КОМОРАТА ДЕЛ ОД БИЗНИС ФОРУМИ ВО ТРЕВИЗО И ВЕНЕЦИЈА
➢ Актуелно (13.06.2022, во 12:27:07)
👁 Прочитано: 522




КОМОРАТА ДЕЛ ОД БИЗНИС ФОРУМИ ВО ТРЕВИЗО И ВЕНЕЦИЈА

На иницијатива на претседателот на Италијанско-македонската стопанска комора АПИ НОРДЕСТ, Мунир Шемши, а со поддршка на генералниот конзул на РСМ во Венеција, Стојан Витанов на 9 и 10 јуни се реализираа два бизнис форуми во Тревизо и Венеција, Република Италија. На форумите македонската делегација беше предводена од страна на заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот задолжен за дијаспора Џемаил Чупи, а дел од делегацијата беа и претставници на Стопанска комора на Северна Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии и Стопанската комора на Северо-западна Македонија. 

Во рамки на бизнис форумот се одржа и средба помеѓу претставниците на Коморите од С.Македонија со Фабрицио Алвиси, преставник на Вениспромекс - агенција за интернационализација која е основана од страна на три стопански комори во регионот Венето: Падова, Тревизо-Белуно и Венеција-Ровиго. На средбата акцентот беше ставен на интензивирање на економската соработка со компаниите од регионот Венето, при што беше потенцирано дека Италија традиционално се вбројува во првите 10 трговски партнери на Северна Македонија. Вицепремиерот Битиќи истакна дека државата нуди еден од најповолните пакети на поддршка за инвестиции во Југоисточна Европа, која што е 100% хармонизирана со ЕУ директивите за државна помош, споделувајќи дел од поволностите за инвеститорите како: поддршката на инвестиции во преработувачкиот сектор до ниво на 50% од вкупните инвестиции, можностите за ослободување на данок на доход и данок на добивка за период од 10 години, поддршката за нови вработувања со грантови до 4.400 евра по вработен.

Претставниците од Коморите ја истакнаа меѓусебната соработка со Владата која функционира преку Платформата за јавно-приватниот дијалог. Од особена важност е да се напомене дека во Северна Македонија функционираат повеќе од 130 компании со италијански капитал, од кој најголемиот дел се од чевларска, хемиска и металопреработувачка индустрија, изјави м-р Донев, в.д. оперативен директор за развој иновации и знаења во Стопанската комора на Северна Македонија, кој додаде дека во рамки на Стопанската комора, која годинава одбележува 100 години од своето основање, функционира и Совет на странски инвеститори кој 16 години е гласот на бизнис заедницата со странски капитал во државата. 

Венето спаѓа во најголемите и најразвиените италијански региони и е еден од водечките италијански регионални економии. Во 2017 година, вредноста на регионалниот БДП била 162 милиони евра и што претставува 9,40% од италијанскиот БДП. БДП по глава на жител изнесува 33.500 евра во 2017 година (соглсано Евростат, 2019 година).

Регионот Венето има високо специјализирано и конкурентно производство, претежно составен од мали и средни претпријатија. Главни индустриска гранка е земјоделието, кое е високо специјализирано и конкурентно. Венето е еден од водечките региони во Италија за производство на вино (19% од вкупниот број на Италија - ISTAT, 2019 година), и застапена е земјоделско-прехранбената индустрија, особено прехранбената индустрија во Ровиго, потоа печатарската индустија и издаваштво во Верона; текстилната индустрија во Тревизо и Виченца; мебел во Басано дел Грапа; злато и накит во Виченца, електрични апарати во Конељано и производство на очила во Белуно.

Регионот Венето е најголемиот  туристички центар со голем број на туристи, како шести европски регион во однос на ноќевањата (Евростат, 2017 година).

Според Регионалната иновативна рамка за 2019 година, Венето е одличен иновациски регион, еден од најиновативните региони во Италија. Во споредба со просекот на ЕУ, Венето покажува особена сила во однос на апликацијата за дизајн (75% над просекот на ЕУ) и апликацијата за трговска марка (52% над просекот на ЕУ).

 

Пред повеќе од 100 претстаници од Италија и Северна Македонија беа презентирани активностите и иницијативите на АПИ НОРДЕСТ, а во рамки на форумот покрај бизнис средбите беа реализирани и средби помеѓу градоначалници на општини од нашата земја и градоначалници на општини од регионот Венето. На настанот свое обраќање имаше и г-динот Умберто Ватани, поранешен министер за надворешни работи на Република Италија и поранешен генерален секретар на Обеднитетите Нации во два мандата, кој родум од Скопје говореше за важноста од меѓусебната соработка помеѓу двете земји која носи користи на двете страни.

Двата бизнис форуми имаа за цел да ги презентираат можностите за инвестирање во Северна Македонија, презентирајќи го концептот на “nearshoring” приближување на ланците на снабдување што во услови на пандемија и воени услови се покажа како особено важен за непрекинати деловни процеси.

 

 

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење