СПЕЦИЈАЛНА МИСИЈА ВО БРИСЕЛ ПО НАЛОГ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ
➢ Актуелно (06.06.2022, во 23:27:02)
👁 Прочитано: 962




СПЕЦИЈАЛНА МИСИЈА ВО БРИСЕЛ ПО НАЛОГ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ АЗЕСКИ

Стопанската комора на Северна Македонија продолжува со реализација на своите активности кои водат до реализација на концептот „Комора на иднината“, а токму соработката на меѓународен план е еден од приоритетите на кои се темели новото позиционирање на Комората. Покрај регионалната соработка во рамки на Коморскиот инвестициски форум на шесте земји на Западен Балкан и иницијативите како Отворен Балкан и Асоцијација на балкански комори, Стопанската комора во фокус ја става и соработката со Европската Унија како наш најважен пазар на кој се пласираат македонските производи. За важноста на овој пазар говори податокот дека во првиот квартал на 2022 година извозот кон 27-те членки на ЕУ изнесува 1.518.614 илјади евра, кој го покрива увозот од ЕУ и бележи суфицит од 171.690 илјади евра.

Во таа насока изминатата недела беа реализирани неколку средби во Брисел кои водеа до запознавање со моменталните прилики во ЕУ и унапредување на соработката со партнерските организации. За таа цел в.д оперативниот директор за иновации, развој и знаења, м-р Михајло Донев оствари работна средба со Бен Бутерс, извршен директор на Асоцијацијата на европски стопански комори – Eurochambers, на кој беа дискутирани можностите за соработка во реализирањето на проекти кои обезбедуваат подобри услови за компаниите и го унапредуваат нивното работење како на домашен така и на странските пазари. Извршниот директор на Eurochambers беше информиран дека Стопанската комора на Северна Македонија има богато искуство во спроверувањето на проекти за што Комората е препознаена од страна на донаторите како партнер кој има капацитет да води конзорциуми и да имплементира активности кои водат до подобрување на условите работење и создаваат користи за компаниите.

Како продолжување на традиционалните добри односи со Унијата на турски комори и стокови берзи (ТОББ), врз основа на договорените активности на средбата во Анкара помеѓу претседателите Азески и Хисарчиклиоглу, беше остварена средба и со Претставништвото на ТОББ во Белгија, едно од најстарите претставништва во Белгија кое повеќе од 30 години е мост помеѓу компаниите од Турција и ЕУ.  
На средбата со господинот Нурај беа поздравени иницијативите помеѓу двете комори и поддршката која ја обезбедува ТОББ за јакнење на капацитетите на Комората. 
Добрите односи беа потвредени и со посетата на Претставништвото на Хрватската стопанска комора во Брисел. Според г-ѓа Ропац присуството во Брисел овозможило подобро следење на можностите и препораките кон бизнисите особено во времето кога Хрватска ги започнувала преговорите со ЕУ, со што од „прва рака“ се обезбедуваат информациите потребни за подготовка на бизнисите за настап на единствениот европски пазар.

Брисел како неофицијален центар на Европската Унија е град кој обединува многу економско-политички фактори, од таа причина насекаде може да се забележат странски знамиња на амбасади, постојани мисии, конзулати и репрезентативни канцеларии на региони, покраини и главни градови од другите земји членки и аспиранти за членство. Токму во една зграда гордо се веат и македонските знамиња, а тука се сместени Мисијата на Република Северна Македонија во ЕУ и Амбасадата на Република Северна Македонија во Кралството Белгија. Во разговори со нашите дипломати беше потенцирано дека постојат големи можности за унапредување на економската соработка помеѓу двете земји, особено во периодот по олабавувањето на мерките кога многу иницијативи го забрзуваат своето реализирање, за што се дава надеж дека како држава ќе можеме да користиме фондови и од други програми од ЕУ за кои досега не постоело формално-правни механизми за истите да бидат достапни.

Поради економско-политичките фактори Брисел привлекува многу интелектуалци кои се одлучуваат да работат и делуваат токму во центарот на ЕУ, а една таква личност е Марија Кумбароска, магистер по деловна економија на Универзитетот Лувен од Белгија, која моментално работи како советник во престижна консултантска компанија за регрутација на извршни менаџери за потребите на големите корпорации. М-р Кумбароска во следниот период ќе соработува со Комората и со своето искуство и познавања на состојбите во Брисел, ќе работи на создавањето можности за подобри економски релации помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

Заложбите на Стопанската комора за создавање поволна бизнис клима и интензивирањето на соработката со стратешките партнери, особено во услови на „мулти криза“ се нешта за кои секојдневно органите на Комората се ангажираат и работат во насока на обезбедување услови за непречено делување на компаниите, токму во таа насока оваа недела во Охрид ќе се одржи нов Самит на Отворен Балкан кој ќе донесе нови иницијативи и конректни активности кои ќе ја олеснат соработка помеѓу земјите членки.

м-р Михајло Донев
в.д. Оперативен директор за развој, иновации и знаење