„Отворен Балкан“, и регионалната туристичка соработка создаваат можност за економски развој на регионот но и на секоја земја посебно.
➢ Актуелно (09.06.2022, во 11:07:17)
👁 Прочитано: 480




„Отворен Балкан“, и регионалната туристичка соработка создаваат можност за економски развој на регионот но и на секоја земја посебно.

На панел сесијата за туризмот насловена „Отворен Балкан отвора туризам“, во рамки на Самиот што вчера (8.6.2022 година) се одржа во Охрид, во име на Стопанската комора говореше м-р Зоран Јовановски потпретседател на Комората, кој во своето излагање укажа на неколку поенти кои му даваат значење на туризмот како дејност која во пост кризниот период може побрзо да стимулира економски раст. При тоа укажа дека во услови на нивото на технолошки развој на кое се наоѓаат земјите од Отворен Балкан многу е јасно дека полесно до девизен прилив ќе се дојде преку продажба на туристички производи, отколку преку производство на индустриски производи и обид за нивен извоз. Второ, туристите кои патуваат од различни дестинации во светот, пред се од подалечните, нема да одлучат да дојдат во регионот да потрошат толку долг пат само за да посетата една земја. Бенефитот секако ќе биде посета на трите земји истовремено. Сето ова ја прави атрактивна дестинацијата на регионално ниво и тоа не само од аспект на движење на туристите од земјите во регионот меѓусебно, туку пред се за туристи од трети земји. Б за ова да функционира вели Јовановски, потребна е и хармонизација на неколку работи на кои бизнисот укажува.

Прво да се отстрани препреката за работа во недела во туристичките центри.

Второ да се хармонизира политиката на визен режим во сите земји, бидејќи од трите земји, Македонија има најригидна визна политика во однос на туристи од трите земји што не ја прав целината на туристичката дестинација Отворен Балкан.

Трето да се усогласи регулативата на пазарот на трудот за да може рамномерно   да се обезбедат вработени за реализација на регионалната соработка.

Четврто, да се обезбеди регионално усогласување на осигурувањето на туристичките агенции од одговорност за вршење туристичка дејност, поседување лиценци и сл.

Петто, самите компании ќе мора да работат на унапредување на своето работење во согласност со глобалните трендови и тоа што го бара модерното време.

На панел сесијата се обрати и Инес Мукостепа, претседател на Унијата на трговско-индустриски комори на Албанија и Ненад Ѓурѓевиќ советник на претседателот на Стопанската комора на Србија кои изразија подготвеност бизнис асоцијациите да го вложат сојот максимум за реализација на заеднички туристички производ во насока на економски развој на регионот на Отворен Балкан бидејќи само со здружени регионални понуди во земјите од оваа иницијатива може да се донесат туристи, кои инаку не би дошле во одделните земји од регионот.

Во дискусијата на претставниците од стопанските комори беше заклучено дека реалниот потенцијал на регионот, археолошките и природни богатства, винскиот туризам, угостителството отвораат можности да се оствари потенцијалот за остварување на „Отворен Балкан“.

Панелот за туризмот го модерираше Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, кој исто така посочи дека „Поврзувањето на нашите економии, создавањето заеднички регионален пазар од над 10 милиони жители, е една од причините за создавање на иницијативата ‘Отворен Балкан’, која го поттикнува економскиот раст, овозможува слободно движење на луѓето меѓу државите, истовремено поддржувајќи го и унапредувајќи го туризмот“.

Во текот на сесијата централни обраќања имаа министерот за економија на Северна Македонија, Крешник Бектеши, Мирела Кумбаро-Фурчи, министерката за туризам и животна средина на Албанија и министерката за трговија, туризам и телекомуникации на Србија, Татјана Матиќ.

Во рамки на Самитот се потпиша меморандумот за соработка во областа на туризмот во Западен Балкан, со што, како што беше потенцирано, ќе се даде дополнителна институционална поддршка и можности за поврзување и зголемување на туристичката понуда на земјите од регионот.

 

Даниела Михајловска Василевска
Менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување