЕЕН мрежата

Денес (29.06.2022) во просториите на Стопанската Комора на Северна Македонија се одржа работен состанок во рамки на ЕЕН (Enterprise Europe Network) проектот, со претставници од Комората, од МИР Фондацијата од Скопје, како и претставници од институциите на покраината Северна Рајна-Вестфалија, односно Државната канцеларија, Министерството за економски прашања, иновации, дигитализација и енергетика и Агенцијата за трговија и инвестиции.

На состанокот се презентираше работењето на Комората, како и активностите во рамки на ЕЕН мрежата, а дополнително се дискутираа области кои би биле од интерес за двете држави со цел вмрежување на компаниите и поттикнување на поголема соработка. Земајќи ја предвид актуелната светска ситуација и проблемите со кои се соочуваат компаниите, беше истакната важноста за наоѓање иновативни решенија кои би им помогнале на  компаниите полесно да се справат со енергетската криза. Германското know-how, трансфер на технологија, како и искористување на германското искуство при креирање политики би играле клучна улога во воспоставување рамка со цел на ублажување на последиците од кризата и постепено преминување кон обновливи извори на енергија, со што би се исполниле целите од Зелената агенда. Понатаму, како потенцијални области на соработка беа споменати текстилната индустрија, автомобилската и прехранбената индустрија.

Двете страни се согласија дека потребно е да се организираат настани во форма на Бизнис форуми, Б2Б средби и слично со цел максимално искористување на потенцијалот на двете држави во креирањето на win-win решенија.

Сојузна Република Германија традиционално е прв трговски партнер на Република Северна Македонија, и иако вкупната трговската размена за првите три месеци од 2022 бележи благ пад од 4,85% во однос на истиот период лани, остварена е вкупна надворешна-трговска размена од 1,2 милијарди САД $ што ја позиционира на првото место.

м-р Катерина Какашева-Азески
Асистент во организационата целина за претставување на членките и вмрежување