ПОТВРДЕНИ ДОБРИТЕ ДЕЛОВНИ ОДНОСИ СО ФИНСКА – КОМОРАТА ДОМАЌИН НА ФИНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА
➢ Актуелно (06.06.2022, во 21:06:35)
👁 Прочитано: 517




ПОТВРДЕНИ ДОБРИТЕ ДЕЛОВНИ ОДНОСИ СО ФИНСКА – КОМОРАТА ДОМАЌИН НА ФИНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА

Стопанската комора на Северна Македонија беше домаќин на делегација од Финска предводена од господинот Јане Сикко, советник за трговија во Амбасадата на Република Финска со седиште во Белград, која ја покрива и територијата на Република Северна Македонија и Црна Гора.

Во разговорите со домаќините, г-динот Сикко напомена дека денешната посета е само продолжување на добрите односи помеѓу двете држави, а токму присуството на фински компании кои денес одржаа деловни средби со македонски компании е доказ дека соработката постојано се унапредува. 

Билјана Пеева-Ѓуриќ, оперативен директор за претставување на членките и вмрежување истакна дека во изминатите години деловната соработка помеѓу двете земји се движи во нагорна линија за што говори и трговскиот суфицит  од 77,3  милиони евра на македонска страна. Игор Маџаревиќ, економски советник во Амбасадата на Финска во Белград потврди дека најголем дел увозот од Северна Македонија го сочинуваат железо и метали, медицински инструменти и апарати, како и електрични машини и делови, додека извозот во Северна Македонија го сочинуваат, хартија, картонска амбалажа, пластика, пластична маса и машини.

Од особено значење е соработката со Финска од која може многу да се научи, земајќи ги предвид стратешките цели на Комората, како најважни сфери на кои може да се темели и финското искуство се образованието и дигитализацијата, заклучи Пеева-Ѓуриќ.

М-р Михајло Донев, в.д. оперативен директор за развој, иновации и знаења ги презентираше активностите кои Стопанската комора ги спроведува во доменот на образованието истакнувајќи ги значајните резултати кои во изминатите години се постигнати во доменот на стручното образование и обука, каде од 11 компании вклучени во практична обука, е стигнато до бројка од 211 компании вклучени во дуалното образование од минатата учебна година, за оваа година бројката да се движи кон 500 компании. Преку вклученоста во проекти Комората ги исполнува целите на компаниите членки и се обидува да го реши недостигот од стручен кадар, проблем со кој се соочуваат сите земји во регионот. М-р Донев ги презентираше и активностите кон дигитализација на Комората, истакнувајќи дека токму едно од решенијата за дигитализација на издавањето документи за надворешно-трговско работење за што Комората се стекна со признание Дигитален шампион доделено од страна на Меѓународната трговска комора, Светската трговска организација и Меѓународниот трговски центар.

На состанокот присуствуваше и Анета Пешева, претседател на управниот одбор на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) која исто така говореше за важноста на дигитализацијата и потребата од забрзување на дигитализацијата на јавниот сектор и усогласувањето на податоците кои ги генерираат јавните институции, укажувајќи дека Коморите заеднички соработуваат и водат активен дијалог со владата преку Платформата за јавно-приватен дијалог.

Г-динот Сикко изјави подготвеност од нивна страна да ги поддржат процесите за дигитализација, нудејќи ја својата експертиза како земја лидер во дигиталната трансформација, истовремено давајќи поддршка за афирмирањето на стручното образование кое во Финска има долга традиција и е докажан модел за успешност на една економија.

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење